„Бионика Фармацеутикалс“ инвестира шест милиони евра во производство на фармацевтски производи

Фармацевтската компанија „Бионика Фармацеутикалс“ денеска во Скопје ја пушти во функција новата производствена линија за фармацевтски производи. Пуштањето во употреба на новата производствена линија го означија премиерот Никола Груевски и извршниот директор на германската компанија МЕРК, Маркус Рауер.

Премиерот Груевски во обраќањето пред присутните рече дека новиот погон за производство на фармацевтски производи претставува инвестиција вредна околу шест милиони евра.

- Драго ми е што оваа инвестиција има и втора фаза во која ќе се инвестираат дополнителни четири милиони евра со што ќе се заокружи целосниот инвестициски циклус од 10 милиони евра, што е одличен предизвик за секоја фирма која работи во фармацевтско-хемиската индустрија, истакна Груевски.

Нагласи дека овој голем деловен потфат е резултат на динамичниот развоен пат на две приватни компании од Македонија и Србија, „Варус“ и „Новос“.

За Владата, посочи премиерот, е значаен секој инвеститор, како домашен, така и странски.

- Секоја компанија која се одлучува за инвестиција, за реинвестиција на својот капитал, за проширување на својот производствен капацитет, за зголемување на бројот на своите вработени, за модернизација на производството, за зголемување на извозот во странство, претставува пример за почит, за поздрав и посакуван партнер од секоја влада, рече Груевски.

Тој додаде дека Владата со сите политики и мерки во делот на економијата и натаму ќе остане силен партнер и поддржувач на бизнисот и приватниот сектор.

Основачот на „Бионика Фармацеутикалс“ Злата Нововиќ рече дека означувањето на стартот на производната линија е остварување на нивната цел која ја поставиле на самите почетоци и докажале дека и во Македонија преку партнерство со реномирани странски компании со големо искуство во оваа област можат да се произведуваат висококвалитетни фармацевтски производи по највисоки стандарди.

Производството, посочи таа, е сместено на 2.000 метри квадратни, опремата е со највисок квалитет, а капацитетот на производната линија е 11.000 пакувања во една смена.

- Нашата следна цел е над 70 отсто од производството да го пласираме на странски пазари со што ќе ја докажеме и нашата висока конкурентност, посочи Нововиќ.

Извршниот директор на германската компанија МЕРК, Маркус Рауер истакна дека долгорочното партнерство меѓу „Варус“ и МЕРК во Македонија почна пред многу години и „Варус“ набрзина стана посакуваниот партнер на МЕРК од Германија за територијата на Македонија во производство на фармацевтски производи, лекови, хемикалии, реагенси и опрема.

Во производниот објект кој е составен од производствена линија, контролна лабораторија, микробиолошка лабораторија и магацини за суровини и готови производи, ќе се произведуваат висококвалитетни фармацевтски производи кои ќе се пласираат на домашниот и на странски пазари. Компанијата веќе има склучено договори за пласман на своите производи на пазарите во Србија, Косово и Албанија, а се очекува до крајот на годината извозот на овие производи да се прошири и на останатите пазари во Југоисточна Европа. 

„Бионика Фармацеутикалс“ е компанија основана во 2010 година, како заедничка инвестиција на „Варус“-Скопје со 49 отсто од основачкиот влог и „Новос“-Белград со 51 отсто согласно стратешките планови за развој на компаниите и проширувањето на странските пазари. Двете компании повеќе од 20 години се присутни на пазарите во Југоисточна Европа.