Обраќање на премиерот Груевски на средбата со бизнис заедницата и стопанските комори

Почитувани бизнисмени, стопанственици, сопственици на акции и удели во компаниите во Македонија, менаџери на компании,

Почитувани раководства на стопанските комори,

Почитувани членови на Владата, професори, аналитичари, новинари,

Дами и господа,

Денес, по покана на стопанските комори, тука сум заедно со Вас, сопственици, директори, менаџери на над 700 компании во Република Македонија, како домашни така и странски, како поголеми, така и средни и мали компании, постари и понови, повеќе и помалку етаблирани, извозни и увозни, трговски, индустриски-проиводни, финасиски, банкарски, компјутерски, земјоделски, градезни, туристички, услужни, и од сите сектори на економијата.Тука се присутни преставници на најголемите 250 компании во Македонија според извозот и според профитот. Присутни се значаен број на преставници на средни и мали претпријатија. Денес сум пред Вас со задоволство да споделам некои размислувања, видувања, анализи и информации за состојбите во економијата и перспективите за 2013-та година.

Почитувани присутни,

Денес меѓу нас има многумина кои по многу работи се слични, како и многумина кои по многу работи се различни. Независно дали е тоа идеолошки, политички, партиски, етнички, верски, полово, социолошки, или пак од различни или исти сектори, или различен степен на развој, помлади или постари, побогати или посиромашни, повеќе или помалку успешни, оптимисти или  песимисти.

Можеме да најдаме и многу други сличности и разлики, но постојат три заеднички работи кои Ве поврзуваат:

1.сите живееме во оваа земја и тука ни живееат сите или повеќето од нашите блиски, семејствата и пријателите,

2.сите присутни од Вас се влезени во бизнис, како сопственици и/или менаџери, превземајќи го ризикот и одговорноста кој бизнисот го носи и сите се борите да успеете и

3.Сите имаме заеднички проблем и сите сме загрижени: економската криза која произлезе од европската должничка криза, која пак дојде кратко по завршувањето на светската економска криза на сите ни е во моментот сериозен проблем

Токму затоа сме денес сите на куп и сосема е јасно дека тоа е главниот мотив  што раководствата на стопанските комори, со кои патем речено досега имаме одлична соработка, го организираа овој настан. И тоа е темата на денешното мое излагање.

Почитувни присутни,

Во 2006-тата на Парламентарните избори за прв пат јас како кандидат за премиер ја добив довербата од мнозинството граѓани, одкако претходно заедно со мојата партија ја преставивме нашата програма како пред сите граѓани така и пред стопанските комори. Така пред точно 6 години, заедно со коалиционите партнери започнавме спроведување на програмата на Владата. Подоцна во 2008-та и 2011-тата мнозинството граѓани ја потврди довербата на нашата програма и економските политики. Овие нови политики внесоа многу промени во економијата, решија многу проблеми, дадоа многу подобри услови за бизнисот.

Се разбира има уште многу работи кои треба да се подобрат и проблеми кои треба да се решат, а предизвиците на оваа должничка рецесија дополнително ги потенцираат дел од преостанатите слабости кои постојат и на кои  ќе останеме фокусирани  и посветени во периодот пред нас.

Поважни промени и постигнувања кои им помагаат на компаниите

Ќе потсетам дека во правец на помагање на компаниите воведувајки рамен данок од 10 осто данок на добивка и персонален данок на доход, воведовме и најниски даноци во земјата, споредено со било која држава во Европа.

Дополнително го намаливме и ДДВ-то од 18 на 5 осто за лековите и медицинските помагала, земјоделската механизација, семенски и саден матерјал, ѓубрива и репроматеријали и средства за заштита на растенијата и на водата за наводнување, изградбата на станови, комуналните услуги, компјутери и софтвер, јавниот превоз, колектори за сончева енергија, сурово масло и туристички услуги.

Следуваше и ослободување од плаќање данок на добивка за малите и микро претпријатија со годишен приход до 3 милиони денари, како и можност за избор на модел за одданочување за оние кои имаат од 3 до 6 милиони денари приход.

Спроведовме и реформи во УЈП и даночната политика, кои ги поедноставуваат и олеснуваат поцедурите за плаќање данок. Секоја година вршиме намалување на царините, со цел да им помогнеме на домашните компании во увоз на суровини и репроматеријали кои не се произведуваат во Македонија, како и усогласување со договорот со ЕУ. Се воведе и едношалтерскиот систем ЕКСИМ во царината за добивање дозволи, кој систем доби бројни меѓународни награди, а надлежните тела на ООН го препорачаа како модел за земјите во регионот.

Во правец на подршка обезбедивме и 250 милиони евра за подобрување на ликвидноста и за инвестиции на македонските мали и средни претпријатија.

Во оваа прилика дозволете да Ве информирам дека од новата кредитна линија од 100 милиони евра, која стана ефективна во јуни годинава, 22 милиони евра се веќе одобрени средства Очекуваме деновиве парите да бидат исплатени од ЕИБ, и да легнат на сметките на 107 претпријатија во РМ. Потсетувам дека овие кредити се со субвенционирана камата до 5.5 осто, какви што не нуди никој друг во Македонија, и токму затоа сите фирми во Македонија влечат кредити речиси исклучиво од оваа кредитна линија кој ја обезбеди Владата.

Во соработка со стопанските комори и директно со фирмите спроведовме, а делумно сеуште спроведуваме четири фази на проектот регулаторна гилотиња со кој проект сменивме стотина законски прописи и околу 600 подзаконски акти со цел намалување на административните бариери во водење бизнис, унапредување на казнената политика и намалување на казните, каде во просек се намалија глобите за 50 осто, а некаде се воведе мерка укажување, се скратија многу бирократски процедури, некои од нив се укинаа или поевтинија.

Не случајно Светската банка која во 2006-тата година не рангираше на 96-тото место според условите за правење бизнис, не искачи на 22-рата позиција во светот.

Се воведе и бруто плата, и интегрираната наплата на придонесите, како и намалување и хармонизација на најниската основица за плаќање на социјални придонеси од 65 на 50 осто од просечната плата. Стапките на социјалните придонеси се намалија од 32% на 26,5%, а ако дозволат условите во 2014-та планираме повторно намалување. Со ова се намалија трошоците на фирмите со што македонските фирми станаа поконкурентни на меѓународниот пазар, многу нешта се поедноставија, и се подобри редовноста на исплатата.

Започнавме проект за континуирано промовирање на Македонија со цел привлекување инвестиции и промовирање на Македонија како бизнис дестинација. Македонија е присутна во најпознатите меѓународни медиуми, како СНН, СНБС, РТЛ, Блумберг, Травел чанал, Фокс Груп, Еуро Њуз, Еуро спорт, Економист, Фајненшал таимс, Вол стрит Журнал, Хералд Трибјун, Бизнис вик, Франкфурте алгемајне цајтунг, Њујорк Тајмс, Кориере де ла сера, Ле фигаро и повеќе други.

Го формиравме тимот Македонија со кој континуирано реализираме инвестициски форуми во т.н.Роуд шоуа, при што посетивме по повеќе градови во Германија, Австрија, Италија, САД, Канада, Кина, Индија, Велика Британија, Турција, скандинавските држви, Катар, Јапонија, Сингапур, Холандија, Белгија, Франција, Швајцарија и други. Назначивме 30-тина промотори во 21 земја за непрекинато промовирање на Македонија како бизнис дестинација.

Освен што распределивме државно земјиште на голем број земјоделци, постепено ги зголемивме субвенциите во земјоделието од 5 милиони евра годишно на 130 милиони евра годишно, а следната година престои ново зголемување на 135 милиони евра годишно.

Извршивме предвремено раздолжување на Македонија, така што од 39 осто од БДП колку што беше задолженоста кога дојдовме во Владата, додјовме на околу 24 осто, а денес околу 30 отсто, со што влеговме  од групата на средно задолжени во групата на ниско задолжени земји и денес сме четврта најмалку задолжена земја во Европа.

Антикризни мерки

Не случајно во 2007-мата и 2008-мата растот на економијата достигна 6 и 5 отсто од БДП, извозот порасна за 60 отсто, а СДИ безмалку една милијарда евра за тие две години.

За жал светот го зафати големата светска економска криза, а само што таа заврши започна европската должничка криза.Таа не примора да размислуваме за антикризни мерки, при што донесовме 4 пакети на антикризни мерки, и поединечно уште поголем број мерки. Освен што овозможивме како никаде во Европа добивката да се оданочува, само ако е распределена во дивиденда, и што ги намаливме социјалните придонеси и царините, со антикризните мерки воведовме и мирување на обврските по основ на придонеси за здравствено осигурување, отписи на камати кога е платен долг по основа на даноци и придонеси, ослободување од оданочување камати, одлагање на плаќање на даночниот долг, репрограмирање на долгот на 36 месеци, пониско одданочување на земјоделците за 80 отсто, инвестициска програма со која се предвидени голем број на инфраструктурни проекти, мерки за олеснување на извозот на стоки, намалување на трошоците, а како Влада воведовме и мерки во нашето работење, какви што беа замрзнувањето на набавките на автомобили и мебел, ограничувања при нови вработувања, намалувања на тековните расходи кај сите буџетски корисници, одлагање на предвиденото трето зголемување на платите во јавниот сектор, намалување на трошоците за патувања и репрезентација, а пролонгиравме и дел од капиталните расходи и тие добија нова динамика. Рокот за плаќање ДДВ се помести од 15-ти на 25-ти во месецот, како што вие баравте, се намали надоместокот за приватизација на градежно земјиште кај правните лица, се воведе кредитна линија кај МБПР за микро, мали и средни претпријатија со гарантна шема од МБПР, се воспостави фонд на земјоделско земјиште за плодоуживање наменет за невработени лица, се докапитализира МБПР со 10,7 милиони евра, и се овозможи за одредени намени да дава директно кредитирање, се воведоа специјални програми за вработување и самовработување на илјадници лица, се усвои пакет на мерки за металуршката индустрија во соработка со стопанските комори, и силно се поддржуваше градежниот сектор, кој пак директно влијае на други 26 сектори во економијата...

Во тој правец се изгради автопатската делница Табановце-Куманово од автопатот Александар Македонски, во должина од 7,62 км во вредност од 15.5 милиони евра. Се изгради и автопатската обиколница околу Скопје, долга 26 километри во вредност од  125 милиони евра од кои преку 80 осто, односно околу 100 милиони евра се реализирани по изборите во 2006-тата.

Овој месец започна изградбата на последната автопатска делница на автопатот Александар Македонски во пределот Демир Капија-Смоквица, во должина од 28,2 километри, во вредност околу 220 милиони евра, со план да зврши до 2016-та година.

Ние направивме како што ветивме во програмата и сериозен обид за изнаоѓање на концесионер за изградба на автопати од Скопје до Штип, односно Кочани, од Гостивар до Охрид и албанска Граница, од Куманово до бугарската граница како и од Скопје до косовската граница. И покрај тоа што понудивме сериозни субвенции за потенцијалниот концесионер, заради малиот број на автомобили кои просечно годишно се движат по патиштата, ниту една од меѓународните банки не му одобри кредит на ниту еден од заинтересираните концесионери, и од тие причини никој од нив не се јави на тендерот. Како што стои во нашата програма, од тогаш преминавме на резервниот план, и во моментот сме концентрирани на две работи: подготовка да се понудат за концесија два помали патни правци за автопати, за кои имаме сигнал дека би добиле поддршка, а тоа е Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце, а за останатите започнавме анализи и разговори за кредит и други начини на финансирање. Се надевам дека во наредните 3 до 4 месеци ќе ги имаме прелиминарните резултати од овој обид, и штом ги добиеме, ќе ги споделиме со вас и со јавноста. Доколку оваа операција заврши успешно, извесно е да се очекува дека барем дел од овие автопати ќе почнат да се градат во 2013-та година. Засега од првичните разговори сме оптимисти, но сепак треба да се заврши овој процес за да видиме дали ќе успееме во нашата замисла.

Заклучно со со 2012-та година, изградени и рехабилитирани се вкупно 190 локални патишта во вкупна должина од 412 километри во вредност од безмалку 30 милиони евра, а отпочната е изградбата и рехабилитацијата на 105 локални патишта со вкупна должина од 216 километри во вредност од безмалку 20 милиони евра во 43 општини, операција која е во тек.

Изградени се и рехабилитирани 15 регионални патишта во должина од 318 километри во вредност од околу 50 милиони евра, а во тек се работи на исти такви во должина од 72 километри и вредност од околу 11 милиони евра.

Во текот на следниот месец ќе започне реконструкција на железницата на Коридорот 10 во должина од 54 километри и во износ од 17 милиони евра, пруга која 50 години не е реконструирана.

Се работи на проектна документација за пругата кон Бугарија, каде што ќе се одвива во неколку фази, а првата е Куманово-Бељаковце каде ќе се склучи договор со градежна фирма во првите три месеци од 2013-та. Само за оваа делница инвестицијата ќе биде 46 милиони евра, каде сме подржани од ЕБРД, а за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка во моментов се инвестираат 2,7 милиони евра за изработка на основните проекти, додека за третата до крајот на 2012-та ќе се обезбедат дополнителни 2 милиони евра за проектирање. Целиот проект во фази треба да се изгради до 2019-та година.

Почнаа подготовки и за проектирање на железничката пруга од Кичево до Охрид и албанската граница, проект кој го тераме со помош на ИПА фондовите.

Се изгради Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и се реконструираше Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, за што концесионерот инвестираше околу 90 милиони евра во оваа фаза.Склучивме и договор за субвенционирање на Визаир со поддршка од околу 5 милиони евра за периодот 2012-2015-та, со што компанијата отвори летови на 7 нови дестинации.

Изградбата на Националниот гасификационен систем ќе се одвива фазно, во траси, во вкупна должина од 407 км, од кои околу 100 км ќе се изградат со затворање клириншкиот долг на руската федерација, а остатокот со поддршка на ЕБРД. Во тек е експропријација на земјиштето, а во блиска иднина очекуваме да се потпише договорот со руската компанија која ќе го гради делот финансиран од рускиот долг. Планираме изградбата на првата фаза: Клечовце-Штип-Неготино-Кавадарци да започне во пролетта 2013-та година, за која покрај средствата од рускиот долг во износ од 60 мил.долари, ќе има и кофинансирање од буџетот во износ од 15 милиони долари.

Во станбена изградба досега инвестиравме околу 17 милиони евра при што комплетно завршени се 560 станови за социјално ранливи граѓани во 10 градови, а други од нив се во тек на градба. Во водоводи и канализации инвестиравме приближни 35 милиони евра како централна власт, а обезбедени се и дополнителни приближно 8 милиони евра, а започна и користењето на новата кредитна линија од 50 милиони евра за истата намена.

Се  заврши првата фаза на Злетовица, втората фаза од наводнување на јужната долина на реката Вардар, континуирано се чистат реките и каналите за одводнување, а од следната година ќе започнеме реконструкција на преостанатите нереновирани  казнено поправни домови во Македонија во вредност од 46 милиони евра во три годишен период.

При крај сме со реконструкција на првата фаза на болници, а на почетокот на 2013 ќе започне и втората фаза на реконструкции на ЈЗУ. Во тек е и проектот за изградба на околу 180 спортски сали, и реконструкција на околу 240 училишта, проект кој ќе продолжи и во 2013-та. Обезбедивме и дополнителен проект во износ од 56 милиони евра за подобрување на општинските услуги, за капитални инвестиции на општините во различни инвестиции од нивно значење, чија реализација започна и ќе продолжи во 2013-та кога треба да се реализираат најмалку 12 милиони евра од овој проект.

Се изгради далноводот кон Бугарија во износ од 37 милиони евра. Во 2013-та ќе продолжи реализацијата за проширување на трансформацијата на далноводот Скопје - Битола, далновод Штип - Ниш, замена на постоечкиот далновод Скопје - Тетово и други инвестиции за подобрување на енергетската преносна мрежа, во вкупна вредност од околу 40 милиони евра од кои во 2013-та година ќе се инвестираат најмалку 15 милиони евра.

Во 2013-та ќе започне изградбата на ХЕ „Бошков Мост“ во вредност околу 65 милиони евра, од кои следната година ќе се инвестираат најмалку 10 милиони евра. Ќе продолжи и спроведувањето на рехабилитација на шест хидроелектрични централи во вредност од 27 милиони евра, од кои околу 8 мил. евра ќе се инвестираат во 2013-та. Воедно ќе се продолжи и со реализација на проектот ветерен парк Богданци, вреден 33 милиони евра. Следната година ќе започне и градбата на проектот Луково поле вреден 32 милиони евра, и ќе продолжиме со реализација на проектот модернизација на блок 2 и блок 3 од ТЕ Битола, вреден 49 милиони евра, додека проектот за Брод Гнеотино за преносна лента на јагленот веќе го завршивме и го пуштивме во употреба.

За жал и овој пат не се најде концесионер за проектот Чебрен Галиште, за чија цел во следните две недели повторно ќе биде објавен меѓународен оглас.

Склучени се приближно илјада договори за продажба на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, со одобренија за градба во периодот 2007-2012-та.

Со законот за легализација на дивите градби кој го донесовме минатата година добивме вкупно 353.000 барања, чија реализација е во тек.

Во делот на инфраструктурата дозволете да нагласам дека и проектот за изградба на повеќе згради/објекти за институциите на државата, наречен Скопје 2014-та даде свој допринос, а ќе дава и во 2013-та година. Тој покрај економско значење има и други државни и национални значења, за што сум зборувал во повеќе наврати.

За поттикнување на економскиот развој и привлекување на етаблирани странски компании, основани се Технолошко-индустриски развојни зони, од кои две се во Скопје и по една во Штип и Тетово (ЈПП). Паралелно, Владата работи на развојот на уште десет Технолошко-индустриски развојни зони на територијата на Македонија, со цел да се постигне рамномерен економски развој. Тие се предвидени во Гевгелија, Кичево, Струмица, во регионот Охрид-Струга, Гевгелија, Ранковце, Радовиш, Делчево, регионот Берово-Пехчево, регионот Кочани-Виница и Прилеп. Покрај ТИРЗ-ови, поддржуваме и развој на индустриски зони во Битола, Валандово и неколку други општини. Во ТИРЗ од 2006 година до денес вкупно инвестирани се 2.225.914.691 денари.

Кои се почетните ефекти и резултати: Само извозот на компаниите „Џонсон Контролс“ и „Џонсон Мети“  минатата година изнесува околу 550 милиони евра, или 16,3% од вкупниот македонски извоз, што значи дека тие две компании креираат една шестина од извозот на државата. Тоа значи дека она што се привлекува во Македонија како гринфилд инвестиции се инвестиции со голема додадена вредност, инвестиции кои носат трансфер на знаење и технологија и нормално - работни места. До 2014 година се очекува производството и извозот на странските инвеститори во земјата да достигне 35% од вкупниот извоз на земјата. Во наредниот период од Македонија ќе се извезуваат и:

-кондензатори и други електронски компоненти кои наоѓаат примена во најразлични индустрии, автобуси;

-кабелски инсталации, црева за автомобилската индустрија, пластична технологија и мехатроника, ретровизори и слично. за автомобилски компании;

-хомеопатски лекови и други фармацевтски производи.

 

Поважни постигнувања во макроекономската политика

Ако некаде навистина добивме најголеми меѓународни признаниа тоа беше во раководењето на макроекономската политика. Промените кои ги направивме овозможија раст на БДП од 6.1 осто во 2007-ма и 5.1 осто во 2008-мата, иако кризата почна да делува во последниот квартал од таа година. Тоа беа историски највисоки стапки на раст во Македонија, како што беше и растот на СДИ од 8,5 осто од БДП во 2007. Како резултат на влијанието на светската криза во 2009-та година, споредено со другите земји во Европа, забележавме благ пад од 0.9 осто на БДП и со тоа трет најдобар резултат во Европа, врз што клучно влијание имаа претходните реформи и антикризните мерки. Во 2010-та и во 2011-та економската активност забележа раст од 2.9 осто годишно што е меѓу десетте најдобри остварувања во Европа во тие години. Извозот во 2011 изнесуваше 3.2 милијарди евра, што преставува зголемување од 1,3 милијарди евра  или 66,1 осто во однос на 2006. Во однос на 2010-та порастот на извозот во 2011-та е околу 670 милиони евра или 27,5 осто.

Она што ја правеше Македонија различна од многу други европски земји е фискалната дисциплина и во време на светска финансиска криза и во време на европска должничка криза. Просечниот буџетски дефицит од 2,5 осто остварен во претходните години е седми најнизок дефицит во Европа. Со државен долг од околу 30 осто од БДП Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа. Порастот на долгот на Република Македонија во иминатите три години е само 4.8 пп, додека порастот на долгот во земјите во ЕУ достигнува зголемување и до 43 пп. Имаше континуиран пораст на капиталните инвестиции од буџетот како директна поддршка на стопанството.

Доколку се спореди состојбата јуни 2012-та со септември 2006-та, просечната нето плата пораснала за 51,8 осто или на 20.651 денар од тогашните 13.603 денари. Просечната пензија во јуни 2012-та е 10.681 денари, а во септември 2006-тата 7.688 денари, или пораст од околу 38.9 отсто

Стапката на невработеност во јуни 2012-та е 31.2 отсто наспроти 38.7 осто во 2005-та. Стапката на вработеност во јуни  2012-та изнесува  38.8 % (648.200 лица) и покрај 4- годишната криза е повисока за 81.907 лица.

Инфлацијата во континуитет се одржува на ниско ниво од 2-2,5%. Вкупните девизни резерви во август 2012-та изнесуваат 2.115 милиони евра, и тоа е историски највисоко ниво и има раст од 700 милиони евра во однос на 2006-та, и покрај 4- годишната криза.

Поддршката на економската активност од страна на банкарскиот сектор, односно степенот на финасиско посредување, мерено како учество на вкупните кредити во БДП, е драстично зголемен во изминатите години од 28,8 во 2006та на 44,7 во 2011та.

Поважни постигнувања кои помогнаа на граѓаните

Покрај мерките за економијата, Владата континуирано превземаше и мерки за поддршка на граѓаните, кои не се тема на ова мое излагање, па затоа само ќе нафрлам дека зголемените плати, пензии, социјална помош, субвенции, завршената денационализација во прв степен, намалувањето на акцизите за увоз на возила, набавките на автобуси, откупот на дворните места по 1 евро од квадрат, проектот Купи куќа купи стан, Законот за минимална плата, намалената цена на зелениот картон, намалените трошоци за хомологација, бесплатните учебници за учениците, задолжителното и бесплатно средно образование, градбите на училишта и спортски сали, намалената партиципација за студентите, ваучерите за комјутерите, издавањето на 1000 стручни книги и учебници, лабораториите, бесплатното осигурување за сите,опремата во здравство од 100 милиони евра, спортски објекти, социјални станови, народни кујни, бесплатно бањско лекување, помош за плаќање на енергетските трошоци, паричната помош за трето и четврто дете, новите бесплатни вакцини и многу други се само дел од долгата листа на поддршки, при што во некои од нив имаше и директно позитивно влијание на економијата.

Состојби и проекции за светската и европската економија

Најновите податоци укажуваат дека 10 земји од Европа и официјално се влезени во рецесија. Што е уште позагрижувачки и економскиот мотор на Европа, Германија забележа забавување на економската активност и оствари раст од само 0,5% во вториот квартал од 2012. Ова е значително влошување споредено со проекциите во есенскиот извештај на Европска Комисија. Последните проекции на Европска Комисија за растот на БДП во 2012 година се ревидирани на 0% за Европска унија и на -0,3% за Еврозона. Просечното индустриско производство во ЕУ паѓа 8 месеци по ред, а исто толку и кај најразвиените земји во Еврозоната. Само за илустрација, во една од најиндустријализираните земји во Европа Велика Британија, индустриското производство паѓа 13 месеци последователно, а во Италија 11 месеци по ред.

Негативните случувања во економијата најдоа свој одраз и на пазарот на труд. Забележан е раст на стапката на невработеност во речиси сите европски земји. Во Европа, стапката на невработеност е највисока во Шпанија и достигна 22,2% во вториот квартал од 2012 година и Грција, чија стапка на невработеност изнесува 21% во вториот квартал од 2012 година, што во минатото беше незамисливо за земји членки на ЕУ.

Состојбата сеуште не е стабилизирана и кај јавните финансии. Проекциите на Европската Комисија се дека во 2012 година, дури 16 земји од ЕУ ќе имаат поголем буџетски дефицит од оној пропишан со мастришките критериуми (-3,0%). Висок буџетски дефицит се очекува и во земји како Велика Британија (-8,3%), Франција (-4,5%), Холандија (-4,4%), Данска (-4,1%), Словенија (-4,3%) и др.

Акумулираниот јавен долг во Европа кој достигна невидени размери и натаму останува главна причина за продолжувањето на европската должничка криза која на моменти го доведува во прашање опстанокот и функционирањето на Еврозоната и на еврото како валута. Кај голем број земји од ЕУ дојде до експлозија на јавниот долг како резултат на неодржливите јавни расходи во минатото. Долгот како процент од БДП во Грција достигна 160%, во Италија 120%, во Белгија 100%, а Франција и Германија го надминаа прагот од 80 отсто.

Оваа година во првото полугодие и Македонија оствари негативни стапки пред се како резултат на влошувањето на условите во Европа, но се надеваме во второто полугодие резултатите да се подобрат и годината да ја завршиме со раст на економијата. Индустриското произвоство бележи пад во последните 11 месеци, а во периодот јануари-јули неговиот пад е 6.9 осто. Влошување е забележано во повеќе гранки. Намалени се и странските директни инвестиции во однос на 2011-та, а од 2009-та се забележа и благо зголемување на стапката на сиромаштија, коешто  во 2007-ма и 2008-ма беше намалено.

Почитувани присутни,

Ова се првичните проекции за 2013-та година. Краткорочните економки перспективи на светската и европската економија не се добри. Проекциите на меѓународните финансиски институции укажуваат дека ризиците ќе продолжат и во 2013 година за кога ММФ проектира раст на БДП од 0,7%, а Европската Комисија од 1%. Интензитетот на должничката криза во Европа и натаму ќе биде фактор на несигурност и намалена активност. Во прашање е капацитетот на најзадолжените земји во ЕУ да извршат фискално прилагодување на среден рок. Според проекциите на Европската Комисија, земјите од ЕУ кои се соочуваат со најголеми проблеми, се очекува да бележат пад на економската активност и во наредниот двегодишен период.

Должничката криза во Европа негативно влијае и врз економската активност во светот, вклучително и забавување на растот во САД, но и на азиските и други брзорастечки економии. Бразил, Индија и Кина забележаа забавување на економската активност заради екстерните случувања и намалувањето на домашната побарувачка. Поради ова намалени се и проекциите за наредните 2 години. Така во 2012 се очекува забавен пораст на Светската економија од 3,5%, а во 2013 од 3,9% раст кој пред се ќе се должи на економската активност на земјите во развој. Развиените земји се очекува да остварат раст на БДП од 1,4% во 2012 и 1,9% во 2013 година.

Зачестените квантитативни емисии во САД и во ЕУ односно ЕЦБ,кои се над економскиот раст, ги зајакнуваат и ризиците за можна идна инфлација на меѓународно ниво, која би ја намалила вредноста на доларот и еврото и истовремено би предизвикала и раст на цените на стоките и услугите глобално.

Проекции за македонската економија

Слабостите на европската економија и во следниот период ќе влијаат негативно врз извозот и растот на македонската економија. Подобрувањето на состојбите во ЕУ дури и во најоптимистичките сценарија се предвидува најрано во втората половина на 2013, со ризици и во тој случај заздравувањето да се одвива релативно бавно и со слаб интензитет.

Во услови на неповолно влијание на европската криза, позитивно е што во македонската економија нема дисбаланси како што се во другите земји, од типот на превисок буџетски дефицит и јавен долг, висок дефицит на тековната сметка на платниот биланс, тнр. ‘меури’ на пазарот на недвижности и сл.  Тоа ќе помогне влијанието од европската криза да биде помало, но секако не и да се избегне.

Во такви услови, задржување на стабилна макроекономска состојба и постепено заздравување на економскиот раст се главните императиви во наредниот среднорочен период. Притоа, можни се две сценарија:

Базичното макроекономското сценарио се базира на очекувањата за бавно излегување на ЕУ од рецесијата и остварување на ниски позитивни стапки на раст во следните неколку години. Во ова сценарио, македонската економија ќе оствари нешто подобри резултати од просекот на европските земји, но стапките на раст на БДП оваа и следната година ќе се движат во распон од 1% до 2%, што е помалку од потенцијалниот раст на економијата.

Второто сценарио се базира на проекциите за излез на ЕУ од кризата кон средината на следната година и стабилизирање на еврозоната. Во тој случај македонската економија ќе може посериозно да ги почувствува резултатите од реформите за подобрување на бизнис климата и конкурентноста на економијата, иако и во тоа сценарио доминантен фактор ќе биде интензитетот на раст на европската економија.

И во двете сценарија, постојат очигледни ризици лоцирани во неефикасноста на европските земји да се усогласат мерките за враќање на довербата на пазарите на капитал, слабостите на еврото и евентуално продлабочување на рецесијата. На позитивната страна пак, може да очекуваме ефектот од планираните странски директни инвестиции кои се во фаза на реализација или се најавени, да дојде до полн израз во следните години.

Во сите овие сценарија, ние мораме да продолжиме со одржување на здрави макроекономски политики и спроведување на реформите. Тие политики вклучуваат:

•Понатамошно одржување на ниски стапки на даноци и придонеси. Во тој контекст, ќе го одржиме ветувањето дадено на бизнисмените и граѓаните: Владата нема да зголеми ниту еден данок во Република Македонија;

•Интензивирање на крупните капитални инвестиции како што се изградбата на автопатот на Коридорот Александар Македонски и други автопати, изградбата на националната гасоводна мрежа, изградбата на пругата кон Бугарија и Албанија и реконструкцијата на пругата на Коридорот X, изградбата на крупни енергетски проекти и сл;

•Продолжување со структурни реформи за подобрување на бизнис климата и конкурентноста на економијата

•Обезбедување на поволни кредитни линии за малите и средни претпријатија од ЕИБ со повластена каматна стапка. Дозволете во оваа прилика да најавам дека штом ќе се влезе во поголемо искористување на кредитната линија со субвенционирана камата од 5.5 осто во износ од 100 милиони евра, во текот на следната година, владата ќе обезбеди нови 100 милиони евра под исти услови со цел ублажување на последиците од европската должничка криза.

•Одржување на нивото на приватната потрошувачка преку постепен пораст на платите и пензиите согласно можностите на Буџетот и општите состојби во економијата.

•Во оваа прилика дозволете да најавам дека и покрај сериозните предизвици со кои се соочуваме, Владата ќе го реализира зголемувањето на пензиите и социјалните помошти од 5 осто, почнувајки од март следната година, додека реализацијата на зголемувањето на платите во јавниот сектор ќе ја одложи за една година заради кризата. Дополнително, пензиите ќе пораснат за уште околу два осто заради законките усогласувања со растот на трошоците за живот и платите, што заедно ќе биде 7 процентно зголемување. Во овој момент останува само една дилема: дали зголемувањето на пензиите да биде како процент на зголемување од 5%, или линеарно зголемување со еднаков апсолутен износ за сите пензионери во Македонија.

•Многу е веројатно дека Македонија во 2013-та година ќе биде единствена или една од ретките земји во Европа која во вакви услови ќе изнајде начин да ги зголеми пензиите на пензионерите и социјалните надоместоци на лицата приматели на социјални помошти.

•Земјата и во 2013-та година ќе продолжи со низок буџетски дефицит и ниско ниво на задолженост

Во 2013-та година нема да дозволиме ниту масовни отпуштања од администрацијата заради заштеди во буџетот, ниту намалување на платите, нема да се зголемат даноци, инфлацијата ќе биде ниска околу 2,5 отсто, субвенциите на земјоделците, пензиите и социјалните надоместоци не само што нема да се намалуваат, туку и ќе растат, банкарскиот сектор и денарот ќе останат стабилни. Владата ќе продолжи со засилено инвестирање во изградба на инфраструктура во ТИРЗ и во индустриските зони, и охрабрување и помагање на домашните и странски инвеститори да започнат нови инвестиции.

Поважни постигнувања во неекономските сектори кои влијаат на економијата

Иако директно не се, реформите во судството и администрацијата индиректно се поврзани со економијата. Новините со кои се зголемија стандардите за упис на академија за судии и обвинители, воведувањето на кариерно напредување во судството, следењето и бодирањето на резултатите на секој судија, ставањето рокови за секој чекор во судската постапка, јавното разгледување на поплаките од судиите на отворена седница на судски совет, вметнувањето на казнени одредби за судиите, дополнителните обуки и редица други активности, дел стапени на сила годинава, а поголем дел од почетокот на 2013-та, полека но сигурно ќе ги зголемат ефикасноста и квалитетот на судството, што е значајно за натамошно подобрување на бизнис климата.

Слични процеси започнаа и ќе продолжат во јавната администрација, каде се воведоа рокови за секој дел од управната постапка на фирмите и граѓаните, и високи казни за пречекорување на тие рокови. Паралелно на ова започна и новиот проект за интероперабилност со кој сите јавни институции почнаа да се поврзуваат компјутерски меѓу себе, а фирмите и граѓаните со тоа во иднина нема да мора за некој документ да талкаат по повеќе шалтери за да соберат документи од различни државни институции со цел да ја остварат целта. Наскоро следува и нов закон во кој за администрација со кој дополнително ќе се зголемат стандардите, професионалноста и ефикасноста.

Ние сме многу посветени и на одржувањето добри односи со соседите и регионалната соработка, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и одржувањето на добри меѓуетнички односи, и посветени на зачленување на Македонија во ЕУ И НАТО алијансата, како наша стратешка цел, која сигурно ќе има и сериозно економско влијание. Очекуваме оваа есен да го добиеме четвртиот по ред позитивен извештај и препорака на ЕК за започнување на преговорите за членство во ЕУ, а ќе дадеме се што е во наша моќ да постигнеме напредок и по однос на прашањето кое нашиот јужен сосед го отвори пред 21 година, а поврзано со нашето уставно име.

И во 2013-та ќе продолжиме да инвестираме во развој на демократијата во Македонија, зајакнување на безбедноста, децентрализацијата и другите важни работи кои индиректно се составен дел на бизнис климата во Македонија, и една по една да ги подобруваме сите слабости и пропусти од минатото.

Дополнителни чекори за привлекување капитал од надвор

На нашата агенда ќе останат и понатаму инвестиционите форуми каде се обидуваме да привлечеме свеж капитал и да отвориме нови пазари. До крајот на годинава планираме посета на некои од кавкаските држави и на САД, а веќе имаме подготвена агенда за следната година. Покрај ова планираме и билатерални бизнис форуми со големи стопански делегации од Македонија поединечно со Србија, Хрватска, Косово, Албанија и други земји од регионот и пошироко.

Сите досегашни активности помогнаа во донесување на крупни глобални компании како Џонсон Мети од Британија,  Џонсон Контролс и Кемет Електроникс од САД, Мадерсон од Индија, Протек груп од Русија, Дракселмајер и Кромберт и Шуберт од Германија, Технохозе од Италија, Џеваир компани и ТАВ од Турција, и многу други.

Намалувања на доцнењата во плаќањата во 2012-та, причини зошто дојде до нив

А сега почитувани присутни ќе се осврнам на еден многу значаен дел за Вас како стопанственици и бизнисмени, а тоа е проблемот со доцнењата во повратот на ДДВ и исплатите по договорни услуги од страна на државните институции.

Се до почетокот на светската криза по доаѓањето на оваа Влада поточно во последниот квартал на 2006-та, во 2007-мата и  2008-мата,  Македонија беше пример за враќање на ДДВ во многу краток законски рок од 30 дена. Ова го велам затоа што во законите на други земји е пропишано враќање за подолг период, некаде 45 дена, некаде 60, и тоа е најчесто во регионот, или во најголем дел од земјите низ Европа воопшто нема рок во законот, како Германија на пример, што подразбира враќање веднаш или кога ќе се создадат услови. Како и да е, во Македонија законскиот рок е 30 дена. Ова го потенцирам за да дадам до знание дека доколку сакавме како Влада да ги отфрлиме критиките за доцнењата, можевме многу лесно да се повикаме на фактот што голем број европски земји, многу побогати и помоќни, враќаат ДДВ во подолг законски рок, и наведувајки ја светската и европската криза, да го измениме законот и наместо 30 да ставиме на пример 60 или 90 денови, и на тој начин формално да ја намалиме тежината на ова прашање. Тоа можеби ќе ни помогнеше нам, но не и Вам, и од тие причини не повлековме таков чекор.

Сепак, овој законски рок веќе еднаш беше нарушен, и тоа во периодот 2003та-2004та, што е дел од извештаите на ММФ за Македонија. По доаѓањето на власт на оваа политичка гарнитура, враќањето на ДДВ се врати во законските рамки, освен за ситуации каде имало посебни истраги заради сомневања во законитоста, но тие се исклучоци помали од 0.5 осто.

Проблемите започнаа од 2009-та година со разгорувањето на светската економска криза, и имаа подобри и полоши периоди. Како и да е, факт е дека и покрај тоа што успеавме како држава и како влада да избегнеме или ублажиме  многу удари кои многу други земји низ Европа не успеаја да ги одбегнат, сепак, ликвидноста на буџетот беше погодена, и тоа го чуствуваме сите, и по однос на доцењата за поврат за ДДВ, но и по однос на плаќање на обврските, и во тој правец вашите реакции и критики беа разбирливи, и особено гледајќи само од ваш агол и оправдани, независно на сложеноста на ситуацијата во која се наоѓа светот и Европа во целина, и фактот што живееме во исклучително тешко време кое донесе предизвици на влада какв ишто немало никогаш во последните 80 години. 

Која е генезата на појавата на овој проблем. Проблемот настана затоа што светската, а подоцна и европската криза, ги намалија количински и во вредност, нарачките кои македонските фирми го имаа кон европските фирми како нивни партнери, бидејки заради кризата, падна потрошувачката во нивните земји. Тоа го намали извозот, но и увозот особено на репроматерјали, тоа доведе до намалени приходи во буџетот. Намалените приходи во буџетот, бараа од нас кратење на многу проекти на владата, и тука не е само проблем што тие проекти како политичка гарнитура сме ги ветиле кон граѓаните, поголем проблем е што целосната елиминација на тие проекти ќе оставеа без работа, и ќе однесеа во пропаѓање многу фирми, кои од тие проекти опстануваа во тешкиот период на кризата. Како и да е, ние намаливме дел од активностите претходно предвидени, но направивме и компромис, со тоа што сепак  најголем дел од проектите ги продолживме, иако со забавена динамика и задоцнувања во плаќањата, без позначајно да се зголеми задолженоста на земјата. Тоа како позитивен ефект даде што Македонија долго време, еве веќе 4 години во светска или европска криза, годината ја завршува со најдобри рангирања во однос на растот на БДП, еден од најниските буџетски дефицити во Европа, ниска инфлација, стабилност на денарот и ниско ниво на државен долг. Тоа помогна и да не почне повторно да расте невработеноста, која за разлика од речиси сите земји во Европа успеавме во овој кризен период  да ја задржиме на нивото од 2008-мата кога започна светската криза, а притоа не намаливме ниту плати, пензии, социјална помош и субвенции на земјоделците, дури и некои од нив ги зголемувавме. Не беше лесно да се изведе тоа, и во тој правец дозволете да изразам задоволство од посветеноста и стручноста на моите соработници, како и централната банка. Сепак, ова политика имаше по некои слабости, односно со медицински жаргон нус појави, кои ние ги предвидовме и внимателно ги следевме, а главната таква нус појава беа токму доцнењата во плаќањата од буџетските интитуции.

Повеќето од Вас знаете дека јас како премиер, но и економскиот тим во Владата сме многу отворени за контакти, средби, предлози, идеи, комуникација и соработка како со стопанските комори така и директно со компаниите. Тоа многу ни помогна во работењето, носењето одлуки, намалувањето на бројот на пропусти и постојано следење на реалната состојба во економијате. Од она што го имам како информација во последните шест до девет месеци, главен проблем од оние проблеми каде што владата може барем делумно да влијае е доцнењата во плаќањата. Штом за Вас тоа е главен проблем, автоматски тоа е и за нас, и ние сите во еконосмкиот тим и владата, сериозно го анализиравме ова прашње во изминатиот период, и начините за негово надминување.

На база на тие анализи ние донесовме одлука, која денес ќе ви ја соопштам.

Таа е одлука која ќе го елиминира проблемот на доцнење на плаќањата на државата кон стопанството. Со таа одлука, Ви соопштувам дека почнувајќи буквално од утре, доцнењата во повратот на ДДВ и плаќањето на фактурите постапно ќе се намалуваат со цел до крајот на фебруари, 2013-та, овој проблем да се надмине. Нашата цел и ветување кое Ви го давам денес е до крајот на ноември да завршиме половина од оваа наша цел, а до крајот на февруари проблемот ќе е целосно елиминиран. Средствата за реализација на ова ветување се обезбедени.

Наша втора цел е, по неговата елиминација, да не дојде до повторна појава на овој проблем во текот на следната година, и тоа е ставено како приоритет при креирањето на фискалната политика за 2013-та година.

Сепак, морам да подвлечам дека оваа одлука не ја донесовме само заради вашите барања и критики, туку и заради проценката на економскиот тим, дека досегашната политика го даде својот ефект, во максимум време колку што може да го даде, и дека таа треба да претрпи мали корекции, со цел истата да не стане контрапродуктивна. Или повторно со медицински речник кажано, време е за мала промена на терапијата, се разбира ако и европската должничка криза ја споредиме со одредена болест која сеуште трае, а обврска на економскиот тим е да се справува со неа.

Како што веќе кажав, Македонија е држава која меѓународните финансиски институции ја сврстуваат меѓу земјите со понизок буџетски дефицит и задолжување во Европа, и здрава и стабилна макроекономска политика. Во овие времиња тоа е голема предност, и важна информација за секој потенцијален инвеститор. Нашиот план е Македонија да продолжи и понатаму да биде една од земјите со најнизок буџетски дефицит и покрај тоа што во промената на овој концепт, се предвидува мало зголемување на буџетскиот дефицит за околу 1 осто оваа година и за 1 осто следната година, односно приближно три и пол отсто буџетски дефицит во 2012-та и околу 3.5 осто во 2013-та година, со тенденција на негово натамошно намалување после 2013та година.

Овие наши намери ги споделивме со преставниците на меѓународните финансиски институции, како ММФ и СБ. Тие ја сметаат за позитивна оваа мала краткорочна промена во макроекономијата. Би сакал да потенцирам дека СБ начелно најави подготвеност да ни помогне преку издавање специјална гаранција за Македонија, со цел затворањето на целиот  буџетски дефицит за оваа и следната 2013-та година да биде со најмали можни трошоци, или поточно со камата на отворениот пазар од околу 4.5 осто, што во услови кога пазарната камата за Македонија во моментот е околу 8 до 9 осто ќе се согласите дека тоа е одлична комбинација. За нив е важно што Македонија и понатаму ќе остане макроекономски стабилна држава, и понатаму ќе биде помеѓу 4-5 најннискио задолжени земји во Европа и  десетина  држави со најнизок буџетски дефицит во Европа, а истовремено, ќе се елиминираат или сведат на минимум проблемите со задоцнетите плаќања од буџетските институции.

Овие корекции во политиките иако сме свесни дека може ќе имаат мала и краткорочна  негативна рефлексија во оценките на рејтинг агнциите, таа ќе помогне да се надмине проблемот со доцнењата во исплатите од државните институции вклучувајки го и повратот на ДДВ, и истовремено да продолжат  да течат со задоволувачка динамика актуелните проекти кои обезбедуваат работа за стотици компании во Македонија, но и задржување на илјадници работни места, што секако ќе се одрази на растот на БДП, на идните приходи во буџетот и на вработеноста.

Демографија

Дозволете кратко да се осврнам и на едно прашае кое често се занемарува, а е важно за економијата, а тоа е демографијата. Популацијата во Македонија од година во година опаѓа. Во 1950-та година биле родени 50 илјади деца во Македонина, во 1960-та биле родени 42 илјади деца, во 1970-та 37 илади деца. Трендот на намалување на бројот на родени продолжува да опаѓа, И во 2000-та се родиле 29 илјади деца а во 2010-та 22 илјади деца.

Значи во 1950-та 50 илјади деца, а во 2010-та 22 илјади деца, повеќе од дупло помалку.Вие знаете дека една економија ја сочинуваат луѓето, и дека нема економија без луѓе. Ако нема луѓе, нема ни продажба, ни интерес од инвеститори, ниту сериозен раст на економијата. Проблемот не е само во сиромаштијата, затоа што ако направите една математика за Вас присутните тука менаџери и газди на компании, и тоа кој е вашиот просек на деца, и кај повозрасните од вас, кој е просекот кај Вашите деца да имаат деца,ќе сфатите дека проблемот е многу поголем одколку невработеноста и сиромаштијата, бидејки во оваа сала нема сиромашни или невработени луѓе. Проблемот е и европски и ги оптеретува најбогатите земји на европа, како Германија, Франција и другите, кои засега проблемот го решаваат со увоз на економски емигранти од Африка, Азија, и источна Европа. Ние како влада превземаме одредени мерки, но проблемот е во свеста на луѓето а тоа тешко се менува.

Без претензии денес да најдеме решение за ова прашање, чуствував потреба да се осврнам на него, како на сериозна рецесија на новородени деца, рецесија на наталитетот, рецесија на нацијата, која е поопасна рецесија од онаа со која денес се соочуваме во економијата. Размислете подлабоко за ова, и да се обидеме сите заедно во земјата во наредниот период да отвориме јавна дебата по ова прашање.

Почитувани стопанственици,

Сега дозволете ми да се осврнам на состојбата и перспективите на  македонската економија, и од еден друг агол. Досега говорев што државата може, прави и ќе прави за бизнисот. Дозволете сега да се осврнам и да отворам дебата околу темата што бизнисот може да направи за бизнисот. При тоа, се надевам дека нема да бидам разбран погрешно, во смисла дека Ви делам некакви лекции или да Ве учам како да водите бизнис. Вие си ја знаете таа работа и успешно со години ја правите. Сепак, има некои работи кои Вие ги знаете, но ценам дека е корисно да обрнам внимание.

Ние, и цела Европа 4 години живееме и работиме во услови на криза, а повремено и рецесија. Во светот и во минатото низ историјата имало кризи, а сигурно И во иднина ќе ги има. Некои економисти дури ги гледаат како циклични појави како резултат на насобрани слабости од еден период.

Сепак, факт е, а не флоскула, дека секоја криза, освен што е криза, таа е и шанса. Погледнато низ историјата, како во поголеми, така И во помали кризи, многу компании, кризите И тешкотиите на фирмите во нивниот сектор или воопшто, ги гледале и како своја шанса, и момент, кога можат да „заземат“, во економска смисла, туѓа територија на пазарот, преку зајакнување на својата конкуретност, меѓу останатото преку иноваторски активности, преземање на ризик итн. Ова е време кога треба да се размисли повеќе за тоа. Ова е време додека многумина се „дават“ во проблеми во вашата бранша насекаде низ Европа и светот,секој да размили каква новина може да направи, и да ја искористи моменталната криза, да излеземе посилни и поконкурентни.

Ова е време за акција. Ама не само акција за опстанок, туку и акција за раст. Многу е потешко да се направи силен продор во услови кога нема криза, одколку во услови кога има криза на пазарот во Европа и пошироко. Тој продор е посилен, И потоа опстојува на подолг рок, одколку кога расте пазарот па растат И вашите зделки. Да, ама кога ќе почне да паѓа пазарот, ќе почнат да паѓаат И вашите зделки.

Затоа, јас говорам за продор сега, продор базиран на зголемување на конкурентноста на сопствениот производ,подобрување на квалитетот, намалување на трошоците, привлекување на што подобар човечки ресурс, иновативни идеи, создавање нов понапреден производ со кој ќе стекнете предност на подолг рок.

Знам дека многумина од вас тоа го правите, но сепак ќе кажам. Ако не Ви оди со некој производ или со фирмата, размислете, сменете нешто, реорганизирајте, поставете подобар менаџмент, донесете нови креативни луѓе во тимот,смислете нов производ, редизајнирајте го постоежкиот, направте нешто ново во Вашиот маркетинг итн.Да делуваме!!! Да бидеме  иновативни,креативни, агресивни на пазарот низ Европа и светот, домашниот пазар е многу мал, регионалниот сиромашен, ние треба да бараме што повеќе партнери во Европа И надвор од неа, мора да излеземе подалеку од бившата СФРЈ, мора така да размислуваме....

Германската канцеларка Ангела Меркел многу јасно им посочи на компаниите: на Европа ú треба да биде конкурентна и ние исто така мораме да бидеме  конкурентни ако сакаме да останеме економски партнер на САД. Ова мора да биде направено на база на моќ на конкурентност.

Луѓето кои се лидери во Вашиот сектор на светско ниво почнале  со многу мал капитал, некои од нив и со 200 долари или слично, ...секој може да успее, но мора да се работи, и да се обидува, постојани обиди, да се влегува во колку е можно попресметан ризик, понекогаш да не се успева, но да се продолжува со обидите. Најбогатиот човек на светот карлос Слим, при неодамнешната посета, ми го раскажуваше неговиот животен пат. Започнал со 200 долари од татко му. Денес е најбогат човек на светот. Се што постигнал постигнал со својот ум, креативност, самодоверба, претприемнички И иноваторски дух, секогаш чекор пред другите во идеите, во секторите во кои работи. Најбогатиот човек во Европа, сопственикот на Зара и повеќе други брендови, започнал како продавач во продавница за текстил, а потоа дома со жена му во дневната соба, почнале да кројат И шијат за својот прв сопствен бутик, изнајмен под кирија. Ова не го говорам само за Вас присутните, туку за сите граѓани кои не веруваат во себе, а секој човек има потенцијал во себе, но не секој правилно и целосно го искористува. Голем број од луѓето во Македонија немааат доволно самодоверба, не веруваат во своите можности, потенцијали, капацитети, и не се обидуваат. Постојано бараат вина кај некого, некогаш кај банките, некогаш кај државата или партиите, некогаш кај конкуренцијата,некогаш во нешто друго И премногу се оптеретуваат со тоа, иако за сите слабости треба гласно да се зборува, но да не се застане на тоа, бидејки И во сите проблеми, ако се биде поенергичен И амбициозен има шанси за успех. Ова мора да се промени. Ние мораме да работиме многу повеќе и постојано да се бориме и да се обидуваме. Неодамна бев во Турција, земја во сериозен економски подем. Она што го забележав е дека секој човек а особено секој млад човек, така е воспитан, што постојано размислува како да работи и заработи, како да научи нешто и од тоа да направи бизнис. На пример, младо момче се вработува во слаткара, со цел за неколку години да научи како се прават слатки, малку да заработи, и тој по некое време да отвори своја слаткара како бизнис. Кај нас, 90 осто на пример, не помисуваат да се вработат во таква дејност, а од тие што се вработуваат 99 осто немаат амбиција еден ден сами да развијат свој бизнис. Едноставно таму општеството претприемачки размислува, така се воспитуваат децата од мали нозе И така живеат. И ако ова е пример од Турција, уште повеќе ги има вакви примери во  САД, Израел,Канада, Шведска, Италија...  Овој наш менталитет мораме да го менуваме. Мора многу повеќе да се бориме и непрекинато да се обидуваме да успеваме.

Знам дека, многумина од вас, сега си велат што ни зборува сега овој човек, незнае ли со какви проблеми се соочуваме, какви проблеми имаме со банките, тежок достап до кредити, намалени нарачки, вишок вработени, ниска ликвиност, кој од Македонија може да направи иновација подобро од некој европски гигант во секторот каде што сме ние, и редица други контра аргументи на моето излагање. Веројатно на многумина од Вас, за мекедонски услови тоа изгледа премногу теоретски, и невозможно во практиката, ама не е така. Не треба да се потценуваме, ниту пак да се преценуваме. Треба сериозен обид, односно постојани обиди, бидејки честопати првите обиди се неуспешни.

Јас знам дека еден дел, потенцирам еден дел а не сите, од Вас размислуваат вака: имам доволно пари на страна за мене и семејството, ако дојде најлошото, фирмата ми е во потешкотии, ...ОК, ако морам ќе отпуштам дел од вработените, ќе намалам плати и други трошоци, и веројатно ќе ја пребродам кризата, па кога кризата ќе помине, и пазарот во европа во мојот сектор ќе почне да расте, ќе падне некоја нарачка повеќе, и ќе се повратам.

Почитувани присутни, тоа е филозофија на сиромашните, план за штедење без план за раст и развој. Филозофијата на богатите е не само како да заштедам, туку многу повеќе како да заработам повеќе во секоја ситуација, и без криза, и во криза.

Денеска светот е глобализиран, и нашиот пазар е од Јапонија, преку Кина, Русија, Европа, па се до задниот брег на Америка, и од Шведска и Норвешка до Јужно Африканската Република. Нема веќе далечни и блиски земји. Нормално, кај некои производи, трошоците за транспорт играат клучна улога, ама кај поголем дел од нив не играат толку пресудна улога, а некаде како кај производстворто на софтвери тие речиси не постојат. Ова е време кога сите треба да се бориме за нови пазари. Ако чекаме купувачите или инвеститорите да дојдат кај нас, тие или нема да дојдат, или ако дојдат тоа нема да биде по добри услов. Како што ние во владата тргнавме од земја во земја, од град во град, од фирма до фирма, во ова тешко време кога има помали можности за нови инвестиции, така треба и секој бизнисмен. Не чекајте, барајте извозни пазари. Но претходно, смислете нешто што ќе биде додатна вредност за вашата фирма и производ кој ќе го понудите.

Ние, во Владата на пример, најпрвин создадовме економијасо конкурентна предност, земја со најниски трошоци воЕвропа, најниски даноци, една од најповолните клими за водење бизнис,ја намаливме корупцијата И тоа го констатираа меѓународните институции кои имат кредибилитет да го следат тоа, помогнавме да има поголем  број високо образовани луѓе преку отворање на нови универзитети, факултети, дисперзирани студии, поевтинето студирање, 99 осто од средношколците почнуваат да студираат, слободна трговија со цела Европа, ТИРЗ со најповолни услови во Европа, па дури тогаш, откако направивме конкурентен пакет на понуда, тргнавеме со овие и многу други предности кои денес ги спомнав, да ги преставиме пред светот. Да ја претставиме Македонија како одлична локација за отворање или префрлање на нивни постоечки фабрики. Сето ова е со цел да бараме и привлечеме инвеститори кои ќе отвораат нови работни места во Македонија, ќе ја зголемат економијата и извозот, ќе донесат нови технологии, знаење итн.

Така треба и Вие, треба да осмислите новини во вашата фирма, во вашиот производ, и да одите да се борите да го продадете вашиот производ. Секако, јас знам дека Вие го правите тоа, но, секогаШ може и повеќе и поподготвено, и поконкурентно. Јас ова го говорам затоа што знам дека можете, затоа што веќе имаме успешни примери. Ако може фирмата Сивус да продава апликации и софтвери на сони ериксон, можат и други од тој сектор да го направат истото, а знам дека дел од нив веќе и го прават. Ако може фирмата Хајтек да прави електронски плочи за Сименс и Боинг, или Микросам од Прилеп да прави и продава машини за воената и цивилната авионска индустрија низ цел свет, Алкалоид да продава македонски чаеви низ најголемите ланци на супермаркети во Америка, или Руен од Кочани да има продажба на делови за автомобилкиот гигант од Франција Валео, Еинсофт да прави софтвер за Џонсон Контролс, ФХ3Х да прави филмски анимации за холивудската и оскаровска филмска индустрија, Макпрогрес кои имаат извоз на кондиторски производи во над 40 држави, Сипо од охрид да произведуваат автомобилски појаси за Волвио, Витаминка да е присутна во толку многу земји, како и редица на други присутни денес овде, тогаш можат И многу други кои сега не го прават тоа

Кога станува збор за финасирањето, не заборавајте дека:

-Македонија не е единствената држава која има банки, и не мора по секоја цена ваш проект да е финасиран исклучиво од банка во Македонија. За добар проект, има многу банки низ Европа и пошироко, кои би биле подготвени да го подржат. Секако за комуникација со нив Ви требаат луѓе кои знаат како се работи со нив, а ваша работа е да се обидете.

И уште еден значаен факт:

-дека банките во Македонија најмалку 10 години немале така голема ликвидност како што имаат сега. Тие барат  квалитетни проекти. Знам дека некои од нив имаат ограничувања од банките мајки, но повеќето немаат, но категорично тврдат дека во Македонија недостасуваат квалитетни проекти и бизнис случаи, што потврдува И фактот дека бројот на лошИ пласмани на банките расте

Ова не значи дека не постои простор за подобрување на работата на банките, и дека тие немаат слабости во смисла на нивната работа со реалниот сектор,крутоста и недовербата, но повикувам на поголем ангажман при осмислувањето на проектите. Тоа не е добро само за банката, туку пред се за вас. Вашиот ризик ќе биде помал.

Државата ќе помага колку што може, но Вие мора да сте постојано во чекор со времето, и чекор пред конкуренцијата, и да размислувате и делувате глобално, а не локално, како што многумина од вас веќе прават. Само така ќе растат Вашите бизниси на стабилни темели.

Не заборавајте дека живеете И работите во земја, каде цената на работната сила е поконкурентна отколку истата во источна Кина, локација од каде најголемите комапнии на светот со свое производство  покриваат цели континети, во смисла дека таму ги имаат преселено фабриките од кои произведуваат за цела Азија, а многу често и за Европа и  Америка и другите континенти.. Искористете ја таа предност додека ја имате.

Една од поважните работи е да наоѓате соработници, менаџери, вработени кои заедно со Вас ќе се борат со сето ова, и да вложувате во нив. Се се прави со луѓе, со креативни, полни со знаење и мотивирани луѓе. Вашата цел треба да е кога вработувате да барате што повеќе луѓе кои или се подобри од Вас интелектуално и како бизнис профил, или имаат потенцијал за неколку години во кои ќе вложувате во нивна надградба да станат подобри од Вас. Само со такви луѓе И таков начин на размислување ќе успеете. Тие луѓе, се разбира заедно со Вас, ќе донесат иновативни идеи, нов дух, нова енергија, ново знаење, нова креативност, нов или видоизмент производ, нов партнер, нов договор за продажба, нов извоз, нов Пазар, нови инвестиции, И сето тоа за вас, И вашата фирма. Но, треба да ги најдете,да потрошите време на тоа, да ги прифатите И мотивирате, да вложите во нив, и потоа да имате полза од нив, ВИЕ, нагласувам.Такви луѓе има доволно во Македонија, а ако за некој сегмент немадоволно, донесете од надвор. Важно е да успеете. Од наша гледна точка како влада И преставници на држвата, таквиот пристап ќе донесе нови  работи места и поконкурентна економија. Вашиот успех ќе биде успех ина државата, и на сите граѓани. Но, Вие мора многу повеќе да верувате во себе, постојано да се надоградувате и да се обидувате.

Иновацијата секаде во светот е посебна алатка на претприемачите, средството со кое тие ја искористуваат промената како можност за различен бизнис или за различна услуга. Како што вели Филип Дракер во неговата книга иновацијата и претприемништвото, таа може да се престави како дисциплина, може да се научи и може да се практикува. Претприемачите треба да ги бараат изворите на иновацијата, промените и нивните симптоми што укажуваат на можностите за успешна иновација.и тие треба да знаат и да ги применуваат принципите на успешна иновација. Претприемачите сеуште се малцинство  меѓу новите бизниси. Тие создаваат нешто ново, нешто различно, тие менуваат или преобразуваат вредности. Исто така, едно претпријатие не мора да биде мало и ново за да биде претприемачки настроено.

И токму во еден ваков дух е создадена и Ејпл филозофијата за иновации: креативноста почнува со поставување прашања. Иновацијата се случува кога некое од тие прашања ќе добие одговор. Ако нема прашања, нема ни одговори. Ако има повеќе прашања, ќе има повеќе одговори.

Почитувани присутни,

Европа ќе има долг пат на опоравување од сегашната криза, но мислам дека е на прав пат. Ние како економија која 90 осто извезува во европа, ќе продолжиме со мерки кои ќе помагаат на македонските компании И граѓаните за ублажување на таа криза, и што побрзо подобрување. Како И досега, ние мораме да останеме соработувајки заедно, Владата и парламентот, во контакт и комуникација со НБМ, коморите, компаниите,синдикатите, граѓаните, НВО, пријателите од меѓународната заедница, опозицијата,експертите..., да ги слушаме, дискутираме и да ги превземаме најдобрите чекори во секој даден момент. Јас сум оптимист за 2013-та, и покрај видливите предизвици во европа и соседството. Со мојот тим ќе продолжам деноноќно да работам за добро на Македонија и на сите граѓани во неа.

 

 

Категорија: