Ставрески: Македонија доби 130 милиони евра од Дојче Банк и Сити Банк под исклучителни услови

Република Македонија доби понуда за заем од 130 милиони евра од Дојче банк и Сити банк по поволни услови, која Владата на денешната седница одлучи да ја прифати.

Ова го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој информира дека Владата донесе предлог закон кој е доставен до Собранието на Република Македонија и кој очекува да биде прифатен.

Заемот е со рок на отплата од пет години, со камата која во моментов изнесува 4,25 отсто плус 0,5 проценти провизија за Светска банка за гаранцијата на кредитот. Ќе се отплаќа еднократно по завршување на петтата година од денот на повлекување на средствата, а повлекувањето ќе биде во рок од 30 дена откако Собранието ќе го донесе Законот за задолжување на Република Македонија.

Според Ставрески, условите на заемот се исклучително добри, со оглед на тоа што вкупните трошоци за овој кредит нема да достигнат повеќе од 4,8 проценти, што е исклучително добра каматна стапка имајќи предвид што се случува на финансискиот пазар.

- Ваквата понуда е уште една потврда на неодамнешните резултати во Дуинг бизнис и потврдата од страна на Фич за целокупните економски политики што ги водиме овие години кои придонесуваат Република Македонија да биде оценета од страна на светските кредитори како стабилна земја со силни економски перформанси и макроекономски политики. Од тие причини, дури и во вакви времиња кога земјите доаѓаат тешко до финансиски средства и никој не прашува за цена, Република Македонија не само што доби 130 милиони евра, туку ги доби по исклучително поволни услови, истакна Ставрески.

Средствата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит за годинава и дел за наредната година.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Ставрески истакна дека проектираниот раст за следната година е реален, но напоменува дека во текот на годината ќе се анализираат состојбите и доколку  е потребно ќе се реагира соодветно.

- Секоја одговорна Влада во вакви околности прави различни сценарија во однос на тоа како може да се одвиваат настаните во Европа и соодветно на тоа какви последици може да има тоа врз Република Македонија. Нашите очекувања се дека со предложената структура на буџетот која е развојно поставена, во која силен акцент е ставен на капиталните инвестиции, како и со задржувањето стабилен банкарски сектор и ниско ниво на инфлација и стабилен девизен курс, Република Македонија  е исклучително добро позиционирана да се справи со евентуалните ризици од европската криза, истакна министерот и додаде дека во текот на годината ќе биде потребно да се остане активен, односно да се следат состојбите и соодветно да се реагира доколку е потребно.

Тој потенцира дека во сите можни сценарија Владата е сигурна дека Македонија со сопствените политики, со здравите економски политики и ниското ниво на буџетски дефицит, здравата монетарна политика и адекватната супервизија на банкарскиот сектор е добро позиционирана, односно дека нема причина за загриженост кај граѓаните од аспект на сигурноста на банкарскиот сектор и нивните штедни влогови и од аспект на тоа дека Македонија може да биде зафатена со должничка криза. Нашите показатели, истакна, се дека Македонија е земја која има ниско ниво на долг и тоа го потврдија и Фич и Светска банка и затоа ги добиваме овие средства од Дојче банк и Сити банк.

Министерот истакна дека во делот на извозот има и позитивни и негативни трендови во текот на оваа и следната година, односно дека европската криза негативно ќе влијае, но фактор во позитивна насока е тоа што компаниите што инвестираа во Македонија во текот на оваа година учествуваа со 17 проценти во извозот, а за наредната се очекува тој процент да се зголеми на над 20 проценти. 

За тоа дали ќе влијае кризата на зголемување на невработеноста, министерот Ставрески рече дека не очекува такво нешто и оти и при претходната криза не само што не се зголеми, туку се намали невработеноста.

Категорија: