Бесими:„Скорпионите“ и „Леопардите“ се беспрекорни војници и господари на својата професија

Запознавање со процесот на подготовки на декларираните единици за учество во меѓународни мисии, како и разговори и отворен дијалог за сите проблеми и потешкотии на кои наидуваат војниците во извршувањето на секојдневните задачи, во рамки на проектот „Стандард“, беа главните цели на денешната посета на министерот за одбрана Фатмир Бесими, на припадниците на 1. механизирана пешадиска бригада во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

- Колку и да вложуваме средства во модерна опрема и вооружување, доколку поединецот, војникот, старешината е незадоволен од која било причина, тоа може да влијае на процесот. Јас како министер за одбрана сум на ваша страна, јас сум овде за вас, да ги решавам вашите потешкотии во работењето, им порача министерот Бесими на присутните.

Како приоритети на кои ќе се стави фокусот во идниот период, министерот Бесими ги посочи ажурирањето и спроведувањето на Стратегијата за човечки ресурси, спроведување на програмите за еднакви можности и правична и соодветна етничка застапеност, развивање на Програмата за професионален развој на лидери и менаџери, континуитетот во спроведувањето на програмата „Лепеза“, како и донесувањето на Концептот за психолошка поддршка на воениот и на цивилниот персонал при упатување во мировни операции и поддршка на семејствата на персоналот кој е распореден во меѓународни мисии.

Воедно, во контекст на Денот на единицата - 17 септември, министерот Бесими им честиташе и им се заблагодари на присутните за нивните напори за развој, обученост и професионализам кои се евидентни, воочени и потврдени преку големиот број признанија од цивилните и воените авиторитети во секоја мировна мисија во која биле ангажирани припадниците на 1. мпбр.

Развојот и унапредувањето на армијата, посочи министерот, се врши на три нивоа, три столбови кои воедно преставуваат насоки по кои ќе се движи динамичниот план за трансформација на Армијата и на одбраната. Имено, станува збор за меѓународното делување во однос на членството во НАТО, преку спроведување на сите реформи, придонесот во етаблирањето на глобалниот мир и визибилноста на државата во меѓународните институции, потоа на национално ниво со зајакнување на меѓусебната етничка и меѓурелигиозна доверба, како и на ниво на Армијата на Република Македонија со контуниутетот во креирањето на модерна и високо професионална армија, подобрувањето на стандардот на припадниците на АРМ и процесот на доближување на Армијата до граѓаните.

Целта, како што потенцира министерот Бесими, е престижна професионална и модерна армија и војници со достоинствен стандард како заедничка обврска, посочувајќи дека задачата од која нема да отстапи е, пред сè, професионалниот војник.