Од седница на Владата: До 1 јануари да се усвои законот за минимална плата, предвидени казни за непочитување на одредбите

 

За ова решение се чекаше од независноста на Република Македонија. Тоа што го најавивме за време на изборите, сега се реализира и во јавноста ја соопштивме одлуката дека договор е постигнат, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, образложувајќи го Предлог-законот за минимална плата на денешната отворена владина седница. 

- Комплетно сме усогласени со синдикатите и организациите на работодавачи и во Предлог-законот е утврден начинот и пресметувањето на минималната плата. Износот е оној што го утврдивме, односно 8.050 денари нето износ, но за попрактично пресметување, секоја година договорено е износот да биде преведен во процент и во рамки на истиот утврдено е дека ќе изнесува 39,6 проценти од просечната бруто плата, рече Ристовски.

Законот, истакна, треба да се усвои до 1 јануари од кога минималната плата во Република Македонија ќе изнесува 8.050 денари.

Утврдена е, посочи министерот, динамика на покачување на минималната плата за трите наредни години за гранките текстил, кожарска индустрија и облека. Секој кој нема да ги почитува одредбите, информираше Ристовски, ќе се соочи со висока казна, бидејќи предвиден е инспекциски надзор.

Во однос на формирањето Националната криминалистичка разознавачка база на податоци, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека станува збор за комплексен проект кој практично почнал да се имплементира во 2003 година.

- Фактички од 2008 година почнавме со имплементација на акцискиот план за воспоставување на оваа база и тука партиципираат голем број институции што располагаат со бази на податоци. Се работи за сложен проект и сложен форматички систем, прв во регионот и пошироко, а базата ќе наликува на базата на Европол. Распишавме тендер и го продолживме рокот за евалуација на понудите, зошто ценевме дека е добро да направиме дополнителна експертиза, рече Јанкулоска.

Потенцираше дека вкупно девет компании се заинтересирани да го имплементираат овој проект во Македонија.

- Планиравме да почнеме со имплементација во 2012 година, пред се заради сложеноста на проектот, но најверојатно во периодот што следува ќе предложиме продолжување на рокот за почеток на имплементација на проектот, но ќе настојуваме до 2012 да се почне, додаде Јанкулоска.

Во областа на културата, министерката Елизабета Канческа-Милевска нагласи дека интензивно се работи на изградбата на концертната сала на филхармонијата, а карабината целосно е затворена.

- Изградбата на Стариот театар исто така оди со интензивна динамика. Штетата од пожарот кој неодамна го зафати покривот не е преголема, а сите тендерски процедури околу неговата изградба се затворени. Очекуваме во средината на 2012 година театарот да биде готов. Портата „Македонија“ исто така е во завршна фаза и според динамиката очекуваме крај на ноември, почеток на декември да биде готова, рече Канческа-Милевска. 

Категорија: