Претседател на Владата на Република Македонија на Генералното собрание на Обединетите нации

Почитуван Претседател на 66-то Генерално собрание на Обединетите нации,

Почитуван Генерален секретар на Обединетите нации,

Ваши Екселенции,

Дами и господа,

 

Ми претставува особена чест и привилегија да се обратам пред овој исклучително важен форум и да ги споделам ставовите на Република Македонија во врска со актуелните прашања на агендата на Обединетите нации.

Најпрвин, би сакал да му упатам честитки на Неговата Екселенција Амбасадорот Насир Абдулазиз ал Насeр за неговиот избор за претседател на 66-то Генерално собрание и да упатам честитки и на досегашниот Претседател, господинот Џозеф Дајс, за неговото успешно претседавање со 65-то Генерално собрание.

Истовремено, ја користам оваа прилика да му го честитам реизборот на Генералниот секретар на Обединетите нации г-динот Бан Ки-мун, изразувајќи уверување дека ќе продолжи да работи на реализацијата на благородните цели на Обединетите нации.

Дами и господа,

Република Македонија ја прослави 20 годишнината од својата независност. Минавме низ многу предизвици и искушенија; од мирното прогласување на независноста, изградбата на нов политички систем, со целосно почитување на демократските вредности и човековите права и слободи; трансформацијата на економскиот систем, проследен со решавања на бројни социјални проблеми; етаблирањето како одговорен и активен член на меѓународната дополнително обременети и со одредени барања и условувања. За сето ова време Република Македонија имаше партнер во Обединетите нации.

Тргнувајќи од лекциите научени во изминатите 20 години, мојата земја посебно ја валоризира улогата на посредништвото во мирното разрешување на конфликти. Република Македонија ја поздравува правовремената и мудра одлука, Генералното собрание да ја стави во центарот на овогодишната дебата улогата на медијаторството во решавањето на конфликтите. Најголемиот дел конфликти не се случуваат преку ноќ; тие се предвидливи и со самото тоа постојат реални можности за делотворен дипломатски ангажман за нивно спречување. Тогаш цената е најмала, во секој поглед. Потврдувајќи ја сувереноста на државите, мораме да имаме предвид дека постојат моменти во кои тие имаат потреба од посредувачки услуги – без пристрасност и со силна волја на посредувачите да навлезат во суштината на прашањата и да им помогнат на сите засегнати страни да ги решат проблемите на заемно прифатлив и задоволителен начин, пред тие да ескалираат во несакана насока.

Ваши Екселенции,

Милениумските развојни цели остануваат параметри за нашиот успех. Свесни за тешките последици на глобалната економска криза, заложбата за нивно остварување не смее да се намалува. Најголемите кризи настануваат како резултат на недостаток на визија и на посветеност. Замижувањето пред проблемите денес, или наоѓањето оправдувања за неделување во насока на остварувањето на целите, само ќе ја зголеми цената која ќе ја платиме во иднина; а таа нема да се мери само во долари или евра, туку и во она што е најскапоцено и кое нема цена: човечките животи.

Предизвик кој бара неодложно и долгорочно решавање е проблемот со климатските промени. Алармантен е податокот дека заради климатските промени, предизвикани од човечка активност, цели нации и држави, стравуваат од секој нареден ден. Република Македонија, иако го чувствува делувањето на негативните влијанија на климатските промени на помалку драматичен начин, ја изразува својата солидарност со земјите најмногу изложени на овој феномен.

Дами и господа,

Во изминатиот период бевме сведоци на повеќе конфликти и нарушувања на мирот и безбедноста во одредени региони во светот. Демократските будења, посебно арапската пролет, повторно ни укажа дека демократијата не може да се наметне, таа треба да се посакува, и дека демократијата може да дојде само од народот, со отфрлање на диктатури и ненародни режими, а преку почитување на основните човекови права и универзални слободи и владеење на правото. Старите и замрзнати конфликти сеуште претставуваат глобален предизвик. Злоупотребата на програмите за мирновременска употреба на нуклеарната енергија сеуште не е разрешена. Тероризмот, екстремната глад предизвикана од конфликти, се само некои од многубројните предизвици за кои е потребно најитно изнаоѓање решенија со цел безбедност на глобално и регионално ниво.

Човекот мора да биде центар на нашето внимание, пред се во политиките на национално ниво, а секако и на мултилатерален план. Нема поголема вредност од човечкиот живот, човечкиот дигнитет, правото на индивидуален развој, просперитет и среќа. Човештвото бара акција со која нашите декларации и добри намери ќе бидат преточени во дело. Барајќи го тој морален императив од Обединетите нации, тргнуваме од самите себе. Република Македонија ќе продолжи да биде активен чинител во реализацијата на заедничките цели. 

Почитувани,

Постојат многу зборови со кои би можел да ја опишам мојата земја и секој на свој начин би одговарал совршено. Но јас за почеток избирам еден и длабоко верувам дека тој збор го опишува битот на мојата земја и моите луѓе, и ги објаснува сите постапки и сили кои ги собравме да ги надминеме предизвиците низ нашата понова историја. Тој збор е добро објаснување за целата трпеливост што ја имавме кон секоја наметната блокада која ја преживеавме и преживуваме, од економска до институционална, едноставно заради сопствениот идентитет и себепрепознавање. Блокади не затоа што сме го сториле, туку едноставно заради тоа што сме и што  постоиме. Тој збор е: ОДГОВОРНОСТ!

Македонија постапува одговорно. Нашата држава е добиена низ не секогаш милозлива историја. Таа почива на огромна жртва, многу животи и прекинати соништа. Но минатото не е единствената причина заради која постапуваме одговорно, ние Македонците, веруваме дека имаме европска иднина и дека можеме да оставиме многу повеќе на поколенијата кои доаѓаат. Токму заради тоа денес во Македонија се обидуваме да создадеме широк фронт на поддршка и обединување на сите сили и потенцијали околу храбрата идеја да станеме регионален лидер. Лидер во економски реформи, образование, инвестиции, технологии и иновации, заштита на средината, заштита на човековите права и слободи, во секој сегмент од модерното живеење. Знаејќи ја високата свест и одговорност на моите сограѓани и имајќи го како пример држењето на мојата земја во светската криза кога се задржа економската цврстина и се помина без големи турбуленции, повеќе од сигурен сум дека ова обединување ќе биде успешно. Но за Македонија мора да се спомне уште една голема карактеристика која се провлекува со илјадници години. Како наследство од старо време, таа е чувар на космополитизмот, идеја што овозможува функционален мултикултурализам. Еден до друг, низ вековите, во мојата земја живеат различни култури, вери и нации. Ние се трудиме да инкорпорираме, без асимилација или претопување во доминантната култура. Ние се гордееме со различностите и ги сметаме за свое богатство.

Дами и господа, нашиот систем не е совршен и имаме многу работи за решавање. Македонија е на почетокот од една голема трансформација, која нема да се случи за еден ден. Ние, како и секоја друга нација во светот, имаме право на идентитет и обединување околу сопствен национален мит. Во нашиот мит има место за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. за сите кои ги прифаќаат вредностите кои ја величаат ненасилноста, правдата, соживотот и културниот натпревар. Шовинизмот никогаш не бил доминантен и препознатлив за нашите луѓе. Промените во уставот од 1993 година и промената на знамето ја покажаа нашата повеќе од добра волја. Но, нашата одговорност и зрелост не би сакале да биде сфатена како слабост, или пак да биде предмет на континуирана злоупотреба од било кого, затоа што од друга страна не смееме да заборавиме на достоинството и гордоста.

Ние знаеме кој сме и како ќе живееме. Ние сме Македонци, зборуваме македонски, а нашата држава се вика Република Македонија.

Како Премиер на Република Македонија, би бил немарен доколку не би го спомнал прашањето за нашето име и идентитет и противењето од страна на нашиот јужен сосед во однос на нашето име и идентитет. А, ова го спомнувам не само поради обврската кон народот на Република Македонија, туку и затоа што е поврзано, на многу начини, директно со улогата која ја има посредувањето.

Ние не сакаме да сме во позиција нашето име и идентитет да бидат оспорувани од една земја и секако дека ние самите тоа го немаме побарано. Но, реалноста е често пати ладна, тешка и брутална. Факт е дека нашиот јужен сосед се противи како за нашето име, така и за нашиот идентитет. И, нивното противење стана наш проблем и дојде до спор кој е уникатен во светот, спор наметнат заради потребата на една земја, нашиот сосед, да има монопол на две имиња, или од друга страна нивната стратешка определба ние да не сме онака како што се чувствуваме. Замислете во каква виртуелна ситуација се наоѓаат моите граѓани, уценети, со блокиран развој и перспектива, заради блокадите од страна на нашиот сосед за влез во евроатланските институции, само заради тоа што сме, односно заради тоа што се чувствуваме.

Ве молам само за момент обидете се да бидете во нашата улога, обидете се да размислите како би се чувствувале кога некој би побарал од вас да не бидете Германци, Британци, Американци, Руси, Кинези, Нигеријци, Аргентинци, итн. Само тоа го барам од вас, само за тоа ве замолувам. За поддршка да се заврши ова, за поддршка да бидеме она што сме, без да повредиме некого, без да наштетиме било кому, со разбирање, толеранција и почит кон сите наши соседи, пријатели, кон сите вас, со почит кон нашиот сосед со кого го имаме овој спор и разбирање за неговите стравови, ние немаме никакви претензии, или намери да го монополизираме терминот Македонија.

Македонците се мирен народ и ние работиме, со посредување, на решавање на овој спор кој го има нашиот сосед на мирен начин.

Во говор во Собранието на Република Македонија на 31 август, 2001 година, нашиот покоен претседател Борис Трајковски рече „..ние бараме од меѓународната заедница да нė признае под нашето име- Република Македонија- а не со некое измислено изведено име. Крајно време е светот да нė признае под името со кое самите се нарекуваме - токму и како секоја друга земја и нејзините граѓани. Инаку, како очекувате од нас да веруваме во вашите вредности, принципи и намери, доколку ни го одрекувате нашето основно право, правото на идентитет?”

За среќа, 131 земја од светот избраа да нė признаат под името со кое самите се нарекуваме- Република Македонија, и ви благодариме за тоа, ви благодариме за принципиелноста и доследноста во вредностите за заштита на правата и принципите токму воспоставени од ООН. За жал, правилата во светот се така уредени што не можеме да бидеме наречени онака како што самите се нарекуваме токму во ова тело - Обединетите Нации - ниту пак, можеме да се приклучиме кон организациите за зачленувањето за кои работевме напорно и, во случајот на НАТО и ЕУ, го заслуживме правото да станеме дел од овие организации. И искрено, ова е погрешно. Не постои друг збор за тоа. Она што ќе решите да го сторите во врска со тоа-вашето однесување- целосно зависи од вас.

Екселенции, 

Сите ние сме водачи на нашите народи и сите ние ги претставуваме најдобро што можеме. Мораме повторно да се обврземе, пред сė како водачи кон нашите народи, а потоа и кон народите на овој свет. Ако го сториме тоа, може да опстанеме, може да успееме и да изградиме подобар свет за нас, за нашите деца и внуци.

 

Ви благодарам!

Категорија: