Кралев: Повлечена суспензијата за користење пари од програмите „Доживотно учење“ и „Млади во акција“

Република Македонија од 2012 година повторно ќе може да користи пари од програмите на Европската унија „Доживотно учење“ и „Млади во акција“, по одлуката на Европската комисија за повлекување на суспензијата на децентрализираните акции, информира денеска на прес-конференција министерот за образование и наука Панче Кралев.

- Во периодот од една и пол година додека траеше суспензијата на програмите, Република Македонија и Европската комисија соработуваа во утврдувањето на активностите што требаше да ги реализира Националната aгенција за европски образовни програми и мобилност и Министертсвото за образование и наука во својство на национален авторитет за ЕУ програмите за да се подигне суспензијата. Крајната цел беше да се обезбеди правилно функционирање на Националната агенција и да се изградат национални капацитети за менаџмент на средствата од Унијата согласно регулативите на ЕК, врз основа на високи етички стандарди и интегритет, рече Кралев.

Тој нагласи дека за повлекување на суспезијата МОН и Националната агенција формирале Управен одбор на Агенцијата, номинирале претставник на Министерството во својство на национален авторитет за ефективно управување со Националната агенција и оти е подготвен нов договор за соработка меѓу МОН и Националната агенција.

- Агенцијата ја унапреди својата работа од аспект на утврдување постапки за обезбедување етичност и интегритет во работата, унапредена е организациска структура, интерните процедури и ефикасност во работата, вклучувајќи и транспарентен финансиски менаџмент и интерна контрола, истакна ресорниот министер.

Со програмата „Млади во акција“, нагласи дека младите во земјава ќе имаат можност да продолжат да го развиваат чуството за активно европско граѓанство, солидарност и толеранција меѓу младите европјани и нивно вклучување во обликување на иднината на Унијата.

- Поучена од негативното искуство со суспензијата на ЕУ програмите „Доживотно учење“ и „Млади во акција“, Република Македонија е цврсто определена во 2012 и 2013 година да ги искористи за развој на стабилна структура во рамки на МОН за поддршка на Националниот авторитет, која ќе спроведува ефикасни второстепени контроли на работата на Националната агенција, како и прераснување на Агенцијата како национална структура со капацитет да функционира согласно европските правила и стандарди. Ќе се вложат сите напори за вклучување на земјава во новата програма „Образование Европа 2014-2020“, додаде Кралев.

Претставникот на Европската унија во Македонија Робин Лидл информира дека програмите ќе ги покриваат сите нивоа во образованието почнувајќи од обуки во градинките па се до универзитетите.

- На земјата и е потребно образование за да продолжи да се движи напред, како и сите европски земји на кои што им се потребни млади флексибилни луѓе кои поседуваат солидно образование за да можат да ја движат земјата напред, рече Лидл.

Тој додаде дека овие програми ќе им помогнат и на наставниот кадар и на учениците и студентите да се подготват за идниот професионален живот.

Дарко Димитров, в.д директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност информира дека во јануари идната година ќе бидат објавени повиците за аплицирање.

Со овие програми, според него, Македонија ќе добие големи придобивки во однос на образованието и доустручувањето на потенцијалите.

Прашан за направената ревизија за работата на Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност министерот Кралев рече дека се направени проверки од Европската комисија и оти врз основа на тоа се направени и препораките што требаше да се направат за повлекување на суспензијата.

Категорија: