Министерот Тодоров ги презентираше измените на Законот за лекови и медицински помагала

 

Измените на Законот за лекови и медицински помагала предвидуваат сериозни промени и регулација на системот односно пазарот на лекови. Се овозможува да се врши паралелен увоз на лекови, кој значи дека еден ист лек од ист производител може паралелно да се увезува на територија на Македонија.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој ги презентираше измените на Законот кои беа разгледани на вчерашната отворена владина седница. Со измените во еден дел се предвидува усогласување на македонското законодавство со препораките од Европската комисија, подобрување и забрзување на роковите и предвидување на прекршочни казнени одредби.

Тој посочи дека паралелниот увоз на лекови не може да го вршат капитално поврзани друштва или лица кои се во комерцијални односи со цел да се оневозможи деградирање на целиот процес.

- Паралелниот увоз на лекови покрај веледрогериите во Македонија, со овие измени на Законот, предвидуваме да можат да го вршат и здравствените установи за сопствени употреби, и тие имаат забрана за било какво пуштање во промет на лековите кои се предмет на увозот. Со измените предвидена е детална регулација на пазарот од аспект на известување на веледрогериите односно производителите за нивната намера за повлекување од промет на лек регистриран и ставен во употреба во Македонија, рече Тодоров.  

Предвидено е, истакна тој, производителот односно веледрогеријата која ќе престане да врши производство односно промет на лекот да имаат обврска да обезбедат залиха во период од два месеца потребни за задоволување на здравствениот систем на Македонија. Најави дека се намалува рокот за регистрација на лек од досегашните 90 дена на 15 дена.

Според измените, доколку има барање за намалување на цената на лекот, тогаш Бирото за лекови во рок од еден ден треба да донесе решение со кое ќе изврши намалување на цената, а се забранува склучување на договор за купопродажба на лекови во тендерска процедура од страна на јавните здравствени установи по цена која е повисока од онаа утврдена со методологијата за единствени цени.

Со измените се предвидени прекршочни и казнени одредби. Онаа веледрогерија или производител на лекови кој нема да го извести Бирото за лекови дека планира да престане со производство односно увоз на конкретниот лек осум месеци пред тоа да го стори, ќе биде казнета со 80 до 100.000 евра, а со 15 до 20.000 евра ќе биде казнето одговорното лице. Одредби исклучок од ова правило се случаи кога станува збор за стечај и ликвидација.

-Предвидени се кривични санkции за директорот и одговорните лица во Бирото за лекови во случај да дозволат регистрација на лек кој не ги исполнува условите за тоа. Тие ќе се казнат со казна затвор од шест месеци до пет години. Предвидени се кривични санkции за одговорните лица во веледрогеријата и ЈЗУ кои не ја почитуваат забраната за продажба на лекови по цена над единствената цена на лекови во Македонија. Казната е шест месеци до пет години, рече Тодоров.

Тој посочи дека доколку која било  веледрогерија односно производител не обезбеди двомесечни залихи тогаш одговорното лице ќе се казни со казна затвор до една година, а ако како последица на тоа е загрозено здравјето на граѓаните тогаш казната затвор е од шест месеци до две години.

- Доколку како резултат на тоа настапи смрт на едно или повеќе лица тогаш одговорното лице ќе се казни со казна затвор од една до 10 години. Кривични санкции се предвидени и за пуштање во промет на лекови со изминат рок на употреба, и како и за оние кои продаваат лекови на пазари итн., додаде Тодоров. 

Категорија: