МОН: Трансформирани 5.189 договори за вработување на наставници

Со процесот на трансформација на работните договори на просветните работници со нерешен статус од крајот на 2008 година досега 5.189  добиле решенија за трајно вработување, соопшти министерот за образование и наука Панче Кралев по денешниот состанок со претставниците на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Синдикатот на вработените во образованието (СОНК).

Во текот на 2009 и 2010 година надлежните институции дале 1.537 согласности за трансформација на работните договори од определено на неопределено време,  во 2011  - 2.771, а  годинава 881 согласност.

- Процесот на трансформација на работниот однос продолжува и во следниот период. Тој е тековен и се заокружува со исполнување на условите на еден просветен  работник за стекнување со тоа право. Еден од основните услови е да имаат најмалку пет години работно искуство односно најмалку две години согласно измените на Законот за работни односи во верифицирана образовна институција, рече министерот Кралев.

Трансформацијата на работните договори,  согласно процесот на децентрализиација, се одвива во координација со општините со цел непречено одвивање на постапките и во следниот период. Постапката, според министерот Кралев, трае најмногу три месеци.

Според претседателот на СОНК Јаким Неделков, моментно е многу мал бројот на просветните работници без трансформиран работен однос, а со исполнување на условите тие ќе добијат согласност и ќе им биде решен на статусот. Со договорената трансформација во декември 2008 година, посочи, се решил долгогодишниот проблем на наставниците  кои работеле многу години со договори на определено време и се покажале како погрешни скептиците  дека во тие активности ќе има влијание политиката.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски  оцени дека трансформацијата на работниот однос во образованието се одвива со динамиката предвидена од меморандумот во 2008 година. Тој процес, истакна,  е важен за решавање на статусот на наставниците и за квалитетот на наставниот процес

- Тоа е значајно и за учениците затоа  што е многу важно наставниците што предаваат да знаат дека им е решен работниот  однос и оти не треба да се грижат дали на 1 септември следната година  ќе бидат на списокот на наставници или не. Секако дека тоа влијае на квалитетот на наставниот процес, рече Трајановски.