Светска банка и одобри на Македонија гаранција за кредитни политики од 100 милиони евра

Бордот директори на Светска банка вчера ја одобри Гаранцијата за кредитни политики (PBG) од 100 милиони евра, која овозможува делумно покривање на заемите на Македонија во вредност од 130 милиони евра од меѓународниот банкарски кредитен пазар.

Со тоа и се овозможува на земјата пристап до нови финансиски извори по поволни услови и истовремено значи поддршка за продолжувањето на реформите потребни за подобрување на отпорноста кон надворешни шокови, како и градење на основа за посилна економија во иднина.

- Гаранцијата за кредитни политики ги поддржува реформите кои ќе помогнат во намалување на идните ризици за стабилноста преку зајакнување на одржливоста во јавните финансии и отпорноста на финансискиот сектор. Таа исто така ја поддржува подобрената заштита на најранливите, како и засилен поттик за учество во формалниот пазар на труд. Гаранцијата ќе и овозможи на Владата да позајмува за време на сегашните превирања под прифатливи услови и од различни финансиски извори, објаснува Лилија Бурунчук, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Гаранциите за кредитни политики се понудени на земји со солидни перформанси во подолг временски период. Македонија, според оценките на СБ, изгради силна репутација во текот на последната деценија во однос на макроекономската стабилност и применувањето важни структурални и социјални реформи за да го промовира развојот.

Реформската програма поддржана од Гаранцијата за кредитни политики е доследна со напорите за пристап кон Европската унија. Се очекува да има позитивно влијание врз функционирањето на работните пазари, водењето на економската и монетарната политика и социјалното единство, кои беа идентификувани како одлучувачки репери за почеток на преговорите за членство.

- Карактеристична особина на Гаранцијата е дека тие се многу често користени за да ги забрзаат тековите во приватниот сектор во земјите во развој. Слично како и Заемот за развојни политики. Гаранцијата ја поддржува владината програма насочена кон раст и намалување на сиромаштијата. На тој начин, со користење на Гаранцијата, земјите можат да имаат корист како од развојните цели на проектот, така и од основањето на релација со приватните инвеститори кои ќе станат особено значајни во напредувањето, вели Евгениј Најдов, главен економист за земјата и лидер на проектот.

Гаранцијата се издава од Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) и ќе покрие 100 милиони евра од основните 130 милиони евра на комерцијалниот заем со пет години рок на доспевање