Тодоров: Историски ден за здравството, прв пат интервентна кардиологија во Битола

Прв пат во историјата на Битола денеска тим на др.Сашко Кедев заедно со тим на претходно обучени лекари во Клиничката болница во Битола изведоа процедури на коронарно стентирање кај три пациенти.

Со ова практично започнува со работа нов центар за интервентна кардиологија во Битола.

- Денешниот ден треба да го запаметиме затоа што практично ова е ден кој се вградува во историјата на Битола, а со тоа и во историјата на Република Македонија. На денешен ден практично прв пат во Клиничката болница во Битола се изведе процедура на интервентна кардиологија и тоа не на еден, туку на три пациенти. Интервенциите завршија успешно, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

На овој начин, посочи министерот Тодоров, во Битола добиваме уште еден центар за интервентна кардиологија, а тоа е доказ, подвлече, дека и Министерството за здравство и Владата на Република Македонија сериозно се грижат и не ја забораваат Битола.

Др.Кедев истакна дека интеревенциите се успешно извршени и пациентите ќе бидат испишани во текот на денешниот ден.

- За нас е важно што отворањето на овој центар го гледаме во правец на отворање на еден навистина квалитетен центар, во кој ќе се работи квалитетно и ќе се контролира квалитетот на работењето, и од внатре и од надвор. Нашиот тим од Скопје максимално ќе го поддржи развојот на интервентната кардиологија во Битола како регионален центар бидејќи Битола заслужува да биде регионален центар, рече др.Сашко Кедев.

Со отворањето на битолската интервентна кардиологија ќе им се овозможи на сите пациенти од регионот да добиваат медицински услуги од овој тип побликсу до нивното место на живеење, што практично значи и намалување на издатоците кои во минатото пациентите ги имаа заради патување.