Министерот Ристовски им додели благодарници на децата од Домот „11-ти Октомври“

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска се сретна со штитеници од Домот за деца без родители и родителска грижа „11-ти Октомври“-Скопје, кои учествуваа на Европското куп финале на детски домови-Унгарија 2012.

На средбата, министерот Ристовски на десет деца им додели благодарници за достоинствено претставување на Република Македонија и Установата на ова натпреварување.

- Република Македонија има свои свпортски херои. Тоа се децата од Домот за деца без родители и родителска грижа „11-ти Октомври“-Скопје, кои од 30 јули до 3 август беа во Кечкемет, Унгарија и ја претставуваа Македонија, во рамки на нивните спортски активности и постигнаа забележителни резултати, рече Ристовски.

Во Унгарија настапија десет деца на возраст од 15 години во дисциплините: фудбал фрлање ѓуле, скок во далечина, шах и во пинг-понг. Во пинг-понг, шах и фрлање ѓуле децата се четврти, a во фудбал имаме најдобар голман на првенството. Иле Петровски освои сребрен медал во скок во далечина.

- Сите активности кои ние ги реализираме за овие деца евидентно е дека даваат резултати. Веќе работиме на изградба на спортски комплекс во рамки на Домот за деца без родители и родителска грижа „11-ти Октомври“-Скопје, со што дополнително ќе се зголеми квалитетот на нивните активности и ќе имаат уште поуспешни резултати, рече Ристовски.

Овие деца, како што рече, не се различни од другите деца во Македонија, само судбината си пограла со нив и не по нивна вина тие се без родители и родителска грижа.

Ристовски изрази благодарност до установата во која се згрижени овие деца, за начинот на кој ја претставија установата и Република Македонија во Унгарија.

Иле Петровски изјави дека сака да биде подобар и следната година да освои златен медал.