Владата со мерки, забрани и санкции во врска со пожарите

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија на вчерашната седница ја разгледуваше и усвои информацијата во врска со состојбите со пожарите во Република Македонија. Со информацијата беа усвоени и нови мерки, забрани и санкции во насока на превенција и намалување на пожарите.

Моментално се активни три пожари во Јасен, во Радуша и во Чашка. Посериозно загрозување по главниот град Скопје и останатите населени места во моментот нема. Активно се дејствува да се локализираат пожарите, користејќи теренски и воздухопловни методи.

Координативното тело за справување со пожари тековно функционира и ги следи состојбите. Теренските анализи и искуства покажаа дека постојат три основни причини за настанување на пожарите, и кај сите три причини основен фактор на загрозување е човечкиот фактор.

Прво, причина за појавата на пожарите е несовесното палење на пасишта и стрништа.

Второ, пожарите се подметнуваат односно се јавуваат како форма да се прикрие нелегалната сеча на дрва. Дрвата уништени со нелегална сеча се палат за да се прикријат трагите.

И трето, во определени случаи пожарите се подметнуваат со цел по нивното гаснење да се појави саморастечката печурка Смрчак, која е ретка и на пазарот постигнува високи цени.

Од овие лоцирани причини Владата реши да се дејствува со комбинација на мерки, но и забрани и санкции со цел да се намалат причините за појава на пожар.

Значително, и по обем на луѓе и по интензитет на присуство, на терен ќе се засилат контролите на критичните точки. Шумската полиција ќе дејствува максимално ангажирано со зголемен капацитет. Во лоцирање на причинителите и критичните точки ќе се користи и авионско и хеликоптерско надлетување и следење, а ќе биде активно вклучен и редовниот полициски состав од МВР. Секој кој што ќе биде фатен во инкриминирачки акт ќе биде строго санкциониран.

Се задолжи Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државен инспекторат за шумарство и ловство и Шумска полиција да ги зајакнат контролите во реонот околу Македонски Брод, Скопје и Тетово.

Владата воведе забрана за берење и откуп на печурки од родот Смрчак, која ќе важи иницијално до 5 септември, за да се спречат палења на пожари од овие причини.

Во однос на заштита на Парк шумата Водно, се задолжи ЈП „Паркови и зеленило“ да ги  изврши предвидените одгледувачки мерки согласно Поседниот план за стопанисување со парк шума Водно, односно итно да се направат или обноват проредите, и да се извршат дополнителни активности во насока за обезбедување заштита од пожари.

Владата воведе и две нови санкциони мерки во насока на намалување на опасноста од појава на пожари од палење на стрништа и пасишта.

Владата покрај воведената забрана за палење на пасишта, донесе одлука, во случај на појава на пожар од палење на пасишта, ЈП за Пасишта да ги раскине договорите за закуп на пасиште на оние локации каде ќе се причинат пожари. Закупците на пасишта треба добро да ја почитуваат оваа мерка, во спротивно следи раскинување на договор за закуп на пасиште.

Исто така, се задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство - Државен инспекторат за земјоделие да ги информира закупците на државни земјоделски површини дека е забрането палење на стрништа и да ги предупреди дека против оние кои нема да ја почитуваат препораката ќе се превземат соодветни мерки – раскинување на договор за закуп.

Останува да важи и забраната за движење во шумите. За оние субјекти кои имаат претходно аранжирана и договорена посета на шумите врз база на комерцијален интерес, туризам, постои посебна методологија која предвидува пријава на движењето низ шумата во македонски шуми и организирано движење во шумите во придружба на стручни лица од претпријатието.

Владата и Координативното тело активно и будно ја следат состојбата и дејствуваат во превенирање и намалување на последиците од пожарите.