Прес-конференција на владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,
Сакаме да информираме за неколку одлуки кои беа донесени на владината седница, се однесуваат на областа на економијата и земјоделството, и со кои се придонесува за развој на бизнис климата и се од значење за потребите и интересите на инвеститорите, бизнисот, претприемачите и земјоделците.

Прво, Владата е насочена кон привлекување на странски инвестиции и обезбедување на услови за нивна реализација. Во таа насока, Владата донесе одлука да се формира нова Технолошко- индустриска зона во Струмица, лоцирана во КО Свидовица, на површина од 24800 метри квадратни. Зоната ќе биде опремена со енергетски, телекомуникациски, водоводни системи, и во неа ќе биде лоцирана и Управна зграда и царински терминал. Таа ќе биде од големо значење за локалниот економски развој на Струмица. Во идниот период ќе се започне со постапките кои во почетокот на идната година треба да резултираат со почеток на градежни работи за изградба на зоната.

Согласно акцискиот план, Владата активно спроведува постапки за отворање и ТИР Зони во другите градови во Македонија.

-ТИРЗ Кичево активно се гради.

-ТИРЗ Тетово (94,74 ха) е основана, а во петок на 28 септември ќе следува отворање на понуди за управување на оваа зона од страна на приватен инвеститор по пат на јавно приватно партнерство.
 
-ТИРЗ Прилеп (67,5 ха) е основана. Другата недела ќе се објави оглас за избор на економски оператор за изградба на дел од основна инфраструктура за зоната.

-За ТИРЗ Гевгелија (50,25 ха) во месец октомври 2012 год. ќе биде објавен оглас за изградба на дел од основна внатрешна инфраструктура.

-За ТИРЗ Ранковце (40,165 ха) наредниве денови се очекува потпишување на Договор за проектирање, а во текот на месец декември 2012 година се очекува објавување на постапка за изградба на зоната.
 
-За ТИРЗ Струга (30,01 ха), пред една  недела заврши постапката за проектирање на зоната, а во моментов во тек е постапка за основање на зоната, по што ќе следува постапка за изградба на зоната.

-За ТИРЗ Радовиш (9,75 ха), во завршна фаза се Геомеханички и хидролошки истражни работи за формирање на ТИРЗ Радовиш, а по завршување на оваа фаза и завршување на експропријација на земјиштето ќе следи основање на зоната.

Отворањето на овие зони претставува доказ за јасната посветеност на Владата за инвестиции во целата држава, и тоа ќе значи нов квалитет во економскиот живот на овие региони, и е во функција на овозможување на услови за рамномерен економски развој. Ова ќе значи дека потенцијалните инвеститори од странство со одлуките да инвестираат во зоните во овие градови ќе вработуваат лица од овие региони, и тоа ќе значи и можност за соработка со локални компании на различни нивоа и во различни области и со тоа ќе се поддржи и стимулира и бизнисот во овие средини. Со тоа несомнено ќе се придонесе за локален економски развој.

Второ, Владата посветува исклучително внимание на земјоделството и остварување на интересите на земјоделците. Затоа, на вчерашната седница Владата донесе одлука рокот за поднесување барање за субвенции за Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2012 година да биде продолжен од 30 септември на 20 октомври 2012. Ова беше барање на земјоделците и произлезе од интегрирањето на софтверот за директни плаќања со софтверот на Единствениот регистар на земјоделски стопанства, при што се овозможи значајно намалување на документите кои барателите ги доставуваат. Предложениот рок за поднесување на барањата ќе придонесе за целосен опфат на земјоделските стопанства во процесот на поднесување на барања. Владата излезе во пресрет на земјоделците и тие треба да бидат спокојни дека она што со труд го заслужиле ќе им биде валоризирано.

Трето, Владата е насочена кон развивањето на претприемачкиот дух кај населението, особено кај младата популација, како алатка за економска реализација на лицата, можност за остварување на приходи и вработувања и водење на бизнис и остварување егзистенција.
Затоа, Владата одлучи драстично да ги намали цените за регистрација на фирма од страна на младите претприемачи, односно сите студенти на редовни и вонредни студии кои сакаат да отворат фирма во Централниот регистар преку електронски пат, наместо досегашните 1190 денари ќе треба да платат надомест од само 250 денари, односно за скоро 5 пати помала цена. Владата ја намали и цената за основање на фирма од студенти и по пат на хартиен поднесок и наместо досегашните 2424 денари надоместокот сега ќе изнесува 1199 денари или за половина помалку. Со овие цени, и со чекорите за отворање бизнис, Македонија дефинитивно е лидер во европски рамки по ниските трошоци и по малиот број на чекори за отворање на бизнис. Овие намалени цени за 5, и за 2 пати, се голема придобивка за младите, и ова исполнето ветување на Владата е јасен доказ дека младите лица и студентите се во фокусот на владините политики, и оваа можност ќе придонесе за поддршка на отворање на бизниси и за развој на бизнис плановите на младите луѓе, со што се придонесува кон нивното вработување и остварување на приходи.