„Ни недостасува поевропскиот поглед врз нештата“

Г. Попоски, каква е климата во регионалните односи на Балканот?

- Сега сме во добра фаза и мислам дека сите можеме да покажеме поинаков лик на Балканот. Најчесто надвор, Балканот се поврзува со конфликти, проблеми, блокади, како и со различни поделби. Сметам дека сега сме во состојба да го промениме ова восприемање. Од неодамна Македонија е претседавач на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и  нашата основна порака е да се поддржуваме заемно, се повеќе да се обединуваме и  Балканот да го направиме појасно видлив однадвор.  На тоа треба да се акцентираат сите земји во регионот.  

Ве загрижува ли тоа што се случува во Северно Косово, напрегнатоста на која сме сведоци ?

Ние сме дел од регион во кој тоа што се случува, во различни рамки и конфликти, се одразува врз сите  земји. Нашата цел е такви ситуации да се што може помалку. Не би рекол дека, ако постои некоја криза или проблем во Косово, тоа не би се одразило на останатите земји во нашиот регион. Најдобриот рецепт е да гледаме кон заедничката иднина што стои пред нас. И тоа е Европската Унија. Ако погледнеме кон таа перспектива, помалку ќе бидат и ризиците од проблемите.

Какви се бугарско-македонските односи денес, 20 години по воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји?  Зошто продолжува да се комплицирани, а на моменти и прилично напрегнати?

- Мислам дека има многу елементи кои може да придонесат односите меѓу Бугарија и Македонија да бидат извонредно позитивни. Сметам дека Бугарија по своето зачленување во Евроската Унија и НАТО  треба да постане моќен поддржувач на влегувањето на сите останати држави во регионот во тие меѓународни организации. Би сакал да видам повеќе пораки од страна на Бугарија, кои би биле фокусирани врз изградбата на оваа поддршка.  Таа би била најјак знак дека можеме да градиме заедничка иднина.  Во минатото се нагледавме  на многу поделби и конфликти. Мислам дека сега нашите односи треба да се одвиваат во европски дух.  20 години се еден сериозен период и по него би било пологично да видиме дека европската линија доминира врз бугарско-македонските односи. 

Но еве, Скопје и Софија изостануваат од тоа, а билатералните односи  тонат. Зошто е тоа така?

- Многу често се работи за вештачки и искривени претстави. Мислам дека повеќе внимание се обраќа на теми поврзани со делењето и изградбата на одредени искривени позиции и дека недоволно се инвестира во заемната соработка.  Имам предвид дека соработката не оди на ниво граѓански организации, бизнис, општини – простор кој ни отвара многу нови можности. За жал, пред јавноста доминираат други акценти. Понекогаш, спорадични проблеми се претставуваат како основни и водечки. Мислам дека ние имаме добра база врз која да ги градиме односите помеѓу нас како меѓу две европски  држави, кои заемно  ќе се  поддржуваат, почитуваат и со желба иднината да ја изградат во рамките на европското семејство. Еве такви односи  ни се потребни.

Не постои сомневање во тоа, г-не Министре,  но инцидентот од 4ти мај о.г., кога бугарскиот амбасадор во Скопје беше нападнат кога нашата делегација се обидувала да положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, покажува нешто друго, нели ? Како министер за надворешни работи Вие како ги перцептирате сличните инциденти во нашите односи?

- Треба да ви кажам дека на овој случај му беше придаден контекст којшто ги акцентира конфликтите на сметка на соработката.  Важно е да  се свртиме кон конструктивноста. Инцидентите не се добредојдовни во нашите односи. И во Македонија, и во Бугарија треба да се погрижиме акцентот да биде врз линијата на соработка помеѓу нас. Во овој процес нашите амбасади го имаат своето важно место, тие ги изградуваат нашите односи и тоа треба да биде во  фокусот на јавниот интерес. Само тој којшто сака  да  создава  негативна клима во нашите  контакти би имал интерес да предизвикува инциденти независно дали постојат или не.

По овој случај, дали Вие го дискутиравте случајот со Вашиот бугарски колега, министер Младенов?

- Имавме можност да се видиме на меѓународни форуми. Од македонска страна нашата клучна порака беше дека би сакале Бугарија да посвети повеќе внимание на видливата и постојана поддршка за евроатлантската интеграција на Македонија. Тоа би бил многу јак сигнал. На самитот на НАТО во Чикаго зборувавме со министер Младенов и за тоа дека, доколку бугарската поддршка за Македонија се реализира, ќе го скршиме еден од најстарите стереотипи, кои се многу традиционални за сите нас на Балканот – а тоа е дека повеќе си причинуваме проблеми и пречки  отколку што се поддржуваме . Сметам дека имаме потенцијал да направиме промена на тој план за да можеме да си помагаме и соработуваме во реализацијата на нашите заеднички проекти.

Г-дине Министре, Вие знаете дека Бугарија во последниве години секогаш ја поддржувала  Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, но нашите односи некако наспроти тоа не успеваат  многу да напреднат...

- Понекогаш ни недостасува еден поширок, поевропски поглед на нештата. Мислам дека тоа е единствениот рецепт за добри билатерални односи – да ги гледаме преку призмата на успехот во европската интеграција и да  сме заедно во европското семејство. Но, понекогаш во таа насока се појавуваат и проблеми. Се чувствува недостаток на позитивни примери за заемна соработка и тоа е сериозен  недостаток.  Постои тенденција вниманието да се фокусира врз проблемите и предизвиците. Затоа, сметам  дека е многу важно пораките да се во европски дух.  Во таа насока можеме многу да направиме – да го подобриме ликот на соседот, подобро да се запознаеме со него. Еве тоа треба да биде доминантно помеѓу нас.

Но случајот со македонскиот филм „Трето полувреме“ не  е таков. Во него Бугарија е покажана како фашистичка држава. А тоа  пречи на европскиот дух на нашите односи, за кој вие зборувате, не мислите ли?

- Не можам да коментирам нешто што не сум го видел. Од она што знам за овој филм е дека станува збор за една љубовна историја претставена во извонредно трагичен период од историјата, што се однесува на Втората Светска војна и  Холокаустот. Не сметам дека филмската уметност треба да се одразува  на нашите односи во иднина. Во секој случај, тие мрачни глави од историјата не треба да бидат причина за одбегнување на зближувањето меѓу државите. Кога држави како Франција и Германија,   на пример, успеале да надминат слични проблеми и станале основувачи на заедничката европска идеја, тоа означува дека треба и нас да не инспирира  да направиме повеќе за заемната соработка. Треба да оставиме сите елементи како филмска индустрија, култура и уметност да се одвиваат по својот пат.  Но, тоа што треба да биде наша заедничка цел е политичките  решенија да се земаат врз основа на заедничките интереси, а не врз искривени претставувања за пријателска или непријателска позиција кон некого.  Најважно за нас е да се концентрираме врз иднината и тоа ќе ни ги изгради мостовите. 

Каков е во Македонија одгласот од изјавата на премиерот Бојко Борисов дека доколку Бугарија биде запрашана за името  „Северна Македонија“,  нашата земја ни би била согласна поради што тоа би можело да предизвика територијални претензии од страна на Скопје ? Како вие како надворешен министер би реагирале на таква изјава?

-Мислам дека во моментот во кој на Република Македонија и е наметнат нелогичен спор, притоа без никаков основ, и кога тој спор се злоупотребува за поширока опструкција и блокирање на Македонија, нема никаква потреба од дополнително проблематизирање. Македонија е ставена во една ситуација во која Грција непринципиелно и вон правните рамки ја блокира перспективата на нашата земја да се интегрира во НАТО и во ЕУ. Ова не само што не се базира врз заедничките интереси, туку и многу пречи. Тоа е констатирано во одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Во тие услови  секое  дополнително комплицирање на ситуацијата задава тешкотии. Сметам, дека секој добронамерен може да придонесе само ако  предлага начини за дополнителна интеграција, а не за опструкции на процесот.  Во таа смисла, Република Бугарија не би требало  да ја изградува својата позиција врз основа на оспорување и блокирање на македонската интеграција. Затоа, би сакал да видам пораки што ќе бидат базирани на конкретна поддршка, на позитивен тон и на зголемувањето на комуникацијата помеѓу нас.  Ние тоа  го сакаме.  Дали Грција, преку својата политика на спротивставување и опструкции на интеграцијата на Македонија, де факто дава тон за можноста, врз слична база, да се гради надворешно-политичка позиција и таа да станува атрактивна за други држави, е посебно прашање. Не треба да дозволиме тоа да биде доминантна тенденција. Треба да изградиме обединета  позиција дека сите ние имаме заеднички интерес да си помагаме меѓу себе и што е можно побрзо да станеме дел од европското семејство. Бугарија има многу добра позиција да биде мотор на една таква политика.  Навистина жалам што Грција ја испушти можноста уште од моментот кога Македонија ја објави својата независност да стане шампион во евроатлантските структури. Погледајте, на пример,  што прави една Финска за Естонија. Тоа е инвестиција која секогаш може да се врати. Мислам, дека Република Бугарија  има можност по влегувањето во ЕУ да ја преземе улогата на мотор во интеграцијата во ЕУ на Западниот Балкан. И јас би сакал токму тоа да го видам во бугарската надворешна политика. Со тоа сите во регионот ќе добиеме.

Пред некое време, македонски аналитичар изјави дека не би било лошо Бугарија да влезе во спорот за името меѓу Македонија и Грција за да покаже колку  е апсурдно грчкото настојување. Како гледате на слична можност? 

- Грција многу долго гради имиџ на земја која ја блокира интеграцијата на својата соседка. Би сакал тоа време да можеше да се врати,  овој имиџ да не постои. За жал, минатото не се враќа. Но иднината е таа, на која можеме да влијаеме. Најдобро за иднината на Грција, и  посебно во условите на сериозна економска криза, која виси над Европа, би  било таа Европа да гради имиџ на конструктивен партнер, кој ја поддржува интеграцијата на регионот, а не на таков кој ја блокира.  Дополнителните елементи во овој крајно ирационален спор, користени  како образложенија за блокирањата се непродуктивен приод.  Мислам дека Бугарија може да ја подобри својата позиција со внесување на позитивен фактор, елемент од разум од гледна точка на држава, член на НАТО и ЕУ.  А тоа, што кажувате, дека спорот е апсурден е сосема точно. И мислам дека никој разумен човек денес нема да  се согласи дека  причините се логични.  Во последниве 20 години во Атина се изгради еден мит дека постоењето на независна Република Македонија претставува закана за безбедноста и територијалниот интегритет на Грција. Ова не може да се дефинира на друг начин  освен како глупост.  Во истото време, во денешниот  контекст, ние заедно споделуваме заеднички интереси и дејствија во полето на безбедноста. Не заборавајте дека Република Македонија е контрибутор во мисијата на ИСАФ во Авганистан каде заедно со делови од армиите од нашиот регион учествува во заедничка мисија.  Во рамките на општата европска политика за безбедност постои една општа бригада од Југоисточна Европа каде македонски, бугарски, грчки и војници од другите земји од регионот  учествуваат во една заедничка воена мисија.  Тоа е голем симболичен  пример. Пред 100 години армиите на овие држави  може  да се бореле меѓу себе и нашите народи да страдале од тие војни и  рушевини. Но денес, можеме да бидеме заедно под една команда и да ги штитиме заедничките и регионалните интереси.  Споредете ги овие две состојби на нештата со оној мит и глупост за блокирање на Република Македонија од страна на Грција. Гледате за каков контраст станува збор.

Пред некое време, поранешниот српски претседател Борис Тадиќ предложи Белград да посредува меѓу Скопје и Атина за спорот за името на вашата држава. Може ли некој од соседите на Македонија да учествува во решавањето на овој проблем?

- Не мислам дека некој од регионот би имал главен придонес и би се вклучил во еден крајно  ирационален  проблем. Од изминатите 20 години стана јасно дека клучот за решавање на проблемот е во Атина,  кај тие кои ги носат одлуките таму. Ако тие успеат да ги надминат стереотипите за победници и победени, ако се откажат од блокирањето, јас сум сигурен дека тоа би бил единствениот пат Грција да изгради подобра позиција во иднината. Овој тип на проблеми може да се надмине со промена на менталитетот  на тој кој го создал. Не може да се бега од реалноста.  А таа е дека Република Македонија постои и ние сме дел од една заедница каде доминантни треба да бидат почитувањето на правото и на демократските принципи.

 

Извор : Неделник „ТЕМА“

Новинар: Николај Крстев, БНР

 

 

Категорија: