Ѓорѓиев: 2000 нови оперативни вработувања оваа недела

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,    

Владата одлучи од следната недела да започне процесот на вработување на 2000 лица кои ќе бидат ангажирани за вршење на јавни работи во период од 6 месеци.

За оваа цел, Владата обезбеди и ќе бидат ангажирани 1 милион евра. Исплатата ќе се врши преку општината која ги има ангажирано работниците.

Ќе бидат работно ангажирани моментално невработени лица, со ниска квалификација или повозрасни лица од 55 годишна возраст.

Лицата ќе бидат ангажирани за период од 6 месеци. За време на работниот ангажман ќе добиваат финансиски надомест од 7.600 денари за лице месечно, во кои е вклучено и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.

За време на обезбедување на финансиската поддршка, ангажираното лице не ги губи правата по основ на невработеност, односно доколку користи ваков социјален трансфер, тој додека трае ангажманот ќе биде ставен во мирување, а по завршувањето на ангажманот повторно ќе има правна сила. Лицата го задржуваат и правото на здравствено осигурување.

Лицата кои конкурираа за работно ангажирање веќе ги имаат поднесено своите апликации до општините, општините заедно со апликацијата доставија проекти до нас, и Владата ги одобри и се започнува со процесот. Одобрени се сите 75 поднесени проекти, од уредување на јавни површини, хигиена, уредување на простори, хортикултура итн..

Во текот на следната недела од понеделник секоја општина ќе биде известена за прифаќањето на нивниот проект за работно ангажирање на невработени лица. Исто така, ќе бидат потпишани тристрани договори помеѓу Агенцијата за вработување, општината и невработеното лице кое ќе биде работно ангажирано.

Исто така, преку самите општини, во идниот период ќе бидат работно ангажирани уште дополнителни околу 2000 лица за вршење на јавни работи. И овие лица ќе бидат известени за започнувањето на работниот ангажман во наредните денови. И за овие лица, за кои општините во соработка со Владата, одделуваат дополнителни 1 милион евра, Агенцијата за вработување, општината и лицето кое е работно ангажирано ќе потпишат договори за  уредување на односите, и за нив важат правата по основ на невработеност, здравственото осигурување, и финансискиот надомест од 7600 денари и осигурувањето во случај на повреда на работа и професионално заболување.

Со оваа мерка на Владата, во соработка со општините, работно ќе се ангажираат околу 4000 лица, кои ќе добиваат финансиски надомест од 7600 денари месечно, во траење од 6 месеци, со почитување на сите нивни права. Тоа е конкретна мерка за подобрување на состојбата на овие лица, за стекнување на нови вештини кои се потребни за засновање на траен работен однос. Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на мерки за поттикнување на вработувањата.