Средба на премиерот Груевски со заменик помошникот државен секретар на САД Рикер

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(вторник, 21.08.2012 година) оствари средба со заменикот помошник државен секретар за Европа и Евроазија на САД, г-дин Филип Рикер.

На средбата беа поздравени билатералните односи помеѓу двете земји, во секоја сфера од взаемен интерес, и беше изразена заложба за нивното понатамошно унапредување и надградување.

На средбата двајцата соговорници разговараа и за европските и евроатлански интеграции на Република Македонија, и аспектите и деталите на интегративниот пат.

Посебен фокус беше ставен на Претпристапниот дијалог на високо ниво кој Република Македонија го води со Европската Унија, на реформите кои се преземаат од страна на Владата за достигнување на стандардите.

Премиерот Груевски ја изрази силната посветеност на Владата за реализација на реформите кои значат подобрување на состојбите во државата на секое ниво. Тој истакна дека во услови на попреченост во интеграциите Претпристапниот дијалог е добра можност за продолжување со интензитетот на реформи и нивно динамизирање.

Соговорниците разговараа и за партнерските односи помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, и соработката во учеството во мировните мисии под командата на НАТО.