Анкета: Граѓаните задоволни од Владата во првите сто дена, Груевски политичар со најголема доверба

Мнозинството од анкетирани граѓани се задоволни од работата на Владата во првите сто дена, премиерот Никола Груевски е политичар со најголема доверба, а ВМРО-ДПМНЕ би победила на евентуални парламентарни избори. Поддршката за влез во ЕУ и НАТО и натаму е висока, иако со тренд на намалување, но граѓаните се против членство ако услов за тоа е промена на името.

Тоа го покажуваат резултатите од спроведената телефонска анкета со 1.119 испитаници на Институтот за политички истражувања од Скопје од 28 октомври и 1 ноември годинава.

Висок процент од 49,6 отсто се задоволни од работата на Владата во првите 100 дена, 47,2 отсто сметаат дека Владата ќе ги исполни предизборните ветувања, а 45,8 дека оваа Влада е реформска. Од новите кадровски решенија во Владата задоволни се 42,1 отсто од граѓаните.

Најпопуларен политичар во кој граѓаните имаат најмногу доверба и натаму е лидерот на ВМРО - ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, а по него се лидерите на СДСМ, ДУИ и на ДПА, За Груевски се изјасниле 23,9 проценти од анкетираните, Бранко Црвенковски ги добил гласовите на 8,1 процент, Али Ахмети со 7,4 отсто, а по него е Мендух Тачи со 3,4 проценти.

На прашањето дали Македонија заслужува да добие датум за преговори за влез во ЕУ 86,1 отсто се изјасниле позитивно. Од анкетираните 83,7 и 83,4 отсто се за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО. Сепак, 62,9 проценти, покажуваат резултатите од анкетата, не би прифатиле промена на името за меѓународна употреба, со цел да станеме членка на ЕУ и на НАТО.

Висок процент од 70,6 сметаат дека е оправдана реакцијата на Владата до ЕУ поради изоставување на придавката „македонски“ од извештајот на Европската Комисија, а 70,2 отсто граѓани ја оправдуваат реакцијата на организации и здруженија од Македонија кои по тој повод испратија протестни писма до Штефан Филе. Во однос на тоа дека Владата прави се што е во нејзина моќ за да станеме членка на ЕУ и НАТО се изјасниле 54,8 отсто, додека тврдењето дека Владата не сака да влеземе во ЕУ и НАТО и ја носи Република Македонија  во меѓународна изолација го поддржуваат 29,3 отсто граѓани. 

На прашањето доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале, 23,9 проценти од испитаниците се изјасниле за ВМРО - ДПМНЕ, 13,6 за СДСМ, 7,5 за ДУИ, а 3,8 ДПА.

Резултатите од спроведената телефонска анкета со 1.119 испитаници на Институтот за политички истражувања од Скопје покажуваат дека и 45 отсто од испитаниците се со став дека беше оправдана одлуката за прекинување на пописот, додека 45,9 отсто сметаат дека во Македонија постои слобода на медиумите.

На крајот од анкетата на прашањето дали Македонија се движи во правилна или погрешна насока, 47,5 отсто се изјасниле потврдно.

Категорија: