Ѓорѓиев: Намалувањето на акцизите би наштетило на здравството и образованието

Цените на нафтата и на нафтените деривати не зависат од Република Македонија, се утврдуваат на светските пазари и зависат од понудата во дадениот момент и односот меѓу валутите. Во таа насока, Владата нема посериозна улога во утврдување на цените.

Ова денеска го изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата посветена на состојбата со пожарите ширум државата, нагласувајќи дека Македонија е единствена земја која не зголеми ниту еден данок и оти евентуалното намалување на акцизите би наштетило на здравството и образованието.

- Владата не зголеми ниту еден данок кој дополнително би ги оптоварил овие аспекти и детали. Владата презема определени мерки и активности со кои се обидува во овој период да помогне на стопанството и на граѓаните. Во овој момент не се размислува за намалување на акцизите, затоа што средствата кои се користат од акцизите се користат за сервисирање други потреби во поглед на образованието, изградба на училишта и во поглед на здравството, односно обезбедување лекови и медицинска грижа, рече Ѓорѓиев.

Цениме дека во дадениот момент кога немаме директно влијание при утврдување на цената, нагласи, евентуални краткотрајни интервенции не би биле полезни и би можеле да ги загрозат другите аспекти кои се сервисираат од страна на дел од давачките.

- Во секој случај, Владата останува посветена да не зголеми ниту еден данок кој дополнително би ја оптоварил позицијата во која се наоѓаат граѓаните, предизвикана како ефект од надворешни влијанија, додаде Ѓорѓиев.

Владиниот портпарол потсети дека сите 27 земји-членки на Европската унија ги зголемија даноците, а Република Македонија, како што истакна, е единствена земја која како кандидат за членство во Унијата не зголеми ниту еден данок.