Средба на лидерите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“

Состојбите предизвикани од европската должничка криза, активностите поврзани со евроатланската интеграција на Македонија, состојбите во владината коалиција и претстојните локални избори биле теми на кои на денешната средба разговарале лидерите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“.

- Се разгледуваше состојбата предизвикана од европската економска должничка криза, податоците кои се актуелни во Македонија и во Европа и се разговараа можностите и начините како да се изнајдат решенија со кои што би се намалиле негативните ефекти од кризата, изјави по средбата директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Тој додаде дека биле разгледани состојбите што се случуваат во земјите кои се најголеми трговски партнери на Република Македонија, како Србија и Словенија, а, исто така се наоѓаат во сериозна криза.

- Ние не можеме да ги апстрахираме податоците кои говорат дека таквата состојба во Европа и во нашето соседство драстично влијае на економската состојба во Република Македонија. Секако, како и до сега ги разгледуваме можностите за промовирање на мерки, кои ќе ги балансираат или ќе ги намалат негативните последици. Инаку рецесијата како податок денеска воопшто не е изненадување за никого, поради тоа што тоа е и во рамките на очекувањата, кои што и политичари и експерти и новинари веќе подолг период ги разговараат на ниво на јавност во Република Македонија, рече Димовски

Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека на средбата биле разгледани и активностите на Владата, министерствата, Собранието и другите институции, поврзани со исполнување на обврските визави патоказот кон ЕУ, односно обврските кои земјава ги има преземено во рамки на високиот пристапен дијалог со ЕУ.

- На денешната средба со коалициските партнери ги разгледувавме и состојбите и проблемите кои што постојат во однос на внатре владината коалиција. Колициските партнери беа информирани за сите случувања во владината коалиција..., истакна Димовски.

Во врска со несогласувањата што се јавија меѓу владините партнери поврзани со донесувањето на таканаречениот закон за бранителите, Димовски, истакна дека Законот е позитивен и никому не одзема права и можности.

- Република Македонија функционира врз база на Устав и закони, Собранието на Република Македонија врз база на Деловник и други правила, што постојат за неговата работа. Пратениците во рамките на тие можности постапуваат онака како што мислат дека е најпотребно да постапуваат. Гледаме дека Деловникот таков каков што е нуди широк дијапазон на можности. Она што ние би сакале да го потенцираме повторно, е дека Законот за бранителите е закон кој што е позитивен и никому не му одзема никакви права и можности. Напротив ја продлабочува оваа материја, за која што има веќе донесено закони во Република Македонија. Затоа цениме дека политичките партии треба да го надминат периодот во кој што со емоции коментираа околу законот за бранителите и да се потрудат во рамките на можностите кои ги имаат, во рамките на интересите на нивното гласачко тело да ги разгледаат рационалните аспекти на предлогот на Закон за бранители, рече Димовски потенцирајќи притоа дека тој се однесува и на бранителите во 2001 година, но и на војници на почетокот на деведесетите кои беа распоредени на различни фронтовски линии на ЈНА.

Тој истакна дека на средбата се разговарало за претстојните локални избори, но не за предвремени парламентарни.

- Не го разгледувавме тоа, бевме концентрирани на концептот на подготовката околу настап околу локалните избори. Се разговараше околу активностите кои веќе се преземаат, во смисла на прибирање идеи од граѓаните, креирање програми, вклучување на помалите коалициски партнери во креирањето на програмите на коалицијата за подобра Македонија и сите други аспекти и можности за подобрување на учинокот на помалите политички партии во подготовката на стратегијата за локалните избори, изјави  Димовски.

Тој повтори дека за нив како партија во моментов предвремени парламентарни избори не се најпосакувана опција, но, како што истакна, тие се најподготвени ако има потреба од предвремени избори да се влезе со полн капацитет во изборна кампања.