Со измените на Законот за лековите и медицинските помагала се дава можност за паралелен увоз на лекови

Со измените на Законот за лековите и медицинските помагала се овозможува паралелен увоз на лекови во Македонија, што значи дека било која веледрогерија може да изврши увоз на лек кој е веќе регистриран во земјата, без разлика дали лекот е увезуван и има одобрение за увоз за друга веледрогерија.

Ова се дел од измените на Законот за лековите и медицинските помагала кои беа разгледани на денешната отворена владина седница.

- Станува збор за сериозни измени со кои во еден дел се предвидува усогласување на нашето законодавство со препораките од Европската комисија, подобрување и забрзување на роковите и предвидување на прекршочни казнени одредби. Со овој Закон се овозможува паралелен увоз на лекови во Македонија, што значи дека било која веледрогерија може да изврши увоз на лек кој е веќе регистриран во земјата, без разлика дали лекот е увезуван и има одобрение за увоз за друга веледрогерија, образложи министерот за здравство Никола Тодоров.

Појасни дека со измените еден ист лек ќе може да биде увезуван од повеќе субјекти со што се овозможува конкуренција меѓу субјектите, а постои и претпоставка дека цените на лековите ќе се намалат.

Со измените, според Тодоров, се очекува целосна демонополизација на увозот на лекови, како и увоз на лекови од високоразвиени стабилни пазари од земјите од Европа и светот.

- Увозникот на лекот не треба да биде капитално поврзан или во комерцијална врска со оној кој што го има одобрението за увоз, односно со оној кој бара паралелен увоз. Увозниците ќе ги намалат цените на ниво на кое на ниту еден друг нема да му биде исплатливо да врши паралелен увоз. Токму тоа е притисокот кој го дава една од одредбите од законот, појасни Тодоров.

Министерот додаде дека доколку оној кој го има првичното одобрение за увоз на одреден лек побара негово повлекување, автоматски не престанува да важи одобрението.

- Досега Бирото за лекови имаше обврска во рок од 90 дена да даде одобрение за извоз на лек. Сега тој период се скратува на 15 дена и се предвидуваат сериозни санкции, со што очекуваме побрзо и полесно регистрирање на лек. Доколку поради молчење на администрацијата, во случајот Бирото за лекови, се добие позитивно одобрение поради молчењето, предвидуваме казна затвор за директорот на Агенцијата за лекови, доколку не требало да се даде одобрение за тој лек, рече Тодоров.

Министерот истакна дека со измените на Законот, веледрогеријата која ги снабдува здравствените установи не смее да продава по цена која е над единствената цена на лекови. 

Категорија: