Промовиран Протокол за постапување во случаи на сексуална злоупотреба на деца и педофилија

Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје денеска го промовираа Протоколот за постапување во случаи на сексуална злоупотреба на деца и педофилија.

Тој ги сублимира активностите на сите релевантни институции кои работат со жртвите на сексуална злоупотреба и идејата е правилно да се постапува со нив во првите моменти по чинот на злоупотреба.  

- Со помош на овој протокол правилно ќе се постапува во моментите во кои на детето му е потребна најголемата поддршка по сите основи. Ова е еден вид прирачник за постапување со жртвите затоа што многу често се случува неправилното постапување по чинот во кој тие биле злоупотребени да создаде дополнителна траума кај жртвата, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Според истражувањето на Канцеларијата на Светската здравствена организација, во Македонија сексуално злоупотребени биле 21 процент од испитаниците од машката популација и 7,3 проценти од женските деца. Расте бројот и на сексуалното злоупотребување деца од врсници каде се евидентирани 29 случаи од кои 13 кај женската и 16 кај машката популација.

Во најголем број случаи жртвата го познава извршителот или пак тој е близок пријател на семејството. Кај девојчињата во 61 процент од случаите жртвите го познавале сторителот, а кај момчињата во најголем дел сексуалната злоупотреба ја имаат преживеано од лице кое било блиско до нив, но не живеело во нивниот дом.

- Бројките се големи, но, сепак, се во рамки на она што значи просек во светски и европски рамки, нагласи шефот на Канцеларијата на СЗО во Скопје Марија Кишман.

Годината има 28 постапувања за сексуална злоупотреба на деца што претставува зголемување во однос на 2011 година што според надлежното Министерство се должи на зголемувањето на свеста кај децата - жртви и нивните семејства за оваа појава.

- Статистиката е негативна во смисла на зголемување на бројот на постапувањата, но јасно е дека како што ќе се зголемува свеста кај децата и кај нивните семејства очекуваме се повеќе да се зголемува бројот на постапувања и пријави затоа што факт е дека и во изминатиот период постеле истите злоупотреби, но поради страв, срам или други причини не биле пријавувани, рече Ристовски.

Согласно Акцискиот план за превенција и справување со сексуалната злоупотреба и педофилија досега е формирано Координаторно тело за борба против сексуална злоупотреба на децата, промовиран е веб порталот „Стоп педофилија“, реализирана е обука во 150 основни и средни училишта и донесен е закон за посебен регистар на педофили кој досега го посетиле 150 илјади граѓани.