Седница на Националниот совет за претприемништво и конкурентност

Националниот совет за претприемништво и конкурентност на Република Македонија денеска одржа седница на која беа избрани органите на управување на здружението и беше разгледана анкетата спроведена меѓу извршни директори на поголем број македонски компании, во која се содржани ставови и предлози за унапредување на македонската економија.

- Зајакнување на дијалогот меѓу деловната заедница и Владата на Република Македонија е еден од најчестите предлози содржани во анкетата што е силна потврда за потребата од активна работа на Националниот совет за претприемништво и конкурентност, истакна заменик  претседателот на Владата Владимир Пешевски.

На седницата беше презентиран и регионалниот проект за финансирање и поддршка на мали и средни претпријатија Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility, поддржан од Европската банка за обнова и развој, Европскиот инвестициски фонд и Европската унија, кој треба да стартува идната година и во кој учество ќе земат сите балкански земји, меѓу кои и Република Македонија.

Целта на проектот е да ги подобри условите за развој на иновативните претпријатија и компаниите со потенцијал за брз раст, како и да овозможи развој на пазар на сопственички капитал односно воведување на нови извори за финансирање на малите и средни претпријатија.