Владата со мерки за состојбата со пожарите

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,
           
Владата разгледуваше Информација во врска со состојбите со пожарите во државата, во поглед на ангажманот на ресурсите во функција на третирање и превенција од нови пожари, како и постапување во случај на појава на истите.

Притоа, Владата ги усвои следните ставови:

1. Од трети август влегува на сила забрана за влез и движење во шумите од страна на физичките лица.                         

2. На барање на Дирекцијата за заштита и спасување Владата обезбеди 10 милиони денари, кои беа побарани во овој случај, и даде согласност за нивна алокација за исплата на надомест за ангажирани обврзници за гасење на пожари, резервни делови и прегледи на авиони, телефонски трошоци. Владата останува подготвена за ангажман на дополнителни средства доколку за тоа се појави потреба и барање од органите.

Владата одлучи од задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати да отстапи бензин БМБ 95 и дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС и тоа:
    - Бензин Еуросупер БС 95, 28.000 литри;
    - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС, 98.200 литри.

3. Се задолжи Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со ЈП „Македонски Шуми“, во текот на денешниот ден да достават до Министерството за одбрана и АРМ критични региони за надлетување и следење.
    
4. Се задолжува Министерството за одбрана во периодот од усвојување на информацијата до 15.09.2012 година да врши надлетување и следење на регионите кои ќе бидат доставени од Дирекцијата за заштита и спасување и ЈП „Македонски Шуми“.
    
5. Се овласти ЈП „Македонски Шуми“ дополнително да ангажира работници кои ќе бидат ангажирани за следење на ситуацијата и нивно вклучување во евентуални акции за спречување на пожари.

6.  Се формираше работна група која во рок од 30 дена треба да изврши анализа на сите законски и подзаконски акти од аспект на надлежност во ситуација на пожари и поплави и да предложат мерки за подобрување на можностите за интервенција и превенција во ситуација на пожари и поплави, со казнени мерки поради непочитување на истите.

7. Се задолжија Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство - Државен инспекторат за шумарство и ловство и Шумска полиција, во рок од 7 дена од усвојување на оваа информација, да достават до Владата детална информација за извршени контроли и инспекциски надзор, со податок за бројот и видот на поднесени пријави против сите субјекти кои извршиле прекршување на законските и подзаконските акти, од аспект на опасност за предизвикување на пожари, за изминатите 3 години.
    
8. Се задолжува Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство - Шумска полиција, во рок од 7 дена од усвојување на оваа информација, до Владата да достави информација за нивото на опременост на шумската полиција и потребите за доопремување на истата.
    
9. Се задолжува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рок од 10 дена од усвојување на оваа информација, да го достави на разгледување новиот текст на предлог Законот за шумска полиција.
    
10. ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ ќе преземе активности за отстранување, т.е. уништување на целата вегетација во близина на железничките пруги, која што може да претставува опасност за предизвикување на пожари.
    
11. ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“, доколку постојат технички можности, ќе треба во рок од 5 (пет) дена од усвојување на оваа информација 1 (еден) воз со цистерни за гаснење на пожари да го постави на железничка станица во Велес и истиот по потреба да биде активиран за гаснење на пожари.
    
12. Се задолжуваат сите субјекти од системот за управување со кризи и се укажува на единиците на локалната самоуправа да ги известат сите вработени и соработници во случај на опасност од појава на пожари веднаш да известуваат за истото на бесплатниот телефонски број 195.

13. Се задолжуваат Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, доколку е потребно, да вршат превоз на Републички сили за заштита и спасување до опожарените површини.

14. Се препорачува на единиците на локалната самоуправа постојано да ја следат состојбата во однос на пожарите, задолжително да ги активираат оперативните планови за заштита и спасување и покрај територијалните противпожарни единици да формираат противпожарни единици од сезонски пожарникари  и да се ангажираат за обезбедување на опрема за истите во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување.
    
15. Владата потсетува дека согласно законите, најстрого се забранува палење стрништа на отворено. За непочитување на оваа норма ќе следуваат најстроги санкции.

Потсетуваме дека од огромно значење е сите субјекти при третирањето на појави на загрозување да го почитуваат предвидениот систем на реакција.

Согласно член 6 став 1 точка 6 од Законот за заштита и спасување, заштитата и спасувањето во Републиката се заснова, меѓу останатото и на следното основно начело „при ангажирање на силите за заштита и спасување се употребува моделот на постапност, при што најпрвин реагираат силите на сопственикот, потоа општините и Градот Скопје, Републиката и Меѓународната заедница“.
Ова е согласно член 35, став 1 точка 8 од Законот за заштита и спасување, во остварувањето на заштитата и спасувањето на подрачјето на единицата на локалната самоуправа, градоначалникот меѓу другите ја врши и следнава работа: во услови кога со силите за заштита и спасување од точката 4 на овој член, ако не можат да се отстранат последиците од природните непогоди, и други несреќи, бара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување.

Почитувањето ќе има големо значење во поглед на користењето на ресурсите ефикасно и ефективно.

Владата останува будно да ги следи состојбите и да интервенира кога ќе има потреба за тоа.