Тодоров: Секој случај на лекарска негрижа или несовесно лекување мора да има правно регулиран крај

Во врска со случајот со родилката на Клиниката за гинекологија и акушерство која имаше тешка инфекција, министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека поднел кривична пријава против непознат сторител за сторено кривично дело по член 207 од Кривичниот законик на Македонија за несовесно лекување.

- На овој начин барам од Основното јавно обвинителство да испита дали во овој случај има вина, ако ја има, виновникот во постапка согласно закон да биде казнет и да биде утврдена санкција. Секој случај мора да биде затворен. Секогаш мора да има правно регулиран крај. Од денеска почнуваме нова пракса, секогаш кога ќе добиеме ваква индиција, сознание, без разлика дали е тоа преку медиумите, инспекциските органи кои постојат во Министерството или дописи, ќе преземе ваква мерка, посочи Тодоров.

Тој истакна дека несовесното лекување е кривично дело и нема да дозволи здравствените работници да бидат жртви на некои несовесни поединци. Според него, треба да се персонализира одговорноста, а не да се колективизира.  Мора, истакна Тодоров, прстот да се впери кон оној кој погрешил.

- Доволно е голем притисокот што здравствените работници го имаат спасувајќи човечки животи, борејќи се со времето кога секундите значат живот. Неподносливо и неоправдано е сите да бидат третирани како несовесни лекари. Затоа барам да се утврди дали има вина. Виновникот треба да се казни во постапка утврдена со закон, а не преку суд или со јавен линч. Тоа е правна држава и на тоа ќе инсистирам се додека сум министер затоа што искрено верувам во ова, нагласи Тодоров.

Многу често, како што рече, во последните две децении бевме сведоци на јавни обвинувања за лекарски грешки, лекарска негрижа или несовесно лекување.

- Многу честа реакција на ова беше „формирана е Комисија, ќе се разгледа случајот, ќе се преземат мерки“. Резултатот од ова многу често беше во согласност со максимата „ако сакаш некоја работа да не се заврши формирај комисија“. Министерството за здравство не е надлежен орган за гонење сторители на кривични дела. Секој кој ќе дознае за постоење кривично дело има обврска да го пријави до надлежниот орган, додаде Тодоров.