Тодоров: Концептот на плаќање по успешност се базира на светски познат концепт

Системот на плаќање по успешност кој почна од 1 јули да се имплементира во сите јавни здравствени установи, претставува концепт кој се базира на светски познатиот концепт FTE (Еквивалент на полно време), применет во многу развиени земји и системи - САД, Канада, Европа. На почетокот на месецот сите здравствени работници почнуваат со загарантирана плата од 100 проценти. На крајот на месецот тие можат да бидат наградени, можат да земат 100 проценти плата, а можат да бидат казнети доколку сработиле помалку од останатите.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, детално појаснувајќи го овој концепт со цел, како што рече, да ги разјасни небулозите кои се појавија во јавноста, а се поврзани со имплементација на овој концепт.

- Целата оваа ситуација е поради два фактори - на промена која секогаш кога постои постои страв од неа, што за мене е разбирливо особено кога станува збор за промена на цел систем на функционирање, а вториот аспект е можеби е една недоволна информираност или можеби во некои случаи дури и намерна дезинформираност. Многу битно за овој концепт е што постои таканаречена дозволена маргина на отстапување. Водевме сметка и за т.н. природни разлики меѓу докторите кои постојат, посочи Тодоров и додаде оти не секој во исти услови може да постигне ист резултат.

Затоа, појасни тој, направивме една маргина на дозволено отстапување која се движи во коефициент од 0,98 до 1,01. Коефициентот е помал над 1, а поголем под 1, што, според него, овозможува поголем дел од докторите да бидат во можност да бидат наградени, а помал процент во можност да бидат казнети.

- Имаме можност на еден еквилибриум односно најголем дел од докторите или 95 проценти од нив да бидат во групата на оние кои ќе земат 100 проценти плата, а еден помал дел да бидат во групата на оние кои ќе земат зголемена плата. Ако сите доктори работат подеднакво тогаш сите ќе земат 100 проценти плата и никој нема да биде казнет. Суштината на овој модел е практично еден целосно десубјективизиран начин или систем за наградување и казнување, систем кој не зависи од волјата на директорот, рече Тодоров.

Потенцира дека на 15 во текот на месецот директорот има обврска да ги извести сите здравствени работници во рамки на здравствената установа кои заостануваат и да ги повика и да им овозможи да го надокнадат заостанатото.

- На овој начин сакаме да докажеме дека не е целта на овој систем некој да биде казнет, туку целта е да имаме целосно избалансирано ниво на работење на сите здравствени работници во една ЗУ односно да нема доктори кои успеат без да работат да ја земат истата плата со оние доктори кои во текот на целиот месец напорно работат и ја работат дури и работата на оние кои недоволно ги извршуваат своите работни задачи. Сакам да ги уверам здравствените работници дека ова не некој експеримент, проба, хир или замисла моја или на било кој од Владата или на Министерството за здравство. Ова е трансформација на еден од последните системи во државата кој остана нетрансформиран, додаде Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека според првичниот извештај на Министерството од добиените податоци од ЈЗУ за плаќање по успешност, од вкупно 1.200 доктори, над 850 овој месец ќе земат 100 проценти плата, 110 ќе бидат наградени, а 10 и 12 отсто од вкупниот број доктори ќе добијат намалена плата бидејќи сработиле помалку од останатите.