Интервју со Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за порталот Курир

 

 

Курир: Неколку земји, членки на Европската Унија алармираа за бројот на лажни азиланти. Кои мерки МВР ги превзема за надминување на овој проблем и спречување на злоупотребата на безвизниот режим?

Јанкулоска: Од почетокот на визната либерализација, од крајот на 2009-та година, па во текот на целата нејзина имплементација евидентно се појавија определени проблеми, се појави одреден број на граѓани, државјани на Република Македонија кои свесно или изманипулирани од други лица направија одредена злоупотреба на визната либерализација. Поаѓајќи од фактот дека визната либерализација барем засега е најголемата придобивка од процесот на евроинтеграциите и има огромно значење на граѓаните на Република Македонија. Ние правиме максимални напори бројот на таканаречените лажни азиланти или попрецизно бројот на лица кои прават било какви злоупотреби поврзани со визната либерализација да се намали односно во идеални случаи да се сведе на нула. Во таа смисла МВР во соработка со други надлежни институции превзема различни типови на мерки кои подразбираат дејствување на различен начин. Пред се тука станува збор за превентивно дејствување, односно отстранување на причините заради кои ранливите категории на лица се охрабруваат да патуваат во земјите од ЕУ и таму да побараат азил. Делуваме и низ подобрување на условите за живот, образовние, здравството, прилагодување на социјалните примања кои ги имаат се со цел да не бидат мотивирани да заминат од Македонија, онака како што тие велат од економски причини. Од друга страна делуваме превентивно и во делот на информирање на овие граѓани, бидејќи факт е дека најголемиот дел од нив во своите апликации за барање азил навеле причини кои воопшто не се основа за да се добие азил. Впрочем и незначителниот број на лица од РМ кои во изминатите години добиле азил во било која земја од ЕУ зборува дека барателите на азил од РМ неминовно ќе бидат вратени во земјава и во таа смисла во превентивното дејствување ние настојуваме да ги информираме овие граѓани преку непосредни контакти, трибини и дирекна комунација дека едно вакво патешествие е неисплатлива работа, а крајот на истото е сосема извесен, тие ќе бидат вратени во Република Македонија. Паралелно со тоа ние превземаме и репресивни мерки кои подразбираат откривање на случаите каде што се случила злоупотреба и неодамна информиравме за неколку случаи каде што беа пријавени токму организаторите на злоупотребата на визната либерализација, односно лица кои потикнувале наши граѓани да заминат во западноевропските земји, односно посредувале при ваквите патувања со цел барање на азил. МВР заедно со надлежните инспекторати прави бројни проверки и на туристичките агенции и на транспортните претпријатија, меѓутоа продолжуваме и со оперативните дејства на терен  во смисла на откривање на оние лица кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и оние лица кои се јавуваат како организатори на ваквите патувања. Исто така согласно Законот за надзор на државна граница како Министерство воведуваме засилени контроли на граничните премини и како резултат на ова на речиси 7.000 граѓани на РМ не им е дозволен излез од земјава поради тоа што тие не биле во состојба да ја докажат целта на патувањето, односно доказите кои ги нуделе како наводна причина за нивното патување не ги исполнувале условите под кои функционира визната либерализација. Се на се ние интензивно работиме се со цел да се намали оваа бројка на таканаречени лажни азиланти, контактираме и со соодветните безбедносни служби и со властите на државите каде проблемот е најголем, за да низ еден партнерски однос се обидеме заедно да дејствуваме во смисла на брза и навремена размена на информациите за да може соодветно да реагираме и на некој начин да се справиме со оваа негативна појава, бидејќи не би сакале да се доведеме во ситуација каде однесувањето на еден помал број на граѓани ќе го доведе во прашање она што е голема придобивка за над 2 милиони државјани на Република Македонија

Курир: Се позачестени се и полициските акции каде се откриваат емигранти од Авганистан, Пакистан и останатите земји кои најчесто преку Грција влегуваат во Македонија. Како МВР се справува со нив, дали тие се згрижуваат кај нас или се враќаат во своите земји?

Јанкулоска: Воопшто проблемите поврзани со миграциските текови, легални и нелегани, посебно проблемите поврзани функционирање со системот на азил, некако заради проблемот со злоупотреба на визната либерализација ние ги гледаме повеќе од едната страна, односно од страна каде државјанин на Република Македонија претставуваат проблем за една земја. Меѓутоа бројките и фактите покажуваат дека и РМ не е помалку загрозена во однос на европските земји во смисла на притисокот од луѓе кои бараат азил и кои доаѓаат од земјите на Блискиот и Далечниот Исток, односно земјте каде имаше сериозни политички промени и потреси. Факт е дека Македонија се наоѓа на еден транспортен коридор и патиштата од Грција кон европски држави водат низ Република Македонија. Бројот на имигранти од тие земји е навистина голем и посебно голем е притисок од границата со Грција и посебно на сите ние е добро познато освен притисокот од азилантите проблем проблем е и функционирањето на институциите и во тоа смисла неколкукратно е зголемен бројот на баралети на азил во Република Македонија, но и притисокот од нелегални мигранти со кои се соочуваме пред се во делот на границата со Грција. Ние како држава настојуваме системот на азил онаму каде што е неопходно да бидат истражени и соодветно да бидат процесуирани случаите да функционира бидејќи навистина има луѓе кои имаат вистинки причини да го искористат овој систем, но од друга страна натојуваме да функционираат договорите за реадмисија, односно враќање на лицата со незконски престој во државите каде што претходно престојувале. Имаше определени проблеми во минатото за кои јас во повеќе наврати зборував, меѓутоа со сите сили се трудиме овој систем да функционира бидејќи за земја како што е Република Македонија, бројот од околу 500 баратели на азил во една година е навистина огромна бројка со која тешко може да се справиме, односно претставува голем притисок на нашиот систем на азил, посебно ако се земе во предвид фактот дека оваа бројка е нколкукратно зголемувана во однос на било која претходна година. Наспроти проблемите кои условно речено ги предизвикуваат нашите граѓани во другите земји од Европа и РМ се соочува со миграциски бран кој доаѓа од нашата јужна граница и ние тука мора соодветно да реагираме, односно да овозможиме оние законски механизми да функционираат, но и оние лица кои незаконски престојуваат да најдеме начин да ги вратиме онака како што налагаат договорите за реадмисија.

Курир: Неодамна Македонија повторно беше рангирана во групата земји кои успешно се справуваат со трговијата со луѓе. Колку оваа категоризација е значајна за македонската полиција и како тече борбата против овој криминал?

Јанкулоска: Некако одговорот на ова прашање природно се задоврзува на претходните теми. факт е дека во денешно време трговијата со луѓе е еден од најсериозните проблеми со кои државите се соочуваат и многу често, да не речам во најголем дел од случаите, овој проблем, овој криминал има меѓународна компонента. Во изминативе години навистина направивме многу сериозни напори прво за да Македонија се најде во групата земји кои најуспешно се справуваат со трговијата со луѓе. Заедно се Хрватска ние сме единствена земја од поширокиот регион, дури ако се споредиме со земјите кои веќе се членки во ЕУ. Сега предизвикот е уште поголем бидејќи откако ги достигнавме тие стандарди за борба против трговијата со луѓе и успеавме да се позиционираме во групата на најуспешни земји, ние треба да направиме напор да останеме во таа група и во таа смисла ги правиме сите законски и нормативни измени за да бидеме поефиксни во овој дел, но и практично имплементираме практики кои се покажале како ефективни во други земји се со цел во секоја наредна година да покажеме дополнителен напредок и во делот на откривање на ваквите случаи, но и во насока на превентивно делување и во делот на грижа за жртвите од трговија со луѓе. Навистина голем е предизвикот, но ние сме максимално посветени, тоа е мултиинституционална борба иако фокусот е на МВР, сепак тука во голема мера свое учество и влијание имаат и другите институции, односно другите министерства, но пред се Националната комисија за борба против трговија со луѓе.

Курир: Во однос на Законот за кривична постапка се прават нови измени. Колку истите ќе влијаат за поефикасна истрага?

Јанкулоска: Законот за кривична постапка кој е донесен од Собранието и кој парцијално веќе стапува во сила од ноември годинава е една целосна реформа на кривичното право и навистина измените кои се воведуваат со овој Закон се историски и радикални во смисла на начинот на водење на истрагата и постапките. Меѓутоа фактот што ние веќе прилично долго време се подготвуваме за имплементација на овој закон и таа подготовка на правиме заедно со Обвинителството и судовите ми дава за право да верувам дека успешна ќе биде имплементација на Законот за кривична постапка, а тоа во крајна линија ќе значи една моќна алатка за борба против криминалот. На почетокот неговата имплементација ќе започне во делот на организран криминал, а потоа онака како што се предвидени роковите ќе се имплементира и на остатокот од обвинителставата и јас верувам дека со еден ваков подобро координиран и синхронизиран настап на институциите ќе имаме една поефикасна борба против криминалот.

Курир: Дел од медиумите блиски до опозицијата во изминатиов период пишуваа дека посебно случаите кои предизвикуваат големо внимание во јавноста, паѓаат на суд. Ја извршува ли МВР професионално работата во однос на прибирањето на неопходните докази?

Јанкулоска: Кога ги анализираме ваквите тези во опозициските медиуми пред се заедно со настапите на опозицијата во јавноста, Собранието, нивните прес-конференции, навистина се доведуваме во една ситуација каде што со аргументи треба да се спротивставите на политички мотивирани дискусии кои не се базираат на аргументи и таквата дебата навистина како да се води на два паралелни колосеци. Ние се повикуваме на бројките и на фактите, тие се повикуваат на потребата за дневно политичка промоција или поентирање на дневно политички теми. Сепак фактите говорат дека ваквите констатации се мотивирани исклучиво од политички причини и ако ги споредиме бројките по однос на поднесени кривични пријави, завршени судкси процеси, осудени лица односно лица кои биле прогласени за виновни, ќе видиме дека ваквата констатација воопшто не кореспондира со фактичката состојба и не контрадикторна дури и со самите нстапи на истите тие медиуми  и на истите опозициски политичари кога буквално за секоја поднесена кривична пријава тие безусловно застануваат на страната на оние кои се осомничени за сторен криминал. Ќе потсетам само на неколку случаи кога тие дадоа безрезервна поддршка на осомничените за сторени тешки кривични дела, а потоа низ една судска постапка се докажа дека навистина таму се работеле за сериозен криминал. Само во случајот познат како „Пајажина“ судот пресуди над 100 години затвор, а истите тие медиуми и истите опозициски политичари, дури и пред да започне официјално судењето ги прогласија за политички мотивирани процесите, односно за процеси зад кои нема докази и аргументи. Нормално во една судска постапка, судот го кажа последниот збор и ја донесе одлуката по однос на тој конкретен случај. Или, пак, по однос на случајот „Кампања“  исто така и таму безрезервно застанаа во одбрана на осомничените, јас би рекла без да ги знаат фактите и без да се грижат и заинтересираат за истите, но и таму судот донесе соодветна одлука. Тоа само зборува дека се нема еден конзистентен пристап, значи за нив е неприфатливо дека борбата против криминалот и корупцијата треба, мора и ќе биде неселективна  и таа се однесува на секого без оглед на тоа дали се работи за лица од нивниот политички табор, за обични граѓани или претставници на институциите. Исто така ако погледнеме низ призмата на бројките факт е дека една незначителна многу мала бројка на поднесени кривични пријави резултираше со ослободителни пресуди. Најчесто тоа беа кривични пријави поднесени од други институции, а не од МВР, меѓутоа независно тоа е само потврда дека судовите носат одлуки врз основа на доказите и агрументите, а не врз основа на притисоците од јавноста, па макар тие притисоци да доаѓале и од опозициските политичари или опозициските медиуми што во основа е отприлика истата теза или истата група на луѓе која само ги менува методите на нивното дејствување. Јас можам да кажам дека ние ќе продолжиме со истиот начин на функционирање, односно ќе продолжиме да се бориме против криминалот и корупцијата на неселективен начин, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не, а фактите потврдуваат дека во еден огромен број на случаите, судот сепак утврдил вина кај сторителите и донел пресуда со која сторителите се прогласени за виновни. Легитимна е дискусијата да се спори околу висината на казната или дали лицето кое е прогласено за виновно е осудено на условна или ефективна казна затвор, бидејќи факт е дека за некои од случаите во јавноста имаше очекување на повисоки казни. Меѓутоа самата потврда од страна на судот дека доказите се доволни за едно лице да биде прогласено за виновно, само потврдува дека институциите професионално си ја работат својата работа.

Курир: Кој е ефектот од соработката која македонската полиција ја има со полициите од регионот, но и со ФБИ, особено во реализација на заедничките вежби?

Јанкулоска: Во практиката ние многу често се соочуваме со ситуации каде криминалот има меѓународна компонента, а тоа значи дека дејствијата кои се превземаат се на територијата на повеќе држави што само по себе значи дека во овие дејствија мора да се вклучат полициите од повеќе земји, или меѓународни институции, организации кои се занимаваат со борба против криминал. Во таа смисла исклучително корисно е кога имаме можност полициските службеници кои директно да терен се соочуваат со носењето на одлуки како да постапат во дадена ситуација кога имаат случај со меѓународна компонента може и практично да испробаат и да симулираат ситуации слични на оние во реалноста. Затоа настојуваме да имаме блиска соработка и со регионални и меѓународни институции и организации, но и со безбедносните служби од другите држави како што е ФБИ или било која друга служба на друга држава со која имаме заеднички интереси, а тие се борба против меѓународниот криминал или транснационалниот криминал. Бројките говорат дека во случаите каде сме постапувале заедно имаме добар успех и реализација и тоа е мотив повеќе да продолжиме со заеднички вежби, но и со заеднички полициски акции каде ќе дадеме одговор на меѓународниот криминал.

Курир: Во тек е процедура за новиот Закон за приватно обезбедување. Дали со негово донесување ќе се воведе ред во агенциите за обезбедување?

Јанкулоска: Ние сме длабоко уверени дека новиот Закон ќе значи една нова страница во областа на приватното обезбедување, бидејќи постоечката регулатива датира од 1999 година кога и условите за работа и проблемите со кои се соочувале лицата и компаниите кои работат во областа на приватното обезбедување биле различни од оние со кои се соочуваат денес. Токму затоа одлучивме наместо да одиме со козметички измени и дополнувања да направиме еден целосно нов закон што ќе ги рефлектира сите ситуации, односно сите проблематични состојби и ќе даде одговор на прашањата кои се наметнале како отворени во изминатиов период на дејствување. Воедно новиот Закон ќе ги нормира правилата на постапување или правилата на однесување кои со претходниот Закон и воопшто не беа регулирани и на тој начин не само што ќе воспоставиме една сосема јасна регулатива во делот на приватното обезбедување, туку и ќе создадеме можност за една подобра и потемелна контрола од страна на МВР врз агенциите за обезбедување што во крајна линија очекуваме да резултира со повисок квалитет на услугите кои овие компании ги даваат, но и со почитување на многу повисоки стандарди во оваа област, бидејќи и приватното обезбедување исто како и дејствувањето на полициските службеници во рамките на нивното обезбедување, понекогаш во своето работење е на работ на засегање на основните човекови слободи и права кој за на се врвен приоритет.

Курир: До каде е постапката за вработување на новите 300 полициски службеници, има ли кадар кој ќе ги задоволи потребите на полицијата?

Јанкулоска: Ние ја завршивме постапката на селекција на кандидатите, што значи дека во скоро време тие веќе ќе почнат со основната обука за полицаец. Навистина имавме огромен интерес што на некој начин го забави и самиот процес на селекција, бидејќи инсистиравме на детална проверка на сите аспекти од апликацијата освен во оној дел на моторичките способности имаше низа тестови кои се однесуваа на нивното општообразовно познавање, на нивниот психолошки профил, нивната здравствена состојба. Сите овие фази на проверка беа доследно спроведени и од една бројка над 7.500 кандидати ние успеавме да ги селектираме оние 300 кои беа највисоко позиционирани на ранг листата. Верувам дека направивме добар избор бидејќи имаше исклучително силна конкуренција и сега овие лица ќе почнат да се обучуваат за полицаец и откако таа ќе заврши во рок од 12 месеци, тие доколку успешно ја поминат обуката ќе бидат ангажирани во Министерството за внатрешни работи.

Курир: Кога МВР очекува да ги добие новите автомобили кои ќе ги заменат „крајслерите“, согласно договореното со компанијата која го доби тендерот?

Јанкулоска: Тоа беше една постапка која ние ја водевме во еден транспарентен процес. Јавната набавка се одвиваше по електронски пат и 5 компании се обидоа да дадат понуда која најмногу ќе одговара на потребите на МВР. Компанијата која ја понуди најниската цена, која беше за цели 100 милиони денари пониска од првично понудената највисока цена, превзеде обврска да ги испорача возилата во рок од 90 дена од потпишување на договорот, а тоа е нека е до крајот на оваа година. Меѓутоа во јавноста деновиве имаше информации дека таа компанија веќе почнала со увоз на возилата. Во моментот кога ќе ја комплетираат потребната бројка на полициски возила со полициска изведба јас верувам дека дури и пред рокот предвиден со договорот компанијата ќе биде во можност да ги испорача возилата и со тоа и официјално да ја започнеме замената на старите крајслери со нови полициски возила. Ова ќе биде една солидна обнова на возниот парк на полицијата што секако ќе значи подобрување на условите за работа и подобрување на средствата со кои работи полицијата односно кои им се на располагање на полициските службеници.

 

Извор: Интернет портал „Курир“

 

Категорија: