„За политиката нема место во образованието“

Министре, има ли паралелизам во Министерството за образование со оглед на тоа дека се изнагледавме на многу различни одлуки како во Министерството, така и во релациите со општинските училишта каде што се директори и градоначалници од редовите на албанската етничка заедница?

Во Министерството за образование и наука, како и во сите други институции во Македонија има јасно поставена структура на управување во Министерството со соодветни овластувања и ингеренции за секој функционер и вработен. Во такви услови не можеме да разговараме за дуализам, туку за заеднички напори за остварување на зацртаните проекти и надминување на предизвиците со кои се соочуваме.
 

Дали образовниот систем и, секако, учениците стануваат жртва на меѓупартиските и меѓуетничките недоразбирања?

За политиката нема место во образованието, тоа е јасно и треба да биде почитувано од сите политички субјекти. Користењето на образованието во политички цели можеби ќе донесе некој поен на дневнополитичка основа, но на подолг рок сите ќе изгубиме со такви настани.

Градоначалниците, практично, имаат слободни раце да носат одлуки, без притоа да се консултира Министерството. Постои ли злоупотреба на надлежностите и прекин во комуникацијата со Вас и како да се надмине тоа?

Согласно со процесот на децентрализација, градоначалниците се оние што управуваат со образованието во рамки на своите општини. Некаде тоа функционира одлично и е пример како локалната власт може да го унапреди процесот на образование. Во мал дел од општините тоа е предизвик затоа што се користи за други цели кои не придонесуваат ниту на еден начин за квалитетно образование. Министерството за образование и наука треба да биде еден вид контролор на овој процес и сметам дека законската регулатива во тој дел може да биде подобрена, што ќе овозможи поквалитетна контрола над начинот со кој градоначалниците менаџираат со образованието.

Вашиот став е дека ставањето табли со новите имиња на училиштата во Чаир без одобрение од Министерството е спротивно на законот. Најавивте казни за правниот субјект и за директорите на училиштата. Дали со тоа се реши проблемот? Што ќе биде ако надлежните во Чаир ги платат казните, а не ги тргнат таблите со новите имиња, како што се случи?

Ставот за ова прашање беше кажан во јавноста во неколку наврати од страна на Министерството и на Државниот просветен инспекторат. Постапката е во судска процедура и очекуваме судска одлука која ќе ги потврди наодите на Инспекторатот пред да се разгледаат понатамошни мерки.

ЕУ финансира (инвестира) околу милион евра за интегрирано образование. Може ли да објасните што значи поточно интегрирано образование?

Неколку донатори помагаат во реализација на програмата за интегрирано образование, меѓу кои УСАИД, ЕУ и норвешката влада. Целта е во етнички мешани училишта да се креираат програми и активности за ученици од различна етничка припадност кои ќе им помогнат преку зголемена интеракција да научат да ги почитуваат меѓусебните разлики во однос на јазикот, религијата или културата. Веќе реализиравме кампови на мултикултурата, заеднички екскурзии, како и подобрување на условите во овие училишта и уште многу други активности за кои секогаш поддршката од наставниците и родителите е пресудна за успех. Досега сме пријатно изненадени од позитивната реакција на сите. Интегрираното образование е иднината на нашиот образовен систем.

Кои проекти се досега спроведени во областа на образованието и што ќе следува понатаму за подобрување на оваа важна сфера?

Кога зборуваме за реформи во образованието, мора да ја направиме природната граница помеѓу основното и средното образование, од една страна, и високото образование, од друга страна. Ќе се осврнам само на мал дел од проектите. Во основно и во средно веќе најавивме проект за превод на учебници од кои се учи во Велика Британија, кој планираме да го реализираме во почетокот на идната година. Продолжуваме со интензивна реконструкција и изградба на училишта во цела Македонија. Употребата на информатичката технологија во училиштата останува приоритет и затоа донацијата од „Телеком“ во форма на интерактивни табли за училиштата е од исклучителна важност. Во високото образование продолжуваме со проектот што им овозможува на наши студенти целосна стипендија доколку се запишат на најреномираните 100 универзитети во странство (од областа на техничките науки првите 200). За следниот период посебно во фокус на нашето внимание ќе биде и законската регулатива за евалуација на студиските програми и високообразовни институции која ја спроведува Одборот за акредитација и евалуација. Квалитетот на високото образование мора да биде во преден план на сите реформи кои ги спроведуваме со цел да овозможиме конкурентна работна сила за пазарот на труд, а со тоа и конкурентна економија.
 

Деновиве во медиумите се појавија написи за доцнење на платите на неколку универзитети во Скопје и во другите градови, а има и поплаки дека нема греење во одредени високообразовни институции. Се соочува ли Министерството со образование со финансиски проблеми?

Во услови на светска економска криза, Владата овозможи вработување на 200 лица во јавните високообразовни институции. Поголем дел од тие вработувања се веќе реализирани пред крајот на самата фискална година без да се дозволи каков било застој во сервисирањето на обврските по основа на плати и други тековни трошоци кои се во надлежност на Министерството.

Една од најболните точки во образованието секоја година е битката за студентско легло во домовите во земјава. Студентите обвинуваат за партиска поделба на сместувањето. Постојат ли вакви злоупотреби?

Секој од студентските домови има своја управувачка структура која е одговорна за распределбата на сместувањата да ги спроведе максимално транспарентно и во согласност со правилата и законите што ги регулираат овие прашања. Министерството за образование и наука планира донесување и на нов закон за студентски стандард кој ќе овозможи дополнителни механизми за утврдување на одговорност доколку има вакви појави.

Дали сте разочаран зашто токму преку грбот на Министерството за образование и лично преку Вашиот грб се прекршуваат некои политики што немаат никаква врска со дејноста образование?

Моја задача останува да се обидам да обезбедам поквалитетно образование за сите кои се дел од овој процес. Можам само да повторам дека обидите на некои индивидуи да го вовлечат образованието во нивни дневнополитички цели се јасни за секој граѓанин и нема да им донесат поени, туку, напротив, ќе бидат изолирани и осудени од пошироката јавност.

 

Извор: „Утрински весник“

Новинар: Наум Котевски

 

Категорија: