Груевски:Темелот е поставен реформите и развојот продолжуваат

Македонија оди напред, патот е трасиран, тој е долг и тежок и полн со предизвици, но ние ќе успееме како што успеaја и илинденците и борците од НОБ. Темелот за развој и долгорочна одржливост е поставен, реформите продолжуваат. Новите цели ќе донесат и нов развој и придвижување напред.  Потребно е и натаму да останеме цврсто посветени и обединети. Продолжуваме да се бориме за правото на своето име, идентитет и достоинствен живот. Евроатлантските интеграции остануваат наша стратешка цел.

Ова, меѓу другото го истакна премиерот Никола Груевски денеска обраќајќи се по повод двата Илиндена во Скопје пред споменикот на Методија Андонов Ченто. Тој подвлече дека секое време носи нови предизвици, голем дел од нив, вели, надминавме, но остануваат уште многу на кои смело и со работа им пристапуваме за да ги надминеме.

- Во изминатите неколку години со целиот свој капацитет се вложивме да работиме за сите граѓани, со конкретни дела и проекти, со многу труд и залагања. Тоа е нашата мисија, да ја оправдаме довербата на народот. Работевме многу и успеавме да ги придвижиме состојбите во позитивен правец. Не е воопшто лесно да се направи напредок во услови на светски премрежја. Светски и европски кризи и ценовни шокови, но со напорна работа и искрено вложување од страна на институциите на системот успеваме да реализираме проекти кои имаат корист за народот, рече премиерот Груевски.

Тој посочи оти секоја година, Македонија е меѓу најдобрите реформатори во светот, има надворешен долг меѓу најмалите во Европа и раст меѓу повисоките во Европа во ова турбулентно време. Денарот е стабилна валута, штедењето се зголемува, финансикиот систем е стабилен, а девизните резерви се историски највиоки и обезбедуваат заштита од дополнителни шокови. Создадена е, посочи, бизнис клима и амбиент кој водат кон развој, а овие предуслови водат кон инвестиции, кон изградба кон напредок и кон отворање на нови работни места на граѓаните.

- Ги намаливме даноците, ги зголемивме платите и пензиите, ги помагаме компаниите редовно и во добар обем преку комбинација на мерки и активности и поволности. Ја намаливме невработеноста во последните шест години за речиси 8 проценти поени, а во последниот период создадовме услови за  вработувња на најмалку 10 илјади лица преку директните странски инвестииции само во последната година и уште толку преку домашните мерки за зголемување на вработеноста. Ги реформиравме цивилните столбови на општеството, образованието, судството и здравството и продолжуваме да ги реформираме, посочи шефот на Владата. 

Тој се осврна и на започнатиот циклус на инфраструктурни инвестиции и поддршката во земјоделството како битен сегмент за населението каде се даваат историски највисоки субвенции за земјоделците и се распределија 40 илјади хеткари земја за македонските земјоделци, а во делот на капиталните инвестиции кои, рече, растат од година во година ги наведе новоизградените современи аеродроми и други објекти од културно, образовно, спортско и административно значење, како и патишта. Укажа и на значењето на енергетските проекти како вклучувањето на земјата во енергетскиот коридор „Јужен тек“ и отпочнувањето на изградбата на националната гасоводна мрежа. 

Груевски ја нагласи и важноста на евроатлантските интеграции и на воспоставениот претпристапен дијалог на високо ниво со ЕУ.

- Реализација на европската и евроатлантската интеграција останува во врвот на нашите приоритети. Република Македонија стратешки е позиционирана да стане дел  од НАТО и Европската унија. Реформите за достигнување на стандардите го имаат нашето полно внимание и активизам. Попречувањата  на интегративниот пат не се ненадминливи, но мораат да бидат во духот на правдата, правото, еднаквоста и слободата, резултат на мудро одлучување и остварување на одржливи решенија и, секако, прифатени од народот, порача Груевски.

Големите цели, рече, остануваат пред нас и ние чекориме и ќе продолжиме да чекориме кон нив, но, без лажни ветувања, чесно и искрено, како што сме докажале дека функционираме.

- Можеби понекогаш поспоро, но секогаш сигурно и во корист на народот. За да го одржиме зборот, да го исполниме ветувањето, да останаме блиски со граѓаните за да продолжиме со заеднички успеси. Не ветуваме чуда и никогаш не сме ги ветувале. Решаваме конкретни проблеми. Подобро е да решиш еден проблем кој си го ветил дека ќе го решиш, отколку да ветиш сто, а да не решиш ниту еден. Новите цели се поставени и тие ќе донесат и нов развој. Македонија и во  иднина ќе продолжи да се движи напред, рече премиерот.

Во своето обраќање од местото каде, посочи, Методија Андонов Ченто го одржа победничкиот говор во ослободена Македонија, премиерот запраша и зошто 60 години не ни беше дозволувано да подигнеме негов паметник.

- Зошто никој не изгради споменик на Президиумот на АСНОМ. Зошто ниту Гоце Делчев, ниту Даме Груев, ниту Никола Карев не беа соодветно одбележани. Зошто не беа одбележани плејада на ликови, настани, дејци кои се врежале во нашата историја кои живот давале за да бидеме свои на своето. Предолго некои други во име на нашите граѓани размислувале и одлучувале. Денес кога овие паметници околу нас говорат за нивното дело, за херојските подвизи, за мислата, честа и достоинството, за храброста и мудроста, за саможртвата, ние граѓаните на Република Македонија Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошнаците и останатите благодариме за секој вложен атом нивна сила за изградба на подобрата иднина за сите нас, рече Груевски.

Според него, можноста да се живее во просперитетна и стабилна земја не е право кое ни следува самото по себе и ние вложивме многу и се откажавме од многу за да ја направиме Република Македонија подобар дом за нас и за нашите деца. Во идниот период остануваме насочени кон  достигнување нови стандарди.

- Потребно е  и понатаму да останеме цврсто посветени и обединети. Знаеме дека не е секогаш лесно. Некогаш ќе се случи она кон кое се  стремиме и кон кое беспоштедно се вложуваме да не го оствариме во нашиот животен век, но не смееме поради тоа да се откажеме или да се поколебаме. На нас останува со силна верба во Бога тоа што го посакуваме за нашите најблиски да го оствариме за Македонија, рече премиерот Груевски.

Претседателот на Владата Никола Груевски претходно положи цвеќе на споменикот на президиумот на АСНОМ во паркот „Жена борец“, на споменикот на Никола Карев пред Парламентот и на споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ, во центарот на Скопје.