Министерката Канчевска Милеска го посети археолошкиот локалитет Стоби

Министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска денеска го посети археолошкиот локалитет Стоби, каде се запозна со реализираните и тековните проекти на оваа национална установа.

- Со средства од Владата за поголем број археолошки локалитети, за локалитетот Стоби беа издвоени околу 45 милиони денари и оваа година пет милиони денари каде интензивно се изведуваа археолошко-системски истражувања на целиот локалитет, изјави министерката Канчевска-Милеска.

Според неа, особено значајно е што локалитетот Стоби прерасна во национална установа за промоција на нашата држава, културата и културното наследство.

- Од огромна важност е што Владата донесе одлука и се формираше посебна НУ Стоби каде непречено ќе се издвојуваат средства за повеќе вработувања за проекти за истражување..., додаде Канчевска Милеска.

Таа информираше дека изминатиот период на овој локалитет беа извршени интензивни систематско-археолошки истражувања и конзерваторско-реставраторски работи на повеќе објекти. Беа откриени многу објекти од 6. век, храмови и други архитектонски остатоци, како и илјадници движни археолошки предмети. Голем дел од нив, како што рече, ќе бидат изложени во новиот археолошки музеј. Овој локалитет има целосна илуминација.

Министерката за култура додаде дека од големо значење е реализацијата на последниот проект за реставрација и конзервација на ранохристијанските фрески од Епископската базилика на Стоби што се реализираше со грант од Фондот за заштита на културното наследство при Амбасадата на САД во Македонија.

- Завршени се археолошките доистражувања и конзерваторско-реставраторски работи на Храмот на Изида во Стоби, објект кој бил изграден во 2. век од новата ера и функционирал се до 4. век. Овој храм првпат е откриен во 2008 и одлично се вклопува во плановите на НУ Стоби за збогатување на туристичката презентација на овој археолошки локалитет. Храмот во моментов е отворен за посетители кои можат да го разгледаат во придружба на водичите од оваа НУ, рече Канчевска Милеска.

Годинава завршија и конзерваторско-реставраторските зафати на мозаикот и фонтаната во Куќата на Перифтерија, завршија и превентивните конзерваторски зафати на мозаикот од синагогата, мозаикот од јужниот брод, на Епископската базилика и мозаикот во нартексот на Епископската базилика.

Со финансии на Министерството за култура и Владата за оваа НУ од грантови и фондови надвор од РМ успеавме да направиме многу за локалитетот и резултатите се видливи, оцени министерката за култура.

Таа информираше дека на почетокот на следниот месец ќе има работен состанок со раководството и екипата на НУ „Стоби“ и со директорот на Управата за заштита на културно наследство Паско Кузман. Потребно е да се направи програма за целосни системски истражувања на локалитетот Стоби. Потребно е, како што рече, да се одржат приоритетите со одредена динамика и со финансиски импликации за следните неколку години. По тој работен состанок Канчевска Милеска најави дека ќе ја информира Владата и оти ќе почнат интензивни истражувања, реставрација, конзервација и промоција на одредени проекти. Како приоритети таа ги наведе и Театарот во Стоби и изработка на една постојана музејска поставка која ја бараат туристите.

- Неопходна е изработка на подолгорочна програма со приоритети и со финансиски импликации се со цел сите да направиме овој локалитет да блесне во својот сјај и да се гордееме со она што го поседува Стоби, потенцира Канчевска Милеска.

Силвана Блажевска, директор на НУ Стоби, информира дека во моментов во Стоби покрај другите проекти се одржува Меѓународна летна школа што ја организираат трета година по ред со Фондацијата „Балканско наследство од Стара Загора“. Летната школа е наменета за археологија и присутни се 12 студенти од САД и Канада. Ова е втора сесија, а во првата сесија учествувале 18 учесници.

- Школата е добра за презентација на локалитетот затоа што ја посетуваат студенти по археологија кои студираат на светските универзитети. Школата се одвива под инструкција и супервизорство на вработените во Стоби. Тие ќе ни помогнат годинава да го истражиме полукружниот плоштад до крај по што ќе биде подготвен за конзерваторски проект, рече Блажевска.

На археолошкиот локалитет Стоби денеска беа откриени неколку монети во дуќаните на полукружниот плоштад.