Две возила ќе транспортираат пациенти низ Клиничкиот центар во Скопје

Пациентите од една до друга клиника  во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, ќе бидат транспортирани со две интерклинички возила кои ќе бидат управувани од лица вработени во Заеднички служби. 

Министерот за здравство Никола Тодоров на денешнотo презентирање на возилата рече дека со нивното ставање во функција практично ќе се реши еден проблем кој 50 години егзистираше во македонското здравство, кога пациентите од една до друга клиника беа пренесувани на носилки во услови на дожд, снег, во услови на екстремно топло или екстремно студено време.

- Со тоа се усложнуваше нивната здравствена состојба, но тоа сериозно делуваше и на нарушување на нивната приватност бидејќи сите кои ќе се најдеа во моментот како посетители или пациенти во кругот на Клиничкиот центар беа сведоци на ваков тип на пренесување пациенти и можеа да го видат идентитетот и да ги погледнат оние кои се пренесувани од една до друга клиника, рече Тодоров.

Решението на овој проблем, посочи Тодоров, чинеше околу еден милион денари.

- Тоа за која било држава не е голема сума на средства која би требало да се одвои. Суштината е дека има определени проблеми чие решавање не бара сериозни средства, но во секој случај бара посветеност, истакна Тодоров.

Тој рече дека во периодот додека траела тендерската процедура и онаа на доставување на возилата со Заеднички служби договориле да се оформи Диспечерски центар во кој сите клиники ќе може да се обратат и да побараат возилото да им биде ставено на располагање за да се пренесе определен пациент од една во друга клиника.

- Сите клиники во текот на денешниот ден се известени дека можат да побараат од Диспечерскиот центар возилата да им бидат достапни за нивни потреби. На тој начин решаваме еден сериозен проблем кој ги тангираше пациентите и здравствените работници бидејќи некои од нив имаа обврска да извршат физички транспорт на пациентите од една во друга клиника и на тој начин да губат од работното време, додаде министерот Никола Тодоров.