Владата донесе дополнителни мерки за поддршка на оризопроизводителите

Владата ја зголеми директната финансиска субвенција за производителите на ориз. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски попладнево информираше дека на денешната седница донесени се дополнителни мерки за поддршка.

Земјоделците кои имаат земјишна површина до 2,5 хектари и на неа произведуваат ориз ќе добиваат дополнителни 3,5 денари за секој продаден килограм арпа во регистриран откупен пункт. За производна површина од 2,6 до пет хектари субвенцијата ќе биде по два денари за килограм, за површина од 5,1 до 7,5 хектари по 1,5 денар за килограм и за производна површина од 7,6 хектари до 10 хектари по еден денар за килограм.

Откупувачите на ориз ќе добијат по два денари за килограм извезен ориз спакуван во амбалажа со потекло од Република Македонија.

- Имајќи ги предвид состојбите во потсекторот ориз во 2011 и 2012 година, во соработка со производителите и откупувачите на ориз, Владата на предлог на Министерството за земјоделство им излезе во пресрет на нивните барања со дополнителни мерки за поддршка, изјави Димовски.

Тој истакна дека дополнителните мерки се последица од потребите кои произлегуваат од актуелните состојби во потсекторот ориз и од состојбите со неговиот откуп.

Рокот за апликации за оваа мерка е од 1 октомври до 15 декември годинава.