Кредити на Алфа банка за проекти за заштеда на енергија во домаќинставата

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека Алфа банка први ја прифатила иницијативата за реализација на проектите за енергетска ефиканост и обновливи извори на енергија во рамки на Министерството за економија и ја преточила во конкретен производ. Се надева дека и другите комерцијални банки ќе се приклучат кон иницијативата на Алфа  банка и ќе понудат зелени кредити со поволни услови во интерес на граѓаните. 

Посакуваната енергетска исплатливост, укажа Сарачини, граѓаните можат да ја постигнат со инвестирање во уредите кои можат да заштедат енергија. За унапредување на енерегтската ефикасност и поголемо искористување на обновливите извори на енергија во домаќинствата, Министерството за економија досега спроведе 4 акции за субвенционирање на трошоците за инсталирање соларни термални системи за производство на топла вода во домаќинствата. Досега се исплатени 22 милиони денари на 1.420 домаќинства. Едно домаќинство со инсталирање таков систем годишно заштедува околу 2.400 kW, односно до 13.000 денари. 

Сарачини, во одговор на новинарско прашање за одлуката на Регулаторната комисија за енергетика да не издава дозволи за овластен производител за електрична енергија, појасни дека таа произлегува од правилникот за искористување обновливи  извори на енергија каде што лимитот за инвестиции во делот на фотоволтаични централи е 10 мегавати, што веќе биле искористени.
Министерството за економија, најави,  на почетокот на октомври ќе и предложи на Владата да се  зголеми  лимитот на инвестиции во фотоволтаични централи од 10 на 20 мегавати..

- Според информациите  што ги имаме од РКЕ досега се искористени  8,5 мегавати, а 1,5 мегавати се веќе во процес на аплицирање, така што реално  се потрошени тие 10 мегавати. Пред еден месец  до Владата поднесов иницијатива за зголемување на лимитот од 10 до 20 мегавати и добив заклучок на  Владата истото да го направам на почетокот на октомври поради планирање некои други поважни  работи кои Владата сметаше дека се потребни во моментот. Така што, останува во првата  или евентуално втората  недела во октомври Министерството за економија да и предложи на Владата да се зголеми  лимитот на инвестиции во фотоволтаични централи од 10 на 20 мегавати и очекувам  дека во скора иднина тоа ќе биде прифатено од страна на Владата, рече Сарачини. 

Тој посочи дека има голем  број заинтересирани за инвестиции од таков вид и оти реално  очекува да биде одобрено барањето на Министерството за економија и во иднина да се прифатат инвестициите.

Нов енергетски зелен кредит за физички лица наменет за финансирање проекти за заштеда на енергија промовира денеска Алфа банка. Со кредитот може да се добијат финансии до 600.000 денари, со шест месечен грејс период, фиксни камати за првата година од 4,4 проценти за износи во евра и од седум проценти за денарски износи, и без трошоци за аплицирање и за провизија.  

За кредитот ќе може да се аплицира од поенеделник, а е наменет за инвестици во соларни системи, нови врати и прозорци со топлинска изолација, иновативни системи за греење и ладење, кровна изолација и други уреди и системи кои работат на обновливи извори на енергија....

Андреас Галатоулас, главен извршен директор на Алфа банка на прес-конференција истакна дека кредитот овозможува инвестирање во нови и иновативни начини за користење енергија, со што ќе се подобри енергетската ефикасност во домовите. 

- Со Алфа зелениот кредит не само што заштедувате средства во вашиот дом, туку работите и на зачувување на скапите природни ресурси. Нудиме можност и средства клиентите да направат профитабилни инвестиции, со цел да се заштеди електрична енергија и да се постигне енергетска ефиканост, рече Галатоулас.