Груевски: Правиме максимални напори за да ја придвижиме економијата напред

- Во изминатите пет години се направија многу суштински промени. Македонија го оствари највисокиот годишен раст на БДП во поновата историја и највисоко ниво на странски директни инвестиции и покрај тоа што се случи најголемата светска економска криза. Правиме максимални напори за да ја придвижиме економијата напред.

Ова го истакнува премиерот Никола Груевски во интервју за неделникот „Капитал“.

- Во првото полугодие од 2011 година остварена е стапка на раст од 5,2 отсто што упатува дека Македонија се враќа на нивото на економски раст остварено пред кризата. Секогаш може повеќе и подобро, но доколку објективно се погледне врз реалноста ние треба да бидеме задоволни од сработеното. Со политиките и посветеноста на реализација на проектите што сме ги ветиле пред граѓаните ќе продолжиме независно од наметнатиот проблем со името, а тоа неминовно ќе придонесе за повисоки стапки на раст и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани, истакнува премиерот.

Тој додава дека реформите што се преземаат  ги даваат резултатите кои се потврдени и од Светска банка во извештајот Дуинг бизнис каде Македонија е на 22. место според условите за водење бизнис, во друштво на земји со високо развиена економска и пазарна структура. - Македонија повеќе години наназад е лидер во регионот на ЈИЕ, но со последниот извештај зад нас се и 19 земји членки на ЕУ и многу други високо развиени земји.

- Дека резултатите се тука, говори и податокот за СДИ во првите седум месеци од 2011, согласно кој тие достигнаа износ од 167 милиони евра, што е повеќе од вкупниот износ на СДИ во 2010 година, кога изнесуваа 159 милиони евра. Само последниве три месеци имавме отпочнување со реализација на 5-6 крупни гринфилд инвестиции на американски, индиски, руски и италијански фирми во слободните економски зони, кои ќе донесат зголемено производство, извоз и илјадници работни места. Значи, резултати од реформите има во практика, истакнува Груевски и додава дека во иднина очекува пријателското бизнис окружување во Македонија да биде препознаено од се поголем број инвеститори и тие во него да ги реализираат сопствените бизнис планови.

Во однос на распределба на средствата од Буџетот, премиерот вели дека парите од него се наменети за капитални инвестиции кои може да се забележи дека  постојано се зголемуваат. - Така во 2011  година за капитални расходи се предвидени за повеќе од 30 проценти средства во однос на претходната година. Во изминатиот период, Владата започна крупен инвестициски циклус, со кој конечно посериозно се инвестира во изградба на локални и регионални патишта, водоводи, канализации, амбуланти, училишта и проекти од областа на културата. Ангажираноста на градежните компании на реализацијата на инфраструктурните проекти придонесе за пораст на градежништвото во првото полугодие од 24,2 отсто. Независно што Европа ја зафаќа нова рецесија и секоја земја прави корекции кон намалување на проекциите во економијата, јас се уште се надевам и ќе направам се што е во моја моќ до истекот на овој период да го достигнеме ова проектирано ниво на инвестиции, или барем приближно до него, вели премиерот во интервјуто.

Во него додава дека нивото на доверба меѓу државата и приватниот сектор никогаш досега не било  подобро. - Владата гради партнерски однос со приватниот сектор, преку блиска комуникација со стопанствениците и нивните претставници и предлозите и мерките кои доаѓаа од страна на приватниот сектор, а беа прифаќани, вели Груевски, кој истакнува дека Владата е свесна оти државата функционира благодарение на приватниот сектор и даноците кои тој ги издвојува.

- Затоа од исклучително значење е тој да биде моќен и во добра кондиција, бидејќи на него почива целата држава, вели премиерот.

Тој посочува дека Владата нема намера да ги зголемува даноците, туку напротив да ги намалува.

За јавната администрација и вработувања во неа потенцира дека е стеснет просторот за какви било влијанија во процесот на селекција и избор на службеници и во администрацијата ќе се вработуваат луѓе со висок стручен и морален интегритет. - Со реформите кои ќе се спроведа, и со прераснувањето на администрацијата во вистински сервис на граѓаните, забелешките во однос на неа ќе исчезнат. Кога граѓаните и трговските субјекти ќе ги добиваат услугите брзо, ефикасно и евтино, а тој процес е веќе започнат, тогаш и нивната своевидна нетрпеливост, која што повеќе е стереотипна, ќе исчезне во целост, вели премиерот.

Во однос на случувањата во Европа вели дека е умерен оптимист пред се поради јасната определба на европските лидери за опстанок на  монетарната унија. - Македонија не може да влијае на случувањата во Европа, но Владата будно ги следи случувањата и е подготвена во секој момент да ги преземе неопходните мерки со цел да се амортизира негативното влијание. Впрочем Владата и во изминатиот период демонстрираше капацитет дека може да се справи во кризни ситуации преку дизајнирање и имплементација на соодветни економски политики, пред се тука мислам на четирите пакети на антикризни мерки, со чија помош македонската економија успешно ги надмина предизвиците на светската економска криза, истакна Груевски.

Во однос на прашањто за спорот за името, тој потенцира дека се работи за прашање на кое максимално посветено и одговорно му се пристапува и како држава и како државно раководство. - Фактите говорат дека и покрај нашата искрена намера и волја за надминување на овој предизвик, во моментов од страна на јужниот сосед не постои интерес за осврнување на истиот. Донекаде тоа и го разбирам, тие се соочуваат со огромни проблеми, финансиска криза, штрајкови, државен банкрот, приватни банкроти на илјадници граѓани и фирми, немири, ситуацијата е многу напната на овие теми. Она што не е коректно и што не можам да го разберам е обвинувањата од нивна страна дека Македонија не се труди доволно за да го надмине предизвикот. Тоа е неточно, тоа е непринципиелно, и не помага во градењето на довербата, исто како и притисоците кои се прават на структури во Европската Унија за и Унијата да презема чекори кои наидуваат на револт кај нашето население, вели премиерот и додава дека со еден поголем ентузијазам, со рационалност и со одважност да се надминат стереотипите и да се работи на добрососедските односи, како и со уважување на аргументите на меѓународното право кои се на наша страна, Грција би можела да го надмине овој спор, во интерес на двете земји и во интерес на регионот. 

Тој посочи дека во историјата на ЕУ, поголемиот дел земји кои и се приклучувале на Унијата имале проблем со некоја земја членка, но во сите случаи било овозможено паралелно да се одвиваат преговорите за решение на тој проблем и преговорите за зачленување во ЕУ и оти тој пристап во сите ситуации дал позитивен резултат, и успешно завршиле двата процеси.

- За жал, истакнува, од случајот со Македонија пристапот на ЕУ, под притисок на Грција е променет, и обратно од она што се случувало во минатото, оневозможен е прогресот во двете паралелни ленти. Сепак, ние ќе продолжиме да вложуваме максимални напори за изнаоѓање решение, иако секојдневно се соочуваме со видливи неправди и некоректности.

Премиерот потенцира дека стратешка определба на Владата е членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО, што е докажано со дела и факти. - Доказ за тоа се реформите кои ги спроведуваме, а најмногу европските вредности во кои веруваме и кои ги споделуваме, и верувајте тие не зависат од примесите на бирократизмот на некоја структура. Тие вредности им припаѓаат на сите граѓани на Европа, и на македонските граѓани вклучително, вели Груевски.

- Не ја разбирам оваа подметнувачка теза, дека наводно Македонија бара некои алтернативи, некакви вртења. Да беше така, ние ќе излезевме и тоа јасно ќе го кажевме, во наш стил, и ќе го аргументиравме нашиот став. Ако, пак, тезата ја влечете од мојата реакција во однос на изоставувањето  атрибутот македонски од извештајот, но и од некоректната изјава на комесарот Филе во однос на повеќе други прашања, и затоа сте створиле таков впечаток, кој е неточен, тогаш повторно тезата за наводните алтернативи е неточна. Тоа е реакција која е на линија на одбрана на достоинството на нацијата, на националните чувства, на државниот и национален интерес, и колку што гледам и следам таа реакција е на исто ниво како и реакцијата на целокупното македонско општество, што значи дека е исправна и е поддржана. И ако внатре во самата ЕУ секојдневно има различни мислења, меѓусебни критики и отворен дијалог за скоро секое прашање и област, малку ми е чудна реакцијата кај некои структури во Македонија, кои секое различно искажано гледиште, незадоволство или критика на нечии изјави, веднаш го преточуваат во нова политика на државата или нов стратешки план или слични формулации кои создаваат некаков „ерес“ ако се има различно мислење со некој службеник или политичар од ЕУ, или со некоја политика или одлука на ЕУ. Па, зарем и тие не можат да згрешат нешто, зарем таму не работат луѓе, или тие се беспрекорно функционални роботи, кои треба слепо и непринципиелно да ги следиме? Не., вели премиерот Груевски. 

Сето тоа, додава тој, упатува на табу теми, на ограничување на искажување сопствен став и на тотална некреативност, што се одлики на едно друго време кое се надевам дека помина со доаѓањето на демократијата и мултипартизмот.

- За жал, социјализмот помина, но неговиот дух се уште е длабоко во многумина од нас.  Не толку во овој, но во еден поширок контекст, има и такви кои живеат со максимата позната во Македонија уште од времето на осмалинскиот период, преточена и во народната поговорка која вели: наведната глава, сабја не ја сече. Тој дух, кој исто така преовладува кај многумина, е исто така ограничувачки фактор за севкупниот развој на земјата, создава кочници, непотребни откажувања, фрустрации, општествени конфликти....Јас на пример мислам дека наведната глава сабја ја сече, истакнува премиерот Никола Груевски во интервјуто за „Капитал“.

Категорија: