Владата не испратила делегација, нејзини членови приватно биле во Слупчане

Почитувани,

Согласно Уставот и законите, сакаме јасно и прецизно да информираме дека Владата нема донесено одлука за одбележување на настанот во Слупчане, и дека нема испратено официјална владина делегација на тој настан. Овој настан за Владата нема никаков официјален карактер, ниту пак државен третман. Од овие причини, и врз основа на законите, појавувањето на лица кои во моментов се членови на Владата на овој настан, за Владата има третман на нивна приватна посета на приватна комеморација, затоа што ниту Владата ги испратила на таков настан, ниту пак им дала овластување на тој настан да ја претставуваат, ниту пак да зборуваат во име на Владата, ниту пак настанот има официјален државен карактер. Владата не може да преземе мерки кон лица кои во свое слободно приватно време, и во приватен ангажман, се појавиле или пак зборувале на некој настан. Појавувањето на определени лица на тој настан и она што било истакнато од определени лица на тој настан во поглед на појавувањето или пак за друг аспект не ги одразува политиките и позициите на Владата, и не може да се става во корелација со официјални ставови и погледи на Владата.

Владата го поддржува развојот на мултиетничкото општество и работи во таа насока, но и истовремено цени дека градењето доверба помеѓу заедниците не може да се остварува ефективно со изолирани настани кои немаат широка поддршка во јавноста, и со ставање на определени настани во функција на политичко-партиска агенда, туку напротив може да се остварува со широко прифатени активности кои нема да ги повредат или злоупотребат чувствата на граѓаните или пак основите на државно правниот развој.

Владата не ги прифаќа обидите за политизација на овој изолиран настан кој не ја одразува владината политика во партиски пресметки. Владата информира дека функциите на државата во општествениот, политичкиот, економскиот и безбедносниот систем се исполнуваат соодветно и единствено, и нема никаква потреба од загриженост на граѓаните од овој аспект.