Тодоров: Една од скопските клиники ја потврди функционалноста на плаќањето по учинок

Една од скопските клиники покажа дека концептот „плаќање по учинок“ на лекарите е добро осмислен и поставен. Сите доктори за изминатиот месец земале 100 отсто плата, а еден е и награден, рече денеска ресорниот министер Никола Тодоров, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на набавените нови 2.000 душеци во комплексот „Мајка Тереза“.

Тодоров не кажа за која клиника станува збор зашто наскоро ќе биде објавен, како што нагласи, целосниот извештај околу резултатите од воведеното плаќање по учинок. Тој е убеден дека ваквиот систем не го доведува во прашање правото на избор на пациентот. Ако тој не сака одреден доктор да го прегледа или оперира, така, нагласи, и ќе биде.

- Една од клиниките во комплексот го постигна еквилибриумот што го најавував. Тоа покажува дека плаќањето по учинок овозможува сите да земаат исти примања ако еднакво работат и се залагаат. Во таа клиника на стручен колегиум се договориле, за никој да не биде казнет, сите исто да работат. Се договоирле да ги поделат интервенциите на сите доктори, да има баланс, ако некој правел пет операции, а друг една, сега двајцата ќе прават по две или три. Истото важи и за амбулантските прегледи, напомена министерот.

Некои од директорите на клиниките го известиле, додаде, дека системот е иделано дизајниран, го добиле токму она што веќе го знаеле. Лекарите кои подогло време биле неработници се казнети, а оние што биле мотори на здравствената установа се наградени.

- Се она што го кажував како можност, е реализирано. Некаде има посериозни разлики во платите. Некаде 50 отсто, а некаде сите или 90 проценти земаат еднаква плата. Концептот е добро поставен и осмислен, дизајниран е да ги стимулира работниците и наградува, а да ги демотивира или казнува оние што се влечат, шлепуваат. Очекував тие што се влечат, што помалку работат да бидат најгласни и така ќе биде. Ќе се обидат да ги разубедат дека овој систем не е добар, дека ги раскарува колегите. Но, не. Има конкретна клиника која докажува дека сите доктори се договориле, сложно, да ја поделат својата работа и сите да имаат ист обем обврски, подвлече Тодоров.

Министерот нема информации дека „врие“ во здрaвството како што пренесуваат некои медиуми. - Гледам да се фокусирам на сите проблеми кои го тангираат здравствениот систем независно дали се од областа на инфраструктурата, набавката на душеци, кревети, пижами за болните,..., рече Тодоров.