Ставрески: Намалувањето на царините на суровините пример за одлична соработка меѓу Владата и бизнис заедницата

Намалувањето на царините за предвидените стотина полупроивозводи, суровини и репроматеријали во прехранбената, машинската индустрија и земјоделството се во корист на стопанството, но и на најдобар начин ја одразуваат одличната соработка меѓу Владата и бизнис-заедницата, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со претставниците на стопанските комори.

- Врз основа на предлозите од трите стопански комори дојдовме до констатации каде може да се интервенира во царинската политика за да се подобри конкурентноста на македонското стопанство и за да им се помогне на домашните фирми да произведуваат и извезуваат повеќе, истакна Ставрески.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески оцени дека ова е школски пример за соработка на државата и деловниот сектор - Стопанството сугерираше, а Владата прифати предлози за поголема конкурентност на македонското производство.

- Овој исклучително значаен сет на мерки ќе придонесе за зголемување на продуктивноста на компаниите и за развој на малите и на средните претпријатија. Преземањето на фискалните промени особено во вакви услови, на економска криза, е голем поттик за економијата, напомена Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори.

За Блерим Златку од Стопанската комора на северозападна Македонија намалувањето на царините, освен јакнење на конкурентноста, ќе значи и можност за формирање нови претпријатија, а оттука и за отворање нови работни места.

На денешната средба станало збор и за буџетот за наредната година.

Категорија: