Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри

Јубилејната 10. Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри денеска се одржа во Универзална сала. Организатор на ревизијата е Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, под покровителство на Министерството за култура и Град Скопје.

Поводот се 66 години од пензионерското организирање во Македонија и 21 година од независноста на Македонија.

На манифестацијата присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митровски.

- Денешната ревија на песни, музика и игри го афирмира македонското изворно творештво, староградскиот фолклор и ги обединува напорите на 40-те здруженија на пензионери во државата, кои во изминатите 10 години настојуваа да ја сочуваат нашата богата етнокореолошка традиција, рече министерката Канческа-Милевска.

Таа потсети дека изминатиот период Министерството за култура спроведе повеќе мерки со кои, како што рече, се подобри статусот на пензионерите, меѓу кои има голем број истакнати уметници и културни работници.

- Се воведоа националните пензии, со кои добитниците на врвните признанија за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело остварија право на доживотен месечен надомест во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Македонија. Се обезбеди 50 отсто попуст за пензионерите за влез во сите институции од областа на културата во Македонија, рече Канческа – Милевска.

Трајановски нагласи дека оваа ревија е од исклучителна важност за пензионерите во Македонија бидејќи дава придонес во зачувувањето на културната традиција, во негување на фолклорот, дава можност за дружење, социјализација и подолг и поквалитетен живот на пензионерите.

Тој истакна дека изминатите години Град Скопје има остварено одлична соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Град Скопје и тоа преку заемно учество во реализација на разни програми и активности кои имаат за цел остварување поквалитетен живот на пензионерите.

- Град Скопје во рамки на своите можности, ќе излегува во пресрет на барањата на пензионерите, ќе ги разгледува нивните предлози, сугестии и иницијативи и ќе работи на решавање на конкретни проблеми, но ќе бара и форми и ќе презема мерки кои ќе придонесат за збогатување на секојдневниот живот на пензионерите, нагласи Трајановски.

Драги Аргировски, претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Република Македонија рече дека ова е значајна пензионерска манифестација.

- Првата регионална пензионерска ревија се одржа во 2003 година во Пробиштип, а на неа учествуваа само 9 здруженија на пензионери. Годинава се одржаа ревии на песни, музика и игри во шест региони – Пробиштип, Кавадарци, Куманово, Тетово, Кочани и Битола, а на нив учествуваа вкупно 45 здруженија, рече Аргировски.

Во Универзалната сала во Скопје присуствуваа пензионери од 85 општини во Република Македонија.