Премиерот Груевски упати честитка по повод празникот 2 август - Илинден

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани жители на македонската дијаспора,

Пред нас е чествувањето на најголемиот македонски празник – Илинден, денот кој не задолжува, кој не инспирира и не обединува.

Прославувајќи го 2-ри Август, ја славиме традицијата на нашите славни илинденски генерации, се присетуваме на големиот број револуционери и борци, на големиот број на знајни и незнајни јунаци, на нивниот идеал, на нивната посветеност, жртва и одговорност. Си спомнуваме за тешките маки на нашиот народ, но и за избликот на национален напон и стремеж за слобода и сопствена држава, собиран со векови наназад.

Илинден 1903 е кулминација на сите претходни востанија и индивидуални гестови на лична саможртва, вткаени во битието на нацијата. На овој празник се поклонуваме на славното дело на револуцијата, на храброста, доблеста, на љубовта кон Татковината.

Прославувајќи го денот на Илинденското востание, го прославуваме и денот на Првото заседание на АСНОМ на кое се верификуваа придобивките од Народно-ослободителната и Антифашистичка борба, а вековниот сон на македонскиот народ за сопствена држава, започна да станува реалност. На овој ден, во манастирот Св. Прохор Пчињски, делегати од сите краишта на Македонија го издигнаа на пиедестал големиот дострел на нашиот народ и ги поставија темелите на современата македонска држава. Се поклонуваме пред ваквиот историски чин.

Драги сограѓани,

Борбата за Македонија никогаш не запира !

Она што во минатото било стремеж за слобода, денес е стремеж за развој, просперитет и подобар живот за нашите граѓани. Она што во минатото било борба за сопствена држава, денес е борба за повеќе работни места, за повеќе инвестиции, за посилна економија, за интеграција на земјата во НАТО и  Европската Унија, за подобро здравство, за подобро образование, за просперитетно земјоделие. Она што останало исто од минатото, е борбата за чест, за права и за национално достоинство. Таквата борба никогаш не запира !

Нека ни е честит и вековит општонародниот празник Илинден !

Нека ни е успешна и вечна Татковината!

Да живее Република Македонија!

 

 

Со почит,

Претседател на Владата на Република Македонија

М-р Никола Груевски