Од седница на Владата: Помали царини за стоки наменети за индустријата од 1 јануари 2012

 

Согласно програмата за работа на Владата во делот на царинската тарифа и поддршка на бизнис климата, предвидени се активности за намалување на царинските давачки од 1 јануари 2012 на повеќе видови стоки што се наменети за неколку индустрии и сектори значајни за вкупната економска активност во државата, најави вицепремиерот и мининистер за финансии Зоран Ставрески на денешната отворена владина седница.

- Со предложените измени на  Законот за царинска тарифа се предвидува намалување на царината на 100-тици полупроизводи, суровини и репроматеријали што се користат од страна на овие индустрии кои врз основа на досегашните барања и контакти со бизнис заедницата очекуваа да го направиме она што го ветивме во програмата, иако можеби економскиот амбиент сега не е најповолен за ново намалување на царини, бидејќи од аспект на Владата и државата тоа ќе значи намалување и на приходите во буџетот, рече Ставрески.

Сепак, потенцираше, ветување е ветување и Владата треба да опстои на тоа со динамиката која е наведена во програмата за работа.

- Се работи за следните сектори - поддршка на прехранбената индустрија и производство на сокови, преку укинување на царинските давачки за бел шеќер од 30 на 5 отсто и ќе се намалат на нула проценти давачките за суров шеќер, за рафинирање од шеќерна репка, друг суров шеќер од шеќерна репка и меласа. Се укинуваат давачките од 5 на 0 проценти на низа репроматеријали за производство на пире за сокови и концентрат од овошје кои не се одгледуваат кај нас, потенцираше Ставрески.

Министерот информираше дека се воведуваат нови национални тарифни ознаки за распоредување репроматеријали за сокови, со што се намалуваат и царинските давачки за истите и како што рече, се укинуваат целосно царинските давачки за полиетиленски фолии што се користат во амбалажата на прехранбени производи.

- Со укинување на царинските давачки за семенски материјали што се користат во земјоделството се врши укинување на царинската давачка за увоз на мотокултиватори за да биде понизок трошокот за семенски материјал и да се зголеми продуктивноста на работењето, додаде вицепремиерот.

Во областа на спортот, рече Ставрески, се укинуваат и царински давачки за низа спортски производи, како скиите, сноуборди, производи и опрема за пинг понг, гимнастички справи за вежбање, тениски рекети и слично.

- Во исто време предлагаме со измени на царински закон да поминат и останатите работи ветени во програмата за намалување за царините што ќе се реализираат од 1 јануари 2013 година. Во тој дел ќе има укинување на сите царински давачки за автобуси и минибуси. Од 10 и 15 проценти, ќе ги сведеме на 5 отсто. Укинување на царински давачки наменети за вагони за железницата од 4 на 0 проценти, а во делот на поддршка на автомобилската индустрија предвидуваме укинување на царините за репроматеријали и производство на резервни делови за автомобили од 15 на 0 проценти и во делот на индустриското производство за голем број компании имаме укинување на царината на голем број алатни машини што се користат во металопреработувачката индустрија, почнувајќи од 2013 година, рече Ставрески.

Категорија: