Стапува во сила на Договорот за социјално осигурување помеѓу Република Македонија и Канада

 

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски информираше дека на 1 ноември 2011 година стапува во сила  Договорот за социјално осигурување помеѓу Република Македонија и Канада. Овој Договор ќе се применува на сите граѓани коишто во Република Македонија или Канада навршиле периоди на осигурување или престој.

Овие периоди им се засметуваат во пензиски стаж врз основа на што граѓаните остваруваат право на пензија.
"Со Договорот е утврдено остварување право на старосна, семејна и инвалидска пензија како самостојна пензија доколку се исполнети условите согласно со  прописите на Македонија и/или Канада. Исто така, посебно е значајно дека  со Договорот се уредува собирање на периоди на осигурување или престој во двете држави со што  се овозможува граѓанинот да оствари право на пензија по тој основ или таканаречен  сразмерен дел на пензија", рече министерот Ристовски и притоа додаде дека со Договорот се дава можност остварените пензии во Канада да се трансферираат во Република Македонија ако корисникот се врати да живее во Македонија.

Ова е втор договор кој Република Македонија го применува со прекуокеанска држава и со него приближно  200.000 иселеници во Канада ќе можат да ги остварат своите права од пензиско и инвалидско осигурување. 

Исто така, министерот Ристовски информираше и за сите договори што се применуваат со останатите држави. 

 "Од досегашната примена на Договорот за социјално осигурување со Австралија пристигнати се околу 2500 барања за македонски граѓани кои живеат и работат во Австралија, а имаат пензиски стаж и во Македонија. Од овој број, за 770 граѓани, донесени се соодветни решенија за правото на пензија", рече министерот Ристовски.

Од примената на билатералните договори за социјално осигурување, досега  35.000 граѓани користат пензии од друга држава. Од нив околу 13.000 македонски граѓани користат пензија од Германија, над 5000 граѓани користат пензија од Полска, над 8000 граѓани користат пензија од Србија, над 2000 граѓани примаат пензија до Швајцарија, над 2000 граѓани користат пензија од Хрватска, над 1000 граѓани користат пензија од Словенија.

До крајот на 2011 година Владата на Република Македонија ќе покрене иницијативи за склучување на договори за социјално осигурување со Словачка, Франција и Нов Зеланд, а во тек е процедурата за потпишување на договор со Италија како и завршување на преговорите со Албанија.

На прес конференцијата беа присутни директорот и заменик директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Исни Јакупи и Марија Којзеклиска.

Категорија: