Меморандум за соработка со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија

Република Македонија и Здружениот истражувачки центар-ЗИЦ (Joint Research Сentre) на Европската комисија денеска разменија Меморандум за соработка во повеќе научни области. Се очекува тој да ја зајакне институционалната соработка во областа на енергијата и животната средина, климатските промени, здравјето и заштитата на потрошувачите, вклучувајќи ги и безбедноста на храна, нанотехнологијата и биотехнологијата и природните катастрофи.

Соработката вклучува редовна размена на информации, размена на модели, податоци и резултати од истражувањата, прифаќање на постдокторанти од Македонија во истражувачките центри под капата на ЗИЦ, организирање   билатерални  посети на  институтите на овој центар, како и заеднички конференции, информативни  настани и тренинг  работилници...

Меморандумот го разменија министерот за образование и наука Панче Кралев и заменик-директорот на Центарот Владимир Сука на инфоденот што ЗИЦ по две години повторно го организираше во Скопје.

 Министерот Кралев истакна дека Македонија се стреми да биде во чекор со модерните текови и дека за таа цел Владата спроведува капитален проект за опремување на јавните научно-истражувачки лаборатории и институти со софистицирана опрема, вреден над 60 милиони евра, како и субвенции за научниците што ќе објават трудови во научни списанија со фактор на влијание, со цел да се зголеми научната продукција.

- Очекуваме дека значително ќе се подобри компетентноста и видливоста на македонската наука и дека македонските истражувачи ќе можат на рамна нога да се носат со своите европски партнери во заедничката соработка... Овој центар, кој е референтен за знаење во Европа, со своите компетенции и искуства во областа на науката и технологијата,  претставува основна поддршка на развојот на политиките и носењето на одлуките, посебно во истражувачката дејност, истакна Кралев.

Заменик-директорот на Центарот Сука рече дека треба да се инвестира во знаење, иновации, креативен потенцијал и луѓе љубопитни за нови предизвици, зашто токму тоа, како што рече, е излез од криза и од неочекувани состојби.

-  Иновацијата е единстѕвен начин за секоја земја и за Европа. Но, не само во технологијата, туку социјална и политичка иновација... Инвестирањето во луѓе  и креативност е најдобар начин за трошење на парите, рече Сука и ги посочи големиот број програми на ЕУ за иновации, како  „Хоризонт 2020“, „Креативна Европа“, „Еразмус“.

Мисијата на Здружениот истражувачки центар е да обезбеди научна и техничка поддршка за конципирање, развој, имплементација и мониторинг на политиките на ЕУ. Оваа институција е сервис на Европската комисија и функционира како референтен центар за наука и технологија на ЕУ.

Во состав на ЗИЦ функционираат седум институти кои се занимаваат со истражувања во интерес на граѓаните и индустријата на Европа. Тој има 2.300 вработени (научен и технички персонал), меѓу кои двајца истражувачи од Македонија.  Центарот располага со буџет од 300 милиони евра и работи со повеќе од илјада јавни и приватни организации низ светот.