Јанакиески: Овозможивме алтернативен извор за финансирање на автопатиштата

Економски.мк: Економски.мк објави дека Владата во партнерство со кинеска банка ќе почне со изградба на автопати од Коридорот 8. Кога ќе почне реализацијата на овие големи инвестициски прокети?

Јанакиески: Владата на Република Македонија е цврсто решена да ја подобри патната инфраструктура во земјава и во изминатиот период континуирано имплементираме повеќе проекти со кои се овозможи изградбата на голем број нови локални патишта, реконструкцијата на регионални патишта, но и изградба на автопат – во делот на комплетирање на патниот Коридор 10.

За дел од патиштата кои претходно беа предвидени да се градат по пат на концесија, со оглед на тоа што немаше интерес од страна на компаниите, ние овозможивме алтернативен извор на финансирање. Користејќи ги преференцијалните кредитни линии, во соработка со „Експорт Импорт Банката“ на Кина планирана е изградба на патните правци Миладиновци – Штип, Штип – Кочани, Кичево – Охрид и Охрид – Св. Наум.
Во текот на изминатиот период остварени се средби со повеќе заинтересирани компании кои искажаа сериозен интерес за учество во проектот. На маргините на Конференцијата на Секретаријатот за соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа и првиот состанок на Националните координатори, Амбасадорот на Република Македонија во Народна Република Кина, г-дин Оливер Шамбевски го потпиша взаемно усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија и Експорт Импорт Банката на Народна Република Кина. Очекуваме наскоро да ги комплетираме процедурите и во првиот квартал на 2013 година да започнат градежните активности на делницата Миладиновци – Штип, за која и веќе е изработена целокупната документација.

Согласно заклучок на Владата на Република Македонија, во текот на месец октомври 2012 година потпишан беше договор за давање на консултантски услуги со Меѓународната Финансиска Корпорација (IFC), која е ангажирана како финансиски трансакциски консултант за изградба, одржување и наплата на патарина на делницата Гостивар – Кичево и одржување и наплата на патарина на делницата Скопје – Гостивар. Според договорот, консултантот ќе има задача да обезбеди консултантски услуги и изработка на студии и анализи, а исто така до Владата на Република Македонија да предложи финансиски модел и мерки на имплементација на проектот за концесија на патните правци. Ангажманот на консултантот ќе биде се до моментот кога Владата ќе потпише договор со потенцијалниот најповолен понудувач.

Економски.мк: Проектот гасификација конечно ќе почне да се реализира догодина. Во буџетот предвидени се пари за изработка на физибилити студија, а експертската јавност критикува дека пак ќе се трошат пари за нешто што веќе било направено. На што ќе се однесува таа студија и кога ќе почнат градежните работи за овој мега проект?

Јанакиески: Не знам за која експертска јавност станува збор. Во минатото речиси сите владини проекти кои се за доброто на Македонија во медиумите на некој начин се мета за неразумна критика од страна на таканаречени експерти по се и сешто кои имаат една и единствена цел – да направат ситен дневнополитички скор за себеси.

Не е точно дека била направена студија каква што правиме, ова е нешто што се прави за првпат во Република Македонија, согласно сите стандарди во оваа област. Ние добивме и грант од 170.000 евра од Европската банка за обнова и развој за техничка помош за изработка на Студија за влијание на животна средина за целиот проект за Национален гасификационен систем на Република Македонија. Во тек е постапката за избор на консултант кој ќе ја прави студијата и целата постапка е транспарентна, согласно правилата на ЕБОР. Се очекува во рок од 5 месеци по потпишување на договорот со консултантот, да биде изготвена анализата на проценката за Студијата за социјалното влијание и влијанието на животната средина на Националниот Гасификационен систем на Република Македонија. По изборот на консултант, ќе се отвори можноста за отпочнување на постапка за добивање на заем од ЕБОР за изградба на магистрална делница од Националниот гасификационен систем на Република Македонија.

Владата на Република Македонија донесе заклучок со овие средства да се финансира изградбата на делови од магистралните правци во две фази и тоа прва фаза во вредност од 113.230.818 €, која ги опфаќа магистралниот правец од ТЕЦ Неготино – Кавадарци–Прилеп–Битола и РЕК Битола–Кременица-граница со Република Грција, како и магистралниот правец Скопје-Тетово-Гостивар . Во втората фаза, која е во вредност од 145.170.452 € е предвидена изградбата на магистрален правец Хамзали – Ново Село (граница со Република Бугарија) , правецот Гостивар-ТЕЦ Осломеј-Кичево и преостанатиот дел на магистралните гасоводи од Националниот гасоводен систем во Република Македонија.

Согласно Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за регулирање на обврската на поранешниот СССР по пресметките сврзани со стоковната размена меѓу поранешниот СССР и поранешната СФРЈ, во тек е интензивна коресподенција помеѓу руската компанија „Стројтрансгас“ предложена од страна на Руската Федерација за изградба на делницата Клечовце-Штип-Неготино, со крак до ТЕЦ Неготино и АД Македонски енергетски ресурси Скопје во државна сопственост.

Разговорите се на ниво на решавање на соодветни технички прашања околу проектната документација, формално-правни и останати елементи, важни за формирање и доставување на конечна понуда за изградба и се очекува во најкраток период да бидат финализирани сите отворени прашања и дилеми, а со тоа и подготовка на Нацрт-Договорот за изградба на делницата.

Економски.мк: Продажбата на државно градежно земјиште треба да донесе инвестиции. Дали сте задоволни од динамиката со која тече продажбата, како и од собраните финансиски средства по овој основ?

Јанакиески: Заложбите на Владата на Република Македонија и активностите на Министерството за транспорт и врски во изминатиот период се очигледни и даваат резултати. Токму во тој поглед во изминатиот период се преземавме низа активности со цел овозможување полесни процедури за економските субјекти кои се заинтересирани да градат свои капацитети на територијата на Македонија.

Токму тоа се потврдува, односно преку процесот на отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија секојдневно се реализираат големи инвестиции. Ние овозможивме и самите општини, оние кои ќе ги исполнат соодветните услови, кои најмногу се однесуваат на капацитетите за работење, да можат самите да го продаваат и издаваат под закуп земјиштето што сметам дека е уште едно дополнително олеснување за бизнис-секторот затоа што можат целокупната постапка од отуѓување на земјиштето до обезбедување на градежно-техничка документација да ја завршат на едно место. Ние постојано во рамките на своите законски надлежности на брз и ефикасен начин да им овозможува на компаниите од земјава и од странство да обезбедат простор и погодна локација за развој на сопствениот бизнис. Се разбира сето ова е со цел да има нови инвестиции и раздвижување на економијата.

Економски.мк: Државата продава земјиште и во проектот Сончев град за кој тендерот е веќе распишан. Има ли заинтересирани компании за него?

Јанакиески: Министерството за транспорт и врски неделава даде согласност на планската документација која ни е доставена од општина Сопиште и викендов општината треба да објави оглас за отуѓување на земјиштето. Станува збор за една целосна градежна парцела со површина од 83,56 хектари со намена за изградба на три типа на објекти и – домување во станбени куќи со посебен режим на користење и заштита, ова се куќи со висок стандард и вили за кои минималната површина на градежната парцела изнесува 500 метри квадратни, домување во станбени куќи, што ги опфаќа сите видови куќи со дворови, како што се самостојни, двокуќи, куќи во низови, атриумски куќи и други, како градби со максимум три посебни станбени единици.

Исто така, предвидена е и изградба на станбени згради каде се опфатени сите видови на згради – станбено-деловни и станбени згради со резиденцијални станови кои можат да бидат изградени како самостоечки, блоковски низи, терасести и слично. Во планот е предвидено и заштитно зеленило во кое спаѓаат уредени зелени површини чија основна намена е да ги изолираат зоните со инкомпатибилни намени и имаат улоги на тампон зони.

Со оглед на тоа што станува збор за атрактивна локација, која е блиску до градот, а дополнително на ова од страна на Агенцијата за државни патишта е предвидена и изградба на нов пат, очекувам да има интерес од страна на инвеститорите и реализацијата на овој проект, но и на други проекти што ги овозможивме, како што се на пример висококатниците во општина Аеродром, би требало да го раздвижи пазарот на недвижности во Скопје и да придонесе кон поголема конкурентност и флексибилност на цените.

Економски.мк: Реконструкција на железничката инфраструктура и модернизација на желенизцата остануваат приоритети и за догодина. Што конкретно ќе се работи во 2013 година?

Јанакиески: Во 2013 година, поточно во првиот квартал од годината, се планира да се започне со градбата на делницата од Коридорот 8, источната страна, односно ќе започнат градежните работи на делницата од Куманово до Бељаковце во должина од 30 км. За ова аделница е веќе обезбеден кредит во висина од 46.400.000 евра од Европската Банка за обнова и развој, и обезбеден е грант за исплаќање на фирмата која ќе врши надзор над градбата.
Исто така, во 2013 година ќе продолжиме со изработка на осноните проекти за делницата од Бељаковце до Крива Паланака во должина од 34 км. За оваа намена се обезбедени грант средства за исплаќање на фирмата која ќе ги изработува прокетите. Се планира во текот на 2013 и 2014 година прокетите да бидат изработени и во втората половина на 2014 година да започне постапката за избор на градежната фирма која ќе ја извадеува градбата. Паралено со изработката на прокетите, Министерството за финансии во соработка со Министерството за транспорт и рски ќе ги започнат разговорите со двете Банки – ЕБОР и ЕИБ за обезбедување на заем во висина од 145.000.000 евра за изведување на градежните работи, а исто така ќе се обезбедат и средствата за потребите на надзорот над градбата.
За последната делница од овој дел од Коридорот 8, во 2013 година ќе започне постапката за избор на прокетантот. За оваа секција средствата ќе се обезбдат преку ИПА фондовите. Исто така од фондовите на ИПА ќе започне постапката за ибор на фирма која ќе ги изработува осноните прокети за делницата од Кичево до граница со Република Албанија.
Што се однесува до обновата на возниот парк, во првиот квартал од 2013 година ќе се објави тендерот за избор на призводител на нови 6 патнички гарнитури што претставуваат комплетно нови возови за патниците, како и набавката на нови 150 товарни вагови од различен тип. Рокот за производство и испорака на овие возни средства ќе биде 36 месеци, што значи до 2016 година истите треба да бидат произведени и испорачани во Република Македонија.

 

Извор : Eкономски.мк

Категорија: