Предлог буџетот за 2012 година: Зголемени капитални расходи за 28 отсто, повеќе средства за образованието, здравството, инфраструктурата и одбраната

Буџетот за наредната година е проектиран на 169 милијади денари, приходите се предвидени на 159 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 2,5 проценти од БДП. Растот на БДП е проектиран на 4,5 проценти, а инфлацијата на 2,5 отсто. Предвидено е зголемување на капиталните расходи за 28 отсто.

Ова го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по усвојување на буџетот од страна на Владата, кој треба да се прати на разгледување во Собранието истакнувајќи притоа дека тој е проектиран врз основа на анализите за движењата на економската активност на земјата.

- Се предвидува дека вкупната економска активност за 2012 година ќе биде главно движена преку пораст во инвестициите кои се предвидува да се зголемат за 8,5 проценти во што голем придонес ќе даде зголемувањето на капиталните инвестиции финансирани од Буџетот на Република Македонија. Во однос на вработеноста се предвидува умерен пораст и постепено намалување на стапката на невработеност, а во однос на стабилноста на девизниот курс претпоставките се дека и натаму ќе се задржи истото стабилно ниво на девизниот курс и адекватно ниво на девизните резерви. Тоа е што се однесува до макроекономските претпоставки, истакна на прес-конференцијата вицепремиерот и министер за финансии Ставрески.

Тој појасни дека во однос на оваа година проектираниот раст на приходите и расходите изнесува 5,7 отсто што, како што рече, значи дека со доза на внимание и умереност се проектирани и приходната и расходната страна.

- Тоа е нешто понизок раст на приходите и расходите во однос на тоа што е проектирано претходните години како номинален раст на приходи и на расходи главно заради состојбите во европската економија иако нашите очекувања се дека во Република Македонија со проектираните капитални инвестиции и останатите проекти што се предвидени во Буџетот ќе можеме да го оствариме растот од 4,5 отсто, вели вицепремиерот Ставрески.

Според предлогот предвидено е зголемување на капиталните расходи за 28 отсто, а повеќе средства ќе има и за образованието, здравството и инфраструктурата.

- Втора карактеристика на Буџетот освен умерениот пораст на приходи и на расходи е  тоа што е предвиден висок пораст на капиталните инвестиции од 28 проценти во однос на оваа година. Тоа се надврзува на претходната политика на Владата за постојан пораст на капиталните инвестиции при задржување на понизок пораст или непроменето ниво на тековните расходи со цел да се промени позитивно структурата на вкупниот буџет и да се зголеми учеството на капиталните расходи или вкупните расходи. Врз тие основи капиталните расходи за следната година се проектирани на ниво што е за 28 проценти повисоко од оваа година и во тие рамки предвидено е да продолжат проектите коишто се финансираа оваа година, но и да почнат повеќе нови проекти, посочи Ставрески.

Проектите, како што рече, се во патната инфраструктура каде што е предвидено започнување на реализацијата на Коридорот 10, изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица, интензивна реализација на регионални локални патишта финансирани со пари од Европската банка за обнова и развој и почнување на реализација и завршување на други проекти кои се со локално значење, односно локални и регионални патишта.

Во тие рамки во склоп на железничката инфраструктура предвидени се и инвестиции во Коридорот 10 на негова реконструкција, а на Коридорот 8 предвидено е да почне реконструкцијата и потоа во втората фаза доградбата на пругата кон Бугарија. Во следната година има оставено пари за почнување на овој проект кој ќе трае неколку години. Предвидени се и низа други проекти што се однесуваат за реконструкцијата на болниците и здравствените установи, реконструкција на затворите, но и проекти во образованието каде со кредитни средства од Банката за развој при Советот на Европа ќе се пристапи кон реновирање на сите основни училишта и доизградба на спортски сали во многу основни училишта во Република Македонија.

Растот на БДП е проектиран на 4,5 проценти, а инфлацијата на 2,5 отсто.

- Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на ниво од 2,5 проценти од БДП што повторно ќе ја вброи Македонија во земјите во Европа со најниско ниво на буџетски дефицит и е прилично пониско од мастрихтшкиот критериум од 3 проценти. Македонија останува земја со ниско ниво на буџетски дефицит кој главно ќе биде финансиран со надворешно задолжување, односно надворешни извори за финансирање на дефицитот, а на домашен план се предвидува натамошно развивање на пазарот на хартии од вредност преку редовни тримесечни емисии на долгорочни државни записи, петодишни и седумгодишни кои главно очекуваме да бидат купувани од страна на пензиските фондови, истакна на прес-конференцијата Ставрески.

Тој Буџетот го оцени како објективно поставен и реален во, како што рече, вакви околности во какви што се наоѓа европската и светска економија. Во него, додаде, се вградени сите приоритети од Програмата на Владата при што повеќе средства отколку претходно се издвојуваат за образованието, здравството и инфраструктурата. Во делот на инфраструктурата покрај патната и железничката повеќе пари има и за изградбата на слободни економски зони.