Ставрески: Македонија доби 46,4 милиони евра од ЕБОР за изградба на пругата кон Бугарија

Македонија и официјално доби 46,4 милиони евра од Европската банка за обнова и развој со коишто од почетокот на следната година ќе почне изградба на делницата Куманово – Бељаковце од пругата  што треба да не поврзе со Бугарија.

Договорот за заемот го потпишаа денеска  вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорката за транспорт на Европската банка за онбова и развој (ЕБОР) Сју Барет.

Условите под кои  ЕБОР и го доделува заемот на Македонија, истакна Ставрески,  се исклучително поволни,  со рок на отплата од 15 години и грејс период од четири години. Каматната стапка за заемот е шестмесечен ЕУРЛИБОР плус еден отсто и моментно изнесува 1,7 проценти.

Проектот предвидува рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, со должина од 30,8 километри. Градбата ќе почне во првиот квартал на 2013 година и ќе заврши во 2017 година, а работите ќе ги координираат Министерството за транспорт и врски и ЈП Македонски железници Инфраструктура.

Според вицепремиерот Ставрески, железничката пруга кон Бугарија конечно ќе стане реалност, а бенифитите ќе бидат зголемена конкурентност на Македонија, пониски трошоци за транспорт и алтернативна транспортна рута за стопанството.

- По 20 години ветувања и почнати и нереализирани проекти, односно почнат проект  што не беше реализиран до крај и претставуваше само загуба на средства, конечно оваа Влада обезбеди финансии за реализиција на еден од најзначајните  транспортни коридори за железничката пруга од Куманово до Бељаковце, а во продолжение и  делот од Бељаковце до Крива Паланка и  од Крива Паланка до границата со Република Бугарија. Тоа ќе овозможи да се подобри конкурентноста на  Македонија, да се обезбеди транспорт на стоки  и луѓе со пониски трошоци, како и  уште една алтернативна транспортна рута за македонските производители  и компании, рече Ставрески по потпишувањето на договорот. 

Тој оцени дека фактот што проектот се реализира во соработка со ЕБОР како значаен и познат меѓународен партнер дава кредибилитет оти овој пат за разлика од   90-тите години кога беше неуспешен, ќе биде целосно завршен и Македонија ќе добие уште еден транспортен коридор, нагласи Ставрески, потсетувајќи  дека со помош на ЕБОР во Македонија се реализираат повеќе транспортни проекти, како што е подорбувањето на регионалната и локалната  мрежа, завршувањето на автопатот на Коридорот 10, енергетското поврзување на Македонија со Бугарија...

Директорот за транспорт во ЕБОР Барет истакна дека ставењето во функција на железничкиот коридор е стратешки за Македонија и ќе и овозможи  пристап и пократка рута до пристаништата на Црното Море, како и забрзување на регионалните поврзувања. Завршувањето на овој коридор ќе отвори нова трговска рута и ќе ја подобри регионалната  интеграција во полза на растот  на Македонија и нејзините соседи. Со тоа се очекува да се стимулира и регионалната економија, бидејќи протокот на транспортот ќе биде полесен, истакна Барет.

Проектот е  поддржан и со грант во износ од четири милиони евра, обезбедени преку програмата на ЕУ за инвестиции на Западен Балкан. Тие  пари се наменети за изработка на проектната документација, подготовка на тендерот и помош при имплементација. Со проектот ќе се  воведе и енергетски менаџмент систем,  што ќе биде поддржано со грант од 175.000 евра, обезбеден од Централната европска иницијатива.

Министерот за транспорт Миле Јанкиески информира дека целата документација е веќе подготвена и се очекува тендерот за избор на градежна компанија за делницата Куманово – Бељаковце да биде распишан кон средината на следниот месец.

- Исто така, Владата продолжува со ангажман околу  обезбедување пари и потребна техничка документација  за останатите делови од пругата.  Веќе се обезбедени финансии кои ќе бидат искористени за  надзор на  работите на делницата Куманово – Бељаковце, а  е објавен и тендер за избор на консултант  што ќе ги изработи проектите за  делницата Бељаковце до Крива Паланка. Се очекува тие активности да завршат  до 2015 година и да почнат градежните работи,  рече Јанакиески.

Досега ЕБОР има инвестирано над милијарда евра во преку 80 проекти во Македонија.