Почна со работа новоформираната комисија за утврдување на репрезентативност на синдикатите и работодавачите

Сите синдикати и организации на работодавачи во наредниот период ќе можат да поднесат барање за утврдување репрезентативност пред новоформираната Комисија која почна со работа денеска, откако претходната беше распуштена по одлука на Уставниот суд со која тој укина одредба што се однесуваше на нејзиниот состав.

Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати и Oрганизацијата на работодавачите на Македонија, на кои репрезентативноста им ја утврди претходниот состав на Комисијата, нема да поднесуваат ново барање до истекот на три години од утврдувањето, колку што изнесува законски предвидениот рок за обновување на репрезентативноста.

- Утврдување на репрезентативноста се врши на секои три години бидејќи станува збор за динамичен процес. Не значи дека еден синдикат кој во еден перид има една бројка на членови во период на три години ќе ги задржи, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски по средбата со членовите на Комисијата.

Тој појасни дека веќе утврдената репрезентативност не се поништвува, заради тоа што одлуката на Уставниот суд била укинувачка, а не поништвувачка.

- Во претходниот состав на Комисијата имаше претставници само на министествата од Владата, но по иницијатива на еден од синдикатите законската одредба што тоа го предвидуваше е укината. Во тој момент таа престана да  важи таа, но претходните одлуки на Комисијата не се поништени бидејќи одлуката беше укинувачка, а не поништувачка, истакна министерот Ристовски.

Тој ги повика сите синдикати и организации на работодавачи да ја утврдат репрезентативноста за, како што рече, да бидат релевантни фактори во процесот на договарање, потпишување колективни договори и воопшто во остварувањето на правата на работниците и на работодавачите.

За да му се утврди репрезентативност на еден синдикат, како што појасни министерот за труд и социјална политика, треба да има најмалку 10 проценти членови на национално ниво, односно 20 проценти на ниво на гранка и работодавач.