Учество на МНР Попоски на генералната дебата на 67то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, во рамките на учеството на Генералната дебата на 67то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, вчера, се обрати на Состанокот на високо ниво за владеење на правото во организација на Генералниот секретар на Обединетите нации.

Во своето обраќање Министерот Попоски говореше за значењето на принципот на владеење на правото во меѓународни рамки. Тој се осврна на заложбата на Република Македонија за почитување на имплементирање на одлуките на меѓународниот суд на правдата од страна на сите земји членки, ја нагласи потребата од зајакнување на улогата на Меѓународниот Суд на правдата и ги поддржа напорите на Генералниот Секретар на Обединетите Нации за зголемување на бројот на земји кои ја прифаќаат задолжителната надлежност на Меѓународниот суд на правдата.

На маргините на Генералната дебата, во текот на денот беа остварени бројни билатерални.

Министерот Попоски оствари прва средбата со неговиот грчки колега Министерот за надворешни работи Авромопулус која беше искористена за меѓусебно запознавање.

На средбата со министерот на Кувајт Ал Саба, се дискутираше за интензивирање на економската соработка помеѓу двете земји и за можностите за инвестиции на Кувајт во Република Македонија. Министерот Попоски ги презентираше поволностите за отворање бизнис во Република Македонија и беше разговарано за организирање на посети на бизнис делегации од двете земји. Двајцата соговорници позитивно ја оценија можноста за потпишување на Меморандум за соработка, што би претставувало добра основа за понатамошно продлабочување на односите. На средбата се дискутираше и за интензивирање на дипломатската комуникација помеѓу двете земји.

Министерот Попоски оствари и иницијална средба со колегата од Јужен Судан, Министерот Нхиаљ што воедно е и прва средба на високи државни претставници на двете земји. На средбата беше разговарано за можноста продлабочување на билатералната соработка со најновата земја членка на ОН.