Создадена правна основа за директни летови меѓу Македонија и САД

Правна рамка за воспоставување директни редовни и чартер авиолинии меѓу Македонија и САД овозможува Спогодбата за воздушен сообраќај меѓу двете држави што ја потпишаа денеска во Скопје министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и американскиот заменик помошник државен секретар Филип Рикер.

Со потпишувањето на Спогодбата, според Јанакиески,се создаваат услови да се почне со лобирање кај авиокомпаниите кои би пројавиле интерес да сообраќаат на релации меѓу Македонија и САД.

- Уште од утре ќе почнеме со процес на лобирање  и анимирање на авиокомпаниите за да им укажеме на оваа можност и сите поволности што ги нудат  пред се македонските аеродроми. Очекувам дека ќе се  пројави интерес, но сепак тоа зависи од бизнис логиката и комерцијалниот аспект за воспоставување на летовите, рече Јанакиески по потпишувањето на Спогодбата.

Со документот, појасни, се отвораат можности за проширување на македонскиот воздухопловен пазар што е поволно од економска гледна точна, ќе се унапредат билатералните односи меѓу двете земји и ќе се создадат поголеми можности  за подобри услуги за патниците.

Рикер од своја страна истакна дека американската меѓународна водухопловна политика се базира на пазарна конкуренција, а договорот значи доверба кон Македонија.

Според Рикер, со договорот за отворено небо се отстрануваат сите административни пречки за воспоставување авиоврски меѓу Македонија и САД.  Ако и кога компаниите ќе решат да воспостават директни летови  со договорот, како што посочи, тоа можат да го направат многу полесно.

- Сакаме да направиме се што можеме за да ги продлабочиме односите меѓу САД и Македонија. Со потпишувањето на договорот ќе ја зајакнеме економската соработка и билатераланите врски, особено овој пат кога фокусот го ставаме на економијата, економскиот раст и реформите кои се многу важни, нагласи Рикер и додаде дека промовирањето на  развојот на Македонија е долгорочен значаен приоритет на САД.

Ефикасен авиотранспорт, укажа Рикер, е предуслов за развој на индустрискиот, финансискиот, трговскиот и туристичкиот сектор. Меѓународните авиоврски се клучни за транспорт и на патници и на стоки. Се проценува дека по воздушен пат се одвива 40 проценти од светската трговија. Поради тоа пораката е многу јасна, секоја земја мора да создава авиоврски за да може да тргува, истакна Рикер, наведувајќи дека Македонија станува еден од над 90. партнери на САД во отвореното небо.

Потпишувањето на Спогодбата за воздушен сообраќај меѓу Македонија и САД следува по парафирањето на текстот на спогодбата за отворено небо во воздушниот сообраќај и меморандумот за имплементација на документот на реципрочна основа во јули минатата година.