Во Карбинци пуштено во употреба реконструирано училиште и водоснабдителен систем

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и градоначалникот на општина Карбинци, Васил Богдански денеска пуштија водоснабдителен ситем со техничка вода за селото Горни Балван.

Пешевски истакна дека техничката вода се обезбедува од Хидроситемот „Злетовица“, а се со цел на жителите од овој регион да им се овозможи развој на земјоделството, но и на сточниот фонд.

Министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на општина Карбинци, Васил Богдански денеска го пуштија во употреба реконструираното подрачно училиште во село Крупиште. Училиштето е реконструирано со средства од УСАИД и од буџетот на општина Карбинци, а во него учат 40 деца.

Министерот Кралев истакна дека општина Карбинци е одличен пример бидејќи континуирано инвестира во реконструкција и изградба на училиштата со цел да се подобри квалитетот на наставата.

- Со поддршка на Владата ќе продолжат инвестициите во образованието, не само во општина Карбинци, туку и во целата држава. За таа цел во буџетот за следната година се зголемени средствата предвидени за инвестиции, имаме обезбедено 40 милиони евра со кои планираме да реконструираме над 200 училишта, изјави Кралев.