Министерот Попоски се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Ралф Брет.

На средбата се разменети мислења за програмската рамка за работата на Мисијата на ОБСЕ во 2013 година.

Министерот Попоски, како што соопшти ресорното Министерство, изразил задоволство од соработката на надлежните институции со Мисијата на ОБСЕ при дефинирањето на активностите содржани во програмската рамка. Притоа, министерот Попоски констатирал дека Република Македонија и ОБСЕ споделуваат заедничка цел – натамошно структурно и функционално намалување на активностите на Мисијата и нејзиниот персонал, вклучувајќи го и затворањето на теренската канцеларија во Тетово, во согласност со напредокот во имплементацијата на мандатот на Мисијата и напредокот на земјата во процесот на евро-атлантската интеграција.

Во тој контекст е поздравено започнатото реструктуирање на Мисијата и намалувањето на нејзините тематски оддели, како и постепеното редуцирање на одредени проекти во областите каде што се постигнати заедничките цели и во областите за кои Република Македонија има целосен капацитет да продолжи самостојно да ги реализира.